За борба со корупција се нема време


Кога во март годинава во Антикорупциската комисија изби скандалот со користење неверодостојни налози врз основа на кои на членовите им биле исплаќани патни трошоци, јавноста побара оставки. И, ги доби. Не од сите, туку од петмина сосе претседателот. Двајца не сакаа да се тргнат ни за жива глава. Уште се таму.
Имајќи предвид дека кратко време претходно, поради исплата на бонуси, „падна“ цела Државна изборна комисија, а ако продолжиме со синџирот на промени ќе стигнеме и до смената на „Илинденска“, општеството се понадева на оздравување на гнилите институции.
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), која беше формирана во 2012 година, никогаш не успеа да се наметне како сериозен државен орган, кој успешно ќе ја игра улогата што ѝ е наменета: исклучителен и ефикасен борец против корупцијата. Наместо тоа, нивната работа се сведуваше на голи бројки за преземени дејствија, во која главно се таргетираа поситни риби, додека крупните се оставаа да пливаат. Никогаш не беше процесиран ниту еден поголем предмет, ДКСК не ги коментираше обвинувањата во „бомбите“, не реагираа ниту кога граѓаните или медиумите ќе доставеа сериозни сомневања за корупција во највисоките државни тела, а не ги коментираа ниту бонусите на нивните колеги од ДИК. Нејзиниот буџет растеше од година в година, стигна до бројка од половина милион евра, а членовите на комисијата добиваа плата поголема од илјада евра месечно.
Изгласани во Собранието, тие се однесуваа како парламентарен приврзок, а не тело од кое парламентот ќе се тресе. И уживаа во нивната неработа. Веројатно, моќ никогаш и вистински не ѝ беше дадена. Беа „хранети“ со високи сметки за ручеци и вечери во елитни ресторан, патувања во странство, изнајмување стан…
Токму затоа, по оставките во март, сите верувавме дека навистина ќе заживее новата регулатива за спречување корупција, која предвидуваше поинакви и построги правила за избор на членовите на Антикорупциска, се уредуваа мерките и активностите за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, спречување на судирот на интереси и корупцијата при вршењето работи од јавен интерес…
Така звучи на хартија, а во реалноста ќе се почека. Уставните измени го диктираат темпото, а треба да се донесе и буџетот за наредната година. Итрите пратеници се сетија дека стариот закон може да им се најде уште еднаш барем, па набрзина да одберат пет члена што ќе ја пополнат Антикорупциска барем за претседателските избори напролет. Оти од нив и онака не се очекува ништо да сработат.
Оставете ги приказните дека власта инсистира да се донесе новиот закон, а опозицијата, која раководи со Комисијата за избори и именувања, намерно не свикувала состанок. Двете страни совршено функционираат кога имаат интерес. Власта, уште повеќе, е способна во „пет до дванаесет“ да најде осум опозициски пратеници што ќе гласаат за промена на уставното име, ама не може да ја „скрши“ опозицијата кога е во прашање имунитетот на Никола Груевски, Советот на Македонската радио-телевизија, статусот на Специјалното јавно обвинителство…
Целосно фокусирани на решение за спорот за името, продолжуваме да ги ставаме под тепих работите што не чинеа, наместо да се ослободиме од нив. Лошо е што политичките елити мислат дека ја купуваме нивната приказна. Уште полошо е што сметаат дека „утре“ Брисел или Вашингтон ќе ни го чисти ѓубрето.

Горан Адамовски