За референдумот, против Владата


 

Роберт Несими

Една недела пред референдумот веќе е очигледно, а воедно и разочарувачки, дека сегашната влада го присвојува целото прашање во обид да го прикаже позитивниот исход како нејзин успех, а вината за евентуалниот неуспех да ја припише на други. Ова е дотолку повеќе жално кога ќе се потсетиме дека партиите кои се сега на власт не добија ниту мнозинство гласови на последните избори, и дека за успешен референдум ќе треба најмногу да се потпираат на гласачите кои не ја одобруваат работата на Владата и се опозициски настроени. Но, токму затоа е повеќе од важно овие гласачи кои се за членство во НАТО и ЕУ, а се против Владата, да излезат на гласање и референдумот да успее. На долг рок тоа е единствената гаранција дека нештата ќе се менуваат, инаку ќе бидеме осудени на владеење на неодговорни влади, како сегашната и претходната.

Голем број граѓани сигурно имаат сомневања и за самиот договор со Грција. Тука е прашањето дали овој договор е најдобар што можеше да се постигне, или дали се пропуштени подобри можности во минатото. Некои можеби се прашуваат дали за возврат не можеше да се добие непосредно започнување на преговорите за членство, па дури и експресна интеграција по примерот на Бугарија и Романија. Албанците се дополнително загрижени бидејќи беа главно игнорирани во текот на преговорите. Тука е прашањето од член 3 од договорот што може да се толкува како негација на другите етнички идентитети во земјата. На крајот, тука е и чувството на неправда бидејќи македонскиот јазик конечно ќе се признае со неговото вистинско име, а албанскиот ќе остане безимен во Уставот и законите на земјата, како „јазикот кој го зборуваат 20 отсто“.

Што се однесува до резултатите на Владата, редно е да се признае дека таа има преземено некои чекори да ја поправи наследената ситуација. Ова е точно во делот на меѓународни односи, каде што позицијата на Македонија во светот е најпозитивна во нејзината историја. Намален е и притисокот врз медиумите, иако далеку од доволно.

Во другите сфери многу работи останаа исти, а некаде се и полоши. Половина од старата „режимска“ влада е дел од новата „реформска“, и тоа не само истите партии, туку и истите фаци. Озлогласени бизнисмени, медиуми и јавни личности само ги променија страните и сега гласно навиваат за новата влада на ист начин како за старата. Јавните набавки и понатаму се прават преку заткулисни матни зделки, често со истите стари фаци и компании. Партиската членска карта и натаму е најсигурен начин за добивање работа во јавни институции.

Владеењето на правото, под слоганот „Нема правда, нема мир“, беше главен проблем под стариот „режим“ и главната сила за мобилизација на опозицијата. Во ова сфера се полагаше најголемата надеж и се очекуваше брз прогрес. Но, се чини, дека ништо не се движи напред. Комисии се формираа и растураа, но правните реформи ги нема никаде на повидок. Се слушаа бомби како обвинители и судии се избрани по партиски линии и договори, но правдата и натаму ни се сервира од тие исти обвинители и судии. Случајот со Алмир покажа дека правниот систем и натаму функционира со етнички предрасуди, и дека нема ништо да ви се случи ако сте блиски со партијата на власт. Лица обвинети за изборни манипулации сега се на фронтот на кампањата „за“, што ефективно одвраќа граѓани од намерата да гласат „за“ и фрла сенка врз целиот референдумски процес. Локалните избори се одржаа на начин што потсетуваше на најдобрите времиња на „режимот“.

Економски се чини дека состојбата се влошува. Генерално, се добива впечаток дека Владата нема поим што сака да прави, па продолжува таму каде што застана старата влада. Навидум таа е посветена на социјални политики блиски до левицата, но тие најчесто изгледаат како копии на најлошите популистички навики на старата влада. Наместо да го адресира огромниот опсег, загубите и корупцијата на јавниот сектор, таа ги покрива дополнителните трошоци со повисоки даноци и повеќе задолжувања. Нема никакво навестување дека надуената администрација ќе се реформира или намалува. БДП стагнира, капиталните инвестиции се намалени, а просечната плата расте само поради промената на методологијата на пресметка и наметнатата повисока минимална плата. И во текот на референдумот најгласната порака е дека сè ќе биде бесплатно, како Европската Унија да е некој Дедо Мраз.

Слична ситуација владее и во другите сектори. Ветувањата дадени на здравствените работници се заборавени и тие ја напуштат земјата во рекордни бројки. Јавното здравство продолжува да биде дувло на корупцијата, со енормни суми дадени на сомнителни компании. Јавните училишта сè уште се соочуваат со старите проблеми на недоволно финансирање и ниско платени учители. Учебниците се полни со грешки, содржини навредливи за Албанците, а физички се во жална состојба. Истовремено, Министерството продолжува да склучува скапи договори со нејзините омилени издавачи. Еколошки ништо не се презема да се адресираат хроничните проблеми на загадување и управување со отпад. Зелените површини продолжуваат да се сечат, на идентичен начин за кој партијата на власт некогаш ја обвинуваше старата влада. За да задоволи неколку олигарси, дознаваме дека Владата се обидела да прави заткулисни зделки да го реставрира загадувачот „Југохром“ без филтри, преку закани и обиди за поткуп на еколошките активисти кои го затворија.

Сепак, ова не се причини да се отфрли договорот со Грција. Напротив, токму од овие причини референдумот мора да успее и интеграциите да продолжат. Ако договорот пропадне, работите ќе се одвиваат само кон полошо, а оваа и следните влади само ќе станат понеодговорни и тирански, надвор секаква контрола. Нашата единствена надеж за судење на криминалите и корумпираните политичари, за претворање на Владата во вистински сервис на народот и за побезбедна иднина, сега лежи во ЕУ и во НАТО-интеграциите. Затоа, токму поради фактот што ова влада е лоша и корумпирана, како претходната, ние треба да се грижиме референдумот на 30 да успее.