Има ли спас за црквата во Курбиново?


Преспа – На само неколку километри од брегот на Преспанското Езеро, во пазувите на планината Баба, над селото Курбиново, е црквата „Свети Ѓорѓи“. Еднокорабна градба, со скромна архитектура, но со фасцинантен фрескоживопис. Таа претставува еден од најрепрезентативните споменици на културата во Македонија, надалеку познат по фреската на светецот Архангел Гаврил, наречена „Ангелот од Курбиново“. Изградена е во 1191 година, во 12 век, а за споменик на културата е прогласена во 1952 година. Своето место во ризницата на светски вредности го обезбедува токму со фрескоживописот, кој се смета за бисер на византиското сликарство. Овој драг камен на македонската култура сега е во толку очајна состојба што прашање е дали може да се спаси ова уметничко ремек-дело.

Неодговорноста, лошиот конзерваторски третман досега, неразбирањето и недовербата меѓу локалните и државните институции и долгогодишното отсуство на вистинска грижа за културното наследство, доведе до тоа малата црква, која е своевидна македонска Сикстинска капела со години да се распаѓа пред очите на домашната и светската јавност.

Првите заштитни интервенции на црквата во Курбиново биле правени во 1958, потоа во 1984, а конзерваторски активности имало и во 1991 година. Но атмосферските влијанија и тектонските поместувања постојано ја влошуваат состојбата на градбата како целина. Пред неколку години, над покривот кој прокиснувал, ставен е времен заштитен покрив, а влагата ги уништила фреските. Тоа значеше дека мора да се направат целосни конзерваторски-реставраторски интервенции врз црквата. Во 2013 година тим од Завод и музеј Битола ги започна активностите за обнова на црквата, кои до денес не се завршени, со што се доведува во опасност ова непроценливо богатство. Истражувачките активности покажале дека и архитектурата и фрескоживописот се сериозно загрозени.

„Во 1991 година направена е конзерваторска козметика, при што поголем дел од фреските се премачкани со органски премаз, а сега, по 27 години, фреските пожолтуваат како стара хартија. Не знаеме во каква состојба овој премаз може понатаму да ги доведе фрески, дали можеби ќе се случи уште поголемо затемнување со што ќе се наруши нивниот автентичен изглед“, вели Ристо Палигора, советник конзерватор и раководител на тимот од Завод и музеј – Битола, кој работи на конзерваторско-реставраторските активности.

И покрај ваквите загрижувачки наоди во изминатите пет години, работите тапкаат во место. Палигора вели застојот се должи на тоа што комисијата формирана од Националниот конзерваторски центар имала забелешки на проектот изработен од тимот во битолскиот Завод и музеј.

„Ние изготвивме проект за конзервација на фрескосликарството и архитектурата. Проектот имаше стручна контрола, која даде свои сугестии и мислења, а потоа се јави мал застој. Има различни мислења околу начинот на кој треба да се консолидира архитектурата. Ние излеговме со еден проект што е многу обемен, комисијата за контрола најде одредени забелешки на проектот, но не даде други солуции и алтернативи“, вели Палигора.
Од Министерското за култура велат дека ако работите на црквата во Курбиново започнале во 2013 година, во овој период од пет години требаше да резултираат со конзервација и презентација на споменикот во целина. Советникот на министерот за култура Донка Барџиева вели дека според пропишаната методологија и општо прифатените стандарди недостига добро обмислена програма за работа.

„Добро обмислена програма овозможува добри резултати во правец на откривање на причините за оштетувањата. Таква комплексно обмислена програма, која би го опфатила споменикот во Курбиново во целина недостасуваше, односно правени се парцијални програми со резултати кои заемно не соодветствуваат“, вели Барџиева.

Комисијата за стручна контрола по извршениот увид не го прифатила конзерваторскиот проект за Курбиново. Во нејзиниот извештај се забележани пропустите и препораките, а во заклучокот се наведува зошто проектот не е прифатен.

„Една од главните причини е што во проектот не се направени сите неопходни истражувања и анализи, а направените не се на време насочени, доволно елаборирани и интегрирани во проектот што доведува до отежнато следење на предложените, а во голем дел, несоодветни конзерваторско-реставраторски интервенции. Комисијата препорачува изработка на нов проект за конзервација и реставрација на градбата при што треба да се искористат сите релевантни резултати од досега извршените истражувања (и интервенции) во правец на стабилизација и автентично презентирање на објектот и на сите негови содржини“.
Барџиева додава дека комисијата не нуди решенија, туку тимот од Завод и музеј треба да изработи нов проект. Но, поради неефикасноста најавува промена и формирање нов тим.


„Раководителот на тимот кажал невистина пред јавноста бидејќи не станува збор за забелешки од комисијата туку за неприфаќање на проектот и потреба од изработка на нов, кој досега не е изработен. Тимот бил должен да постапи според заклучокот на комисијата. А во однос на изјавата дека комисијата не нуди ‘решенија’ неопходно е да го потсетиме раководителот на тимот дека само тој што истражува, односно тимот може и треба да понуди решенија. Но, доколку тимот во овој состав за пет години не успеа да изработи проект за конзервација и постојано го доведува во опасност споменикот, неопходно е да се формира нов тим од експерти кои конечно ќе понудат соодветно решение. Времето изгубено во преписки, дописи и правдања треба да го замениме со стручно, компетентно и ефикасно решение преточено во конзерваторски проект во духот на стандардите содржани во меѓународните конвенции“, вели Барџиева.

Од друга страна, Палигора тврди дека најголем проблем за обнова на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново е недостигот на средства. „Сите со големо одобрување и поддршка се однесуваат кон црквата во Курбиново, но треба да се види кои се тие сили што ја намалуваат ефикасноста“, нагласува тој. Од Министерството се категорични дека парите не се проблем, затоа што во 2018 се предвидени 2,5 милиони денари за Курбиново, со отворена можност за зголемување на износот во зависност од предвидената динамика на реализација.

Додека државните институции се договараат, преговараат и се убедуваат, месното население предупредува дека може неповратно да го изгубиме ова непроценливо богатство.

„Работите се во застој веќе 5-6 години. Одолговлекувањето резултира со тоа што постепено се распаѓаат сите фрески, а пропаѓа и манастирот кој опстојувал повеќе од 800 години. Во 21 век да го доживуваш ова не е чесно за историјата и културата на Македонија“, вели Митко Ристески од Курбиново, кој е домаќин на храмот.

Освен објектот, целосно е запуштена и околината, а до црквата се стигнува по тесен и лош пат, кој со години не е реконструиран. Во црквата „Св. Ѓорѓи“ нема струја, вода, ниту санитарни јазли. Сè на сè, ова ремек-дело на културата е во очајна состојба. Времето за негова заштита, реставрација и конзервација, забрзано истекува. Дури, прашање е дали има спас за Курбиново.
Апел за забрзување на активностите во манастирот во Курбиново, како и инфраструктурни услови за пристап до објектот, упати и ресенската локална самоуправа на трибина што деновиве се одржа во Ресен.

Емилија Мисирлиевски