Заев жртва на сопствениот подвиг


Ерол Ризаов 

Година и пол по изборите власта ги потроши сите кредити сосе камати за своите грешки и натаму да се оправдува со тешкото наследство од претходниците. Особено опасна стана тенденцијата на сѐ позачестено и сѐ поарогантно споредување на тоа кој бил полош меѓу сегашните и претходните властодршци и нивните злодела и одлуки со катастрофални последици.

Јавноста веќе не ги прифаќа оправдувањата од типот – а што правеа другите 11 години во ерата на груевизмот. За тоа што правеа и не правеа ја изгубија власта. Решителноста на Зоран Заев како лидер на опозицијата и неговата колебливост како премиер е несфатливо апсурдна ситуација која може многу лесно и многу бргу да го направи од најголем победник во најголем губитник, од јунак да стане жртва на сопствениот подвиг, а со тоа и сите ние да бидеме жртви на пропаѓање на историската демократска револуција поради бизарности, дилетантизам, волунтаристички одлуки на владата, кадровски шеми за ухлебие во власта и инфантилност на премиерот.

Ако во оваа година и пол се покажа дека граѓаните на Македонија не знаат што да прават со слободата, уште повеќе се виде дека владата не знае што да прави со власта и со своите уставни надлежности и одговорности. Секој ден има такви лупинзи и камиказе падови кои доаѓаат од белиот дворец, од министерствата, од општините… со тоа не само што се губи големата слика за остварување на најзначајните стратегиски интереси и приоритети на Република Македонија, туку таа целосно се замаглува, станува помалку значајна од стотици бизарни грешки, почнувајќи од врвот на владата до недоквакани личности кои се нашле на места за кои до вчера не знаеле дека постојат. Македонија влегува во една лимбо-ситуација, ни таму ни ваму. Шахистите велат – во пат-позиција кога кралот не е матиран, ама нема каде да мрда.

Тоа што сега е наше секојдневие предозирано со скандали и глупави грешки и уште поглупави оправдувања пред јавноста силно ги ослабнува позициите и на владата и на премиерот, дури и за најзначајните прашања кои ја одредуваат иднината на Македонија и на нејзините жители. Се губи довербата поради пропусти и грешки, кои стануваат главно мени не само на чаршијата, туку и на пошироката и стручната јавност и на сите медиуми без исклучок. Бидејќи е неподнослива леснотијата на правење скандали со избор на 50 или 150 советници, сеедно, кои никого не советуваат, за голема среќа. Ако почнат да советуваат и ако се прифатат нивните совети, владата ќе падне побргу и од тоа што посакуваат нивните политички противници.
Има уште причини за лимбо-позицијата на Македонија. Опозицијата нема квалификатив на објективност да ја критикува власта за направените грешки и промашувања. Таа е компромитирана до гуша и нема платено казна за своите злодела. Некој што чека судски пресуди за своите криминали и злоупотреби на власта нема ниту морално, ниту никакво право, ниту има образ и намуз да критикува друг. И ако се обиде во тоа ефектот е трагикомичен.

Во овој момент во државата главна позитивна сила се медиумите. Но само навидум се единствени во осудите на грешките на власта и злоупотребите на функциите на политичарите во врвот. На довчерашните апологети и медиумски злосторници и послушници повеќе им прилега да бидат на судските клупи како обвинети за соучесништво, отколку да делат лекции за чесност и за владини грешки. Нивните критики се смешни во обидите да се претстават како објективни.

Од друга страна, тажни се глетките кога докажани и храбри критичари на режимот на Груевски, сатанизирани и набедени за странски платеници, за шпиони и за кодоши одат кај истите тие медиуми и новинари кои ги жигосаа по нарачка сега да зборуваат за грешките на оваа влада и власт. Многу жално.