За анкетите


Александар Кржаловски

Во претходната колумна пишував за анкетата на МЦМС (тогаш последна, т.е. актуелна) за политичките случувања во земјата, особено околу гласањето за почеток на уставните промени од 19 октомври. Покрај коментирањето на резултатите од анкетата, една од причините за написот беше и демистификација на некои работи околу анкетите воопшто, но што поради интересните резултати, што поради ограничениот простор за колумна, само малку се задржав на тоа. Затоа во овој текст ќе се задржам повеќе на општите работи околу анкетите и некои стереотипи за нив, иако во меѓувреме МЦМС и Телма објавија уште две анкети вредни за анализа.

Една од главните работи кои се коментираат при секоја анкета, особено во однос на рејтинзите на политичките партии (или исходи на кои било избори) е дали тие го „погодиле“ резултатот. Иако е точно дека таквите анкети се прават за да се провери расположението на граѓаните во одреден момент или пред самите избори, анкетите не можат точно да го „погодат“ резултатот (освен случајно), туку да дадат доволно блиска слика што може да се очекува при следни избори. Впрочем, затоа и при секоја професионално спроведена анкета, а и според законските обврски, се објавува нивото на статистичка грешка и нивото на доверба (веројатноста) на резултатите. Вообичаено е тие бројки да се +/-3% (за грешката) и 95% (доверба). Второво значи дека ако се повтори 100 пати истата анкета, резултатите во 95 случаи ќе се во рамките на тие +/-3%. Но, секако е можно, односно очекувано е во преостанатите 5 (5%) случаи резултатите да бидат надвор од тие граници. Значи, секогаш треба да се има таа резерва дека најверојатно резултатите ќе се во рамките кои произлегле од анкетата, но има мала можност (научно поткрепена) тоа да не е така.

За самата статистичка грешка, таа често се занемарува во коментарите или се вели дека се анкетирани премалку испитаници. Веднаш да го демистифицираме второво – дека статистичката грешка (или маргината на грешка) не зависи од вкупната популација, туку од големината на примерокот, т.е. бројот на испитаници. Па така, ако сакаме попрецизни резултати, на пример со маргина на грешка од 2 отсто – треба да се прашаат точно 2.401 граѓани; за грешка од 3 отсто треба точно 1.067; итн. и затоа нема врска дали се работи за малата Македонија со два милиони жители или големата Америка со 300 милиони, грешката ја одредува примерокот. И затоа е најчесто 3,1 бидејќи се оди со примерок од околу 1.000 испитаници.

Овие работи може лесно да се видат и согледаат кога се прават многу анкети (од исти или различни анкетари) во ист/сличен период и тоа е така во САД, каде што за многу теми анкети се прават на неделно ниво. Па така, ако одите во кое било време на веб-страницата realclearpolitics, може да најдете преглед на сите анкети од разни агенции, за сите актуелни прашања, а во континуитет на пример за (не)одобрувањето на Американците на работата на претседателот (во случајов – Доналд Трамп). Во последниот период, нивото на недоверба кон претседателот Трамп е мнозинско и се движи меѓу 51 и 55 отсто, и тоа е така во речиси сите анкети, без разлика која агенција ги спровела. Но, ќе се забележи и еден исклучок, на најреномираната светска агенција „Галуп“ од 26.11., во која недовербата достигнала и 60 отсто!

Втората работа во однос на статистичката грешка е што во коментарите таа не се пресликува на апсолутните бројки, со што не се согледува што всушност тоа значи. Имено, грешка од +/-3% значи дека резултат за, на пример, рејтинг од 20 отсто може во реалноста да е поддршка и од 17 и од 23 отсто, а ако тоа се преслика на целата гласачка популација во Македонија (1,8 милиони гласачи според избирачкиот список), поддршката од 20 проценти значи дека таа партија може да смета на околу 360.000 гласови, но грешката од 3 отсто укажува дека тоа варира за +/-54.000 гласови (значи, може да е и 306.000 и 414.000). Значи, во истиот момент да има избори кој било резултат за таа партија меѓу 306 и 414 илјади гласови ќе е статистички точен!

Понатаму, најчест предмет на анализа не е самиот рејтинг на одредена партија, туку разликата со главниот опонент. Притоа се занемарува дека статистичката грешка се однесува на секој поединечен резултат, а не на разликата. Па така, на последната анкета за рејтинзите беше објавена поддршка за СДСМ од 26,8%, а за ВМРО-ДПМНЕ од 21,5%, односно разлика од 5,3%. Со оглед на статистичката грешка од 3,1 отсто – резултатот на СДСМ може да варира меѓу 23,7 и 29,9 отсто, додека на ВМРО-ДПМНЕ меѓу 18,4 и 24,6 отсто. Значи, според оваа анкета, можен е изборен резултат од 24,6% наспроти 23,7% за ВМРО-ДПМНЕ, па иако анкетата предвидува победа на СДСМ од 5,3 отсто, и во случај на победа на ВМРО од 0,9 отсто – анкетата би била точна!

И ова се само највидливите ефекти од коментарите на анкетите, а има „мал милион“ други работи што треба да се земат предвид и да се внимава при коментирањето. На пример, фактот што немаме попис од 2002 година, а тој е основа за дизајнирањето на примерокот и неговата репрезентативност. Па така, не е сеедно дали е точна прогнозата дека над 300.000 граѓани од тогаш се заминати од државата. Иако тоа можеби не влијае врз рејтинзите на партиите, сепак битно влијае врз проценката на излезноста на гласање и во случајот на референдумот – на цензусот. Па така, иако на анкета 58 отсто од граѓаните се изјасниле дека ќе излезат на гласање на 30 септември, најпесимистичката професионална проценка беше дека ќе излезат 46 отсто (со што сепак се погоди дека ќе нема цензус), но резултатот на крај беше дека има излезност од 37 проценти (што беше и надвор од статистичката грешка).

Понатаму, често не се зема предвид времето на спроведување и објавување на анкетите. Па така на пример, за време на референдумот – повеќето анкети се спроведоа во јули и август и сите се објавија пред почетокот на кампањата на 10 септември, односно најмалку еден месец пред самиот чин на гласање. Со тоа се занемарува влијанието на самата кампања на исходот. Ова може да се види во една анализа на МЦМС од 2011 година, кога се споредувани девет различни агенции кои објавиле анкети за тогашните избори и може да се забележи дека најпрецизни биле анкетите кои се објавиле најблиску до самиот ден на изборите.

Не помалку важно е и парцијалното коментирање на резултатите од анкетите. Не е коректно да се избере едно прашање чиј резултат повеќе „одговара“ за одредена опција или политичка партија, а да се премолчат другите прашања. Или да се коментираат само некои аспекти од едно прашање, а да се прескокнат други. На пример, интересно беше кај последните рејтинзи на лидерите на партиите, дека едни медиуми истакнаа дека е три пати зголемен рејтингот на лидерот на опозицијата (точно, беше покачен од 2,5 на 7,5%) и дека рејтингот на премиерот е намален за 5 отсто (точно, од околу 26 на 21%), додека во други се поентираше дека Заев има тројна предност пред Мицкоски (точно, 21 наспроти 7,5) – но ретко можеше во еден медиум да се најде комплетната информација!

Секако дека има разлика меѓу самите анкетни агенции и нивната кредибилност. Кај нас се појавуваа и цитираа разни агенции кои не можеа ни да се најдат во реалноста (како Институтот „Димитрија Чуповски“, на пример), без адреса, веб-страница и доколку сакате да нарачате анкета од нив, не би можеле да ги лоцирате. Бидејќи МЦМС не спроведува анкети, туку ги нарачува од анкетни агенции, можам да си дозволам одреден степен на слобода да коментирам за квалитетот и кредибилноста на агенциите (ова особено и од причина што МЦМС, а и јас лично, сме правеле анализи на анкетите и нивна споредба со резултатите на самите избори за кои тие се однесувале). Па така, сметам дека може да се има доверба во анкетите на „Рејтинг“, „М-проспект“ и ИПИС. Во оваа насока има и една добра анализа на Роберт Несими од пред некој месец на страниците на „Независен“.

На крај, да се осврнам накратко и на некои резултати од двете последни анкети. Првата се однесуваше на бегството на експремиерот Никола Груевски и впечатливо беше лоцирањето на одговорноста што тоа се случи/дозволи во Владата и особено Министерството за внатрешни работи. Последователните апсења главно се гледаат како превенција за слични бегства и во таа смисла имаат мнозинска поддршка, но Владата ќе има тешкотии да се справи со реперкусиите од бегството. Ова од два аспекти – разочарувањето кај поддржувачите, што резултира со зголемен отпор кон амнестија, а од друга страна – скепсата кај опозицијата по новите апсења дека ќе се остварат најавите и желбите за помирување. Ова може да влијае и на обезбедувањето на двотретинска поддршка за финалното гласање за уставните промени.

Втората анкета ја испитуваше довербата во некои институции, главно поврзани со правосудството. Покрај очекуваните, лоши резултати за судовите и Јавното обвинителство (со години наназад довербата во нив не надминува 35 отсто). Она што е изненадување е падот на довербата во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), која е сега на 41 отсто и е прв пат малцинска (на сите претходни анкети, довербата беше мнозинска, т.е. над 50 отсто, а често и највисока од сите институции со над 65 отсто). За жал, тоа веројатно покажува дека потешко „една ластовичка ќе ја донесе пролетта“, а секој обид за исчекор во подобрени стандарди, квалитет и напредок побргу ќе биде задушен со медиокритетство и „втопување во средината“. Или со други зборови, повторно станува актуелно прашањето „дали ќе нè биде?“