Зошто ќе гласам за Европа


Ерол Ризаов

По 42 години во оваа професија и 30 години пишување за неопходноста Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ, како гаранција за побезбедна и побогата, послободна, почиста држава и подобар живот на граѓаните, убаво е да се доживее тој чин како еден вид признание дека не било сè залудно. Неповторливо животно и професионално искуство е да се биде непосреден сведок и хроничар на историски настани како се урива последното прибежиште на криминалците маскирани во патриоти и како Македонија станува земја на здравиот разум, на владеење на правото, европска земја на прогресот, да се види како заостанатоста, примитивизмот и провинционализмот се повлекуваат пред образованието, науката и слободните луѓе.

Првите текстови за влез во ЕУ и во НАТО ги објавив како единствен излез за спас на Југославија од граѓанска војна и крваво распаѓање. Се разбира, тоа не беше мое откритие, туку на една импресивна група познати интелектуалци, деловни луѓе и политичари од просторите на Југославија и голем број новинари и медиуми кои силно ја поддржуваа таа ориентација. Нивните аргументи се чинеа несоборливи во прилог на западната определба на Југославија, која беше полиберална од сите централно и источноевропски комунистички држави. Надежите дека и во некаква асиметрична федерација, или конфедерација, сите југословенски републики можат да влезат први од земјите зад „железната завеса“ во состав на Европската Унија и на НАТО беа големи и не без причина.

Премиер на Југославија стана Анте Марковиќ, либерално и прозападно ориентиран бизнисмен кој состави влада која требаше да ја внесе Југославија во Европа, цела, или конфедеративна, сеедно. За кусо време Марковиќ стекна големи симпатии во јавноста во сите републики. Економските реформи почнаа да даваат резултати, граѓаните на Југославија ги видоа благодатите од либералната економија, платите и куповната моќ само за една година пораснаа како никогаш. Премиерот Анте Марковиќ и во земјата и надвор од неа доби огромна поддршка. Но сето тоа траеше многу кратко време. Уште со првите успеси и зголемена популарност почнаа да работат националистичките фабрики, кои исто така се нарекуваа патриотски. Српските политичари предводени од Слободан Милошевиќ и ЈНА и нејзините генерали поставија црвени линии кои ја обезбедуваа позицијата на Србија како хегемон, што предизвика голем револт кај сите други. Асиметричната федерација, или конфедерација прифатлива од ЕУ, многу бргу изгасна пред националистичкото цунами на Милошевиќ. Не помина ни формулата за мирно разединување.

Што повеќе аргументи дека потрошениот историски модел на Југославија треба да се замени со повеќе самостојни држави кои по мирен пат ќе се приклучат кон евроатлантските интеграции не даде резултати. Бадијала беа сите тие светски државници, премиери, претседатели и кралеви кои доаѓаа во Белград и го молеа Милошевиќ да ја прифати мирната разврска на Југославија и да овозможи без крвопролевање новите држави да се интегрираат во ЕУ. Колку беа молбите и аргументите посилни, толку се заоструваше јазикот на омраза по медиумите, толку посилно се слушаа заканите за крвавата разврска. Тоа и се случи. На европска почва крвавиот распад на Југославија беше најголемата воена трагедија по Втората светска војна. Шовинизмот и национализмот направија пустош од една убава, просперитетна држава, лидер во регионот и пошироко. Беше тоа голема трагедија со илјадници жртви, уништени огништа, цели градови и села, големи преселби и наталожена омраза која не стивнува и ден-денес, 26 години по распадот.

Македонија ја имаше среќата нејзин прв претседател да биде Киро Глигоров, искусен политичар, личност на континуитет од АСНОМ до независна Македонија, кој успеа со потпишан договор со ЈНА, без ниту еден испукан куршум на територијата на Македонија, да ја спаси земјата од крвопролевање. Македонците никогаш не му ја признаа во целост оваа голема заслуга на својот прв претседател. Ќе помине уште извесно време кога непристрасните историчари ќе го сместат претседателот Глигоров таму кај што му припаѓа местото. На одеонот. Татковината кога-тогаш ги препознава своите луѓе.

Зошто го кажувам сега ова како аргумент за неопходноста за определба на Македонија кон ЕУ и НАТО и можноста да се биде современа европска држава, земја на слободни граѓани, кои и географски, и политички, и економски, и културно ѝ припаѓаат на Европа. Затоа што сето ова што се случува денес во Македонија опасно ми мириса на последните години на Југославија. Затоа што има милион докази дека ако 1990 година Југославија влезеше во НАТО и во ЕУ како конфедерација тоа ќе беше грандиозен чин, а Македонија ќе беше една прекрасна држава со квалитетен живот на граѓаните и со веќе освоени европски вредности. Никој немаше да го доведува во прашање опстанокот на државата или, пак, со нешто да ја условува.

Деновиве со големи јанѕи ги гледам европските политичари и државници кои доаѓаат во Македонија, како некогаш во Југославија, образложувајќи ја неопходноста и предноста Македонија да го прифати договорот со Грција и да стане членка на НАТО, а во догледно време и на ЕУ. Како стануваат посилни и повидливи аргументите дека единствената алтернатива за опстанок и развој на Македонија се евроатлантските интеграции, така стануваат посилни и поопасни манипулациите и пропагандите на шовинистите и националистите кои ги палат меѓуетничките огнови во Македонија, повикуваат на некакви гордост и достоинство, иако Македонија со договорот и покрај болните отстапки не губи ништо што задира во идентитетските обележја на една нација. Поточно, Договорот од Преспа, членството во НАТО и преговорите со ЕУ задираат длабоко и во едни други наши идентитетски балкански обележја, како што се наследната корупција и клептоманија, склоноста кон криминал на политичарите, примитивизмот и провинционализмот, омразата на сè што е различно од нас… сето тоа ќе биде опасно загрозено со отворањето и особено со затворањето на секое поглавје кое е предуслов за членство во ЕУ.

Мојот совет е: прво мислете на себе и на своето семејство, на своите деца и внуци, на своите идни поколенија. Ако мислите за нив што е најдобро, тоа е најдобро и за државата. Историската шанса не смее да се испушти. Не верувајте им на тие што проповедаат дека имаат подобро решение. Лажат, како што лажеа сиве 27 години. Уште повеќе лажат тие што зборуваат за достоинство и национална гордост. Никогаш, за време на целата независност, не најдоа решение. Нудеа само оправдувања дека другите се единствени виновници, како сиот свет да се заверил против нас. Достоинството и гордоста најлесно се губат во беда и во сиромаштија, особено ако сите во соседството ве претркале и живеат подобро. Договорот со Грција е предуслов да влеземе во Европа. Отстапките што се направени за да биде одржлив и прифатлив договорот се многу помало зло отколку да се остане уште 27 години во балканската чекална, изложени на сериозна закана од распаѓање на Македонија.

Денеска ништо не им значи на тие што биле во право кога предупредувале дека членството во НАТО и во ЕУ на Југославија, било цела, било конфедеративна, може да го одбегне крвавото распаѓање на една прекрасна држава. Така може да биде и со Македонија. И тогаш малкумина веруваа во тоа, ама се случи трагедијата.