Злосторство без казна


Сунчица Стојановска Зоксимовска

Да одземеш дете од родители затоа што го злоупотребувале, да го ставиш под заштита на државата за да направиш човек од него и да го втурнеш во маѓепсан круг на сексуални злоупотребувања, проституција или трговија со луѓе, покажува комплетен крах на целиот државен систем кој како по правило, потфрла кога треба да ги штити малите, слабите и немоќните.

Да имаш пред себе дете од 10, 12, 13 години, кое вели дека е силувано, да ти кажува конкретни имиња и злоупотребувањето да продолжува во континуитет без казни за сторителите, тогаш тоа е вклучен аларм за голем и сериозен проблем со институциите, за тоа какви се , од прва до последна во синџирот. Исто, и за тоа колку тие што работат во нив се стручни, агилни и посветени на работата што (не) ја вршат.

Колку и некој да сака да се огради од одговорноста во својот двор, фактите го говорат ова: девојче Ромче, (иако етничката припадност е неважна во случајот), одземено од родителите на пет години, „прошетано“ уште 7-8 години низ сите врати на гнилиот социјален систем, завршува во најнепопуларните институции за деца со воспитно-социјални и образовни проблеми „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“. Тоа се оние домови секогаш затворени за јавноста, но редовно ги има во вестите под овие наслови: „Исчезнале две штитенички од ЈУ ‘Ранка Милановиќ’“ или „Штитеничка од ’25 Мај’ паднала од четврти кат“. Службите од „25 Мај“ девет пати ја пријавиле Р.И за исчезната. Полицијата поднела кривични пријави за сериозни дела, како полов напад и силување, за мажи трипати постари од Р.И. Само десетина дена по последниот извештај до ОЈО, наместо да биде соодветно згрижена, Р.И била однесена во бесознание во болницата во Велес. Потоа ја носат на абортус и објавуваат дека има индиции оти е жртва на трговци со луѓе!

Државни институции се тие што не го спречиле, туку ги продолжувале можностите со кои ужасот станал секојдневен живот на едно дете. Тоа е социјалниот систем што го имаме во Македонија, а на своја кожа го чувствуваат оние што треба таквиот систем најмногу да ги штити. И покрај реформите што властите ги најавуваа со звучни имиња, и покрај грантовите со кои се исплаќаа разни експерти и невладини организации, како ефекти имаме мртви букви на хартија преточени во закони. Надвор, на улица, сѐ уште има деца што просат (питањето требаше целосно да се искорени уште пред повеќе години), што се дрогираат или што ги злоупотребуваат криминални банди, којзнае како и за што. И тие деца што одат во дневни центри, после 16 часот пак се оставени на себе и на совеста на нивните родители. Некои од нив државата ги сместува во домови како „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“. Дали во двата дома се спроведува некаква едукативна и воспитна дејност, оти зборуваме за „згрижување, воспитување и образование“ на децата? Што добиваат тие деца таму освен креветот и храната? На какво однесување се учат и од кого учат? Се грижи ли некој каде и со кого одат тие деца откако самоволно ќе се „оддалечат“ од установата? Или, тоа се оние домови за кои со шепот се раскажува дека се случуваат страшни работи зад затворените врати: машки и женски деца во критични години спијат во исти соби, користат исти вециња, се учат на лаги, на кражби и на други работи, има обиди за самоубиства, а на нивното однесување вработените гледаат како на нешто вообичаено, што не можат или не сакаат дополнително да се ангажираат да го спречат.

Значи, „Знаците покрај патот“, како што го нарече нобеловецот Иво Андриќ своето ремек-дело, одамна покажуваа како се упропастуваат деца под заштита на државата. Ама некој што има власт и моќ да ги смени работите, не сакаше да ги види. Затоа е обична хипокризија и наводната загриженост, на пример, на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, кои бараат одговорност од сегашната власт, а премолчуваат дека истиот дом и со истиот директор работеше исто и во нивно време. И забраздуваат во политичка некрофилија наместо да дадат поддршка на жртвата и гласно да бараат да се казнат сторителите.

Од друга страна, и сегашниот „систем“ има имиња и презимиња, на секој поединечно – на старател, на социјален работник, на обвинител… на сите што не ги спречиле злоупотребите врз малолетно дете под државна заштита. Затоа, моралната оставка на директорот на „25 Мај“ добро звучи за револтирана јавност, ама нема да ги реши проблемите. Ниту, пак, констатацијата дека е евидентна потребата од подобра координација меѓу сите институции и воспоставување систем кој вистински ќе ги заштити децата од социјален ризик. И тоа е познато и, за жал, најмногу очигледно кога некој случај ќе заврши трагично. Тој „систем“ мора конкретно да ги посочи и да ги казни одговорните што оставиле незаштитени деца во установа за социјална заштита, да ги казни и сторителите, уредно посочени од МВР. Во тој „систем“ мора да проработи елементарно чувство за човечност, за емпатија и за правда, додека се чека деинституционализацијата како похумана мерка за згрижување на децата во социјален ризик.

Сѐ помалку од тоа е изживување врз најслабите. Или, како што пишуваше Андриќ: „Меѓу стравот дека нешто ќе се случи и надежта дека сепак нема, има повеќе простор отколку што се мисли. На тој тесен, тврд, гол и мрачен простор многумина од нас го поминуваат својот век“.