Заедно против агресивната лага и провокациите


Олег Шчербак

Повеќе векови англосаксонската пропаганда упорно формираше позитивни стереотипи за западниот модел на демократијата и за неговиот стожер – Велика Британија. Денес, пак, Лондон со својата арогантна политика сам без жал ги руши тие митови создадени со толку труд. Еден од митовите е дека британското новинарство наводно се темели врз високи стандарди на професионализмот, независноста, слободата на изразување, промовирањето објективна информација. За жал, веќе одамна британските медиуми се претворија во инструмент на информативни војни, кој нема никакви принципи и се фокусираат пред сè на промовирањето на провокативни „фејкови“ од типот на случајот со Сергеј Скрипаљ, фабрикување пропагандистички материјали во интерес на Би-би-си и Форин офис. Во таквите услови активната вклученост на Лондон во „демократизацијата“ на медиумите на целата низа странски земји, вклучувајќи ја и Македонија, води кон деградација на новинарството и во тие држави.

Замина во минатото и стереотипот за непристрасен и ослободен од надворешен притисок британскиот судски и кривичен систем. Заборавете ја таа слатка бајка. Случајот во Солсбери покажа дека Велика Британија може паушално да обвини кого било и каде било за употреба на борбена отровна супстанција без никакви докази и кршејќи ја пресумпцијата на невиност и сите норми на меѓународното право, меѓу другото, член 9 од Конвенцијата за забрана на хемиско оружје. Притоа, како што беше претходно во случаите со Александар Литвиненко, Борис Березовски и со другите руски државјани отруени или убиени во Англија, Британците целосно ја класифицираа истрагата, што им овозможува лесно да манипулираат со информациите.

Постоеше стереотип за Велика Британија како земја лулка на либерализмот, каде што наводно грижливо го негуваат почитувањето на човековите права и слободи. Истите се свети, недопирливи вредности со чие промовирање започнува речиси секоја официјална изјава на Лондон. Заборавете го тоа. Британските власти брутално ги кршат правата на ќерката на Сергеј Скрипаљ, Јулија, настрадана во Солсбери (државјанка на Руската Федерација) и спротивно на Конзуларната конвенција не им дозволуваат на руските дипломати да ја посетат и категорично одбиваат да нè известат за нејзината местоположба и здравствената состојба. Сето тоа сепак не им смета на британските експерти и амбасадори низ целиот свет, меѓу другото и во Македонија, неуморно на другите да им држат предавања за владеење на правото и почитување на човековите права.

Замина во минатото и стереотипот за британските дипломати – добро образовани и воспитани џентлмени, воздржани, кои здраво размислуваат и држат до својот збор. Претходно, за британската надворешна политика се судеше по таквите великани какви што беа Пит – помладиот, Хенри Палмерстон, Едвард Греј и Винстон Черчил… Сегашното лице на истата таа се екстравагантни ликови кои изгубија врска со реалноста и со светот, зборуваат на безобразниот јазик на чести гости на третокласни пабови во Скарборо, но не на членови на кабинетот на Нејзиното Величество.

Се чини дека единствениот стереотип што британското раководство сè уште не го разби, дури и спротивно, на секој начин го зацврстува, е наклонетоста кон интриги и напади на хистерична русофобија која веќе неколку пати доведуваше до катастрофални последици за Лондон, Европа и за целиот свет. Пред повеќе од сто и педесет години Велика Британија ја нападна Русија во Кримската војна и на руската земја, кај Севастопољ, изгуби најсјајни претставници на својата аристократија и десетици илјади свои војници. Пред еден век криминалната линија на Лондон на меѓународна изолација на СССР стана една од причините на засилување на нацистичката Германија, што доведе до Втората светска војна и натамошниот распад на Британската Империја. Пред педесет години Британците беа меѓу организаторите на Студената војна, која го стави светот пред амбисот на нуклеарната апокалипса. Сега Британците пак започнаа опасна авантура. Зар во Лондон ништо не научија и се осудени секој пат да ги повторуваат истите грешки?

Ја почитуваме и ја цениме Велика Британија, земјата со големата историја, традиции, светски познатите културни и научни достигнувања и немаме ништо против нејзиниот народ. Секогаш ќе ги памтиме нашето борбено братство во редовите на антихитлеровата коалиција во времето на Втората светска војна, храброста на британските војници и морнари, херојството на Северните конвои. Но ние прецизно го одвојуваме овој паметен и талентиран народ од дволичната и лицемерна политичка елита до гуша заглавена во ирационална русофобија и провокации. Британската страна лаже кога тврди дека формулата на супстанцијата под шифрата А234 која, како што се претпоставува, беше употребена во Солсбери, ја има само Русија. За никого не е тајна дека во 1990-тите години технологијата на производство на таа супстанција се најде во раце на целата низа држави, меѓу другото и на Велика Британија која, исто како и САД (за разлика од Русија!), сè уште го нема уништено своето хемиско оружје. Во тој контекст треба да се има предвид дека тајната лабораторија на воениот ресор на Велика Британија (Портон-Даун) каде што се разработуваше озлогласениот „новичок“, се наоѓа само на неколку милји од Солсбери. Пред самото труење на Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка во овој реон се одржуваше годишната обука „Токсична кама“. За време на обуката се вежбаа методи на борбата против хемиско и биолошко заразување.

Особено загрижува тоа дека темата за хемиското оружје постојано се користи од страна на британската влада за измама на својата и светската јавност. Така, Тони Блер, на седницата на Советот за безбедност на ОН, докажувајќи ја неопходноста да се изврши инвазија во Ирак, сите ги убедуваше дека Ирак поседува оружје за масовно уништување и Садам Хусеин е подготвен за негова употреба од најголем размер. По 15 години, поранешниот британски премиер јавно призна дека лажел… Кој знае – и тоа е многу веројатно (#highlylikely) – ќе се повтори ли истата ситуација и во случајот со трагедијата во Солсбери? И, кој по приказната со Тони Блер ќе ризикува да му верува на Лондон? Токму за таквите мегалажговци Абрахам Линколн кажуваше: „Може долго време да лажеш некого, може некое време да ги лажеш сите, но не може цело време да ги лажеш сите.“

Денес британските политичари со лагата, инсинуациите и бруталната уцена се обидуваат да ја демонизираат Русија, од истата да направат непријател, меѓу другото и за Балканот. Со големо жалење забележуваме дека некои држави, меѓу кои се и властите на Македонија, ѝ попуштаат на оваа англосаксонска психоза и на штета на интересите на својата земја донесуваат избрзани одлуки кои ги отежнуваат односите со Русија. Треба да се има предвид дека Лондон под параван на евроаталантската солидарност ги вовлекува НАТО-сојузниците и вазалните земји во своите незаконски активности и на тој начин вешто ја префрла одговорноста на другите. Моменталното заострување на ситуацијата е уште еден повод да се поразмисли за разумноста на зачленувањето во таквата Алијанса во која принципот на солидарноста со авантуристи и лажговци се става над здравиот разум, логиката и меѓународното право. Очигледно е дека циничната и опасна политика на Лондон во нашиот нуклеарен век не претставува измислена, туку реална закана по мирот и стабилноста, а нејзиното неутрализирање бара да се сплотат сите политичари кои размислуваат здраво, сите луѓе на добрата волја, честа и совеста.

Додека не е доцна, неопходно е да бидат запрени неодговорни англосаксонски махинатори кои, заради своите себични интереси, подготвени се да уништат милиони луѓе, како што тоа се случи во Југославија, Ирак, Либија, Сирија, Авганистан, Јемен… Неопходно е да се застане рамо до рамо против лагата и валканите провокации, а од британската страна за почеток да се побара цврсти докази за тоа што навистина се случи во тивкото гратче Солсбери на 4 март 2018 година.

(Авторот е амбасадор на Руската Федерација во Македонија)