Мицкоски ќе биде тестиран на претседателските избори


Како единствен кандидат на валандовскиот конгрес, Христијан Мицкоски со бланко-поддршка на тогаш најмоќниот партиски двоец Груевски – Мијалков, немаше тешка задача да стане трет претседател во историјата на ВМРО-ДПМНЕ. Точно една година подоцна, актуелниот лидер релативно лесно расчисти со сенките од минатото и успеа да ја зацврсти позицијата во партијата, но првиот тест за неговата популарност меѓу граѓаните, но и меѓу неговото членство, ќе бидат претседателските избори напролет. Посочуван како продолжена рака на дискредитираните братучеди, Мицкоски од старт се соочи со раскол и фракционерство. Еден куп незадоволници што анонимниот професор по технички науки доби предност во однос на истакнати вмровски претставници, бараа одложување на конгресот и фер услови за борба.

Наш непријател е СДСМ и лошите политики што ги води Владата, ајде да не се караме меѓу себе“, апелираше тој изминатата зима.

Имам само еден идол, а тоа е татко ми

Чекаше да помине малку за да ги фати уздите, а и добро знаеше оти вмровското членство се покорува на моќ, така што беше прашање на време кога ќе успее да го наметне својот авторитет во партијата. Во почетните кадровски решенија се обиде покрај себе да инсталира луѓе што имаат чисто минато и што, исто како и тој, не се опфатени во „бомбите“ од прислушуваните разговори. Сакаше да испрати порака дека неговиот претходник не владее повеќе со партијата, иако беше прогласен за почесен претседател. Таа функција не му е одземена ниту денеска кога Груевски ѝ побегна на правдата, наоѓајќи заштита кај својот пријател Виктор Орбан. Во луксузното здание на ВМРО-ДПМНЕ не се најде место за канцеларија за почесниот претседател.

И за Груевски мислеа дека ќе му биде продолжена рака на Георгиевски, па на крајот го избрка од партијата“, порачаа соработниците на Мицкоски.

Тој никогаш не се огради од потезите на поранешниот премиер, иако го „искара“ дека не требало да побегне забележувајќи дека на тој начин им прави штета на другите прогонети од власта и од Специјалното обвинителство.

Имам само еден идол, а тоа е татко ми“, рече во една пригода на прашањето дали Груевски му е политички ментор и идол.

Претседателствувањето му почна со серија посети на најмоќните политички центри во регионот и во светот, што беше знак за затоплување на односите што заледија во последните години од владеењето на Груевски. Ентузијазмот спласна по потпишувањето на договорот за името во Преспа. Во сендвич меѓу барањата за конструктивност од Брисел и од Вашингтон од една страна и тврдото внатрепартиско крило и незадоволството кај граѓаните од промената на името од друга страна, Мицкоски долго тактизираше. Дента на референдумот призна дека ќе бојкотира, иако беше јасно оти во пракса е поинаку од официјалниот став „секој сам да си одлучи“. Се памети писмото што му го испрати на Вес Мичел, помошникот државен секретар на САД.

Забележливо е подобрување на демократизацијата внатре во партијата, имаме различни видувања по различни теми, дури и од луѓе во врвот. Како маани ќе го споменам тоа што сè уште не е донесен новиот статут, што ќе значеше и подобрување на институционалната демократија и секако влошувањето на односите со партнерите од странство, како и со албанските политички партии, што беше резултат на наследената реторика од претходната гарнитура. Партијата нема да се врати на власт додека не ја прифати спогодбата од Преспа“, вели Костадин Богданов, кој неодамна беше разрешен од извршниот комитет.

Јадрото врзано со поранешната власт најголем критичар

Реформаторското крило, кое се бореше против стилот на владеење на Груевски, кратко време беше на цена меѓу новото раководство. Смените дојдоа по нивниот отворен став за поддршка на договорот со Грција, односно излегување на референдумот и гласање макар и „против“ со цел да се постигне цензусот. „Предавството“ во парламентот беше повод да се расчисти со седум пратеници, потпретседателот Митко Јанчев, ексминистерот Никола Тодоров, но уште поважно и со Сашо Мијалков. Човекот што му се закануваше со смена набргу замина во затворот во Шутка и со тоа му го ослободи патот.

Многу беше погрешен пристапот на Мицкоски со исклучување на членови. Многу од членовите се дистанцираа од самиот претседател, а има и голем број кои воопшто не доаѓаат во партија само поради тие политики на поделби на предавници и патриоти. Тоа беше погрешен чекор и самата партија ја носи во погрешен правец“, реагираше ексградоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски. Всушност, јадрото што беше врзано со поранешната власт, а кое сега е маргинализирано, стана најголем критичар на Мицкоски.

Членството очекува победа на следните избори и во моментов му верува на раководството, но факт е оти откако дојде Мицкоски во земјава немаше избори, па не може да се види колку е реалната поддршка. Претседателските избори ќе бидат првиот тест. Доколку не успее да оствари добар резултат, членството ќе се разочара, ќе се посомнева дали ова раководство е способно да ја донесе партијата на власт“, вели поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ.

Обичните членови на партијата посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од 2002 година, се задржа на нозе по паѓањето од власта. Во наредниот период, по завршувањето на процесот за уставни измени, кој во ВМРО-ДПМНЕ го сметаат за завршена работа поради обезбеденото двотретинско мнозинство од власта, започнува засилена кампања кон Запад со цел ново затоплување на односите со меѓународните партнери. Се споменува дека најголемата опозициска партија во Македонија секогаш го прекинувала бојкотот во парламентот кога се гласало за реформските закони, а и сега конструктивно се однесува во последната фаза од уставните промени. Партијата ја финишира изборната програма во која акцентот е ставен на економијата и со неа очекуваат да продрат до албанските гласачи, кои живеат во сиромаштија како и Македонците.

Христијан Мицкоски нема да биде кандидат за претседател, туку ќе биде иден премиер на Македонија“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додека ВМРО-ДПМНЕ и натаму држи чекор со СДСМ кога е во прашање партискиот, личниот рејтинг на Мицкоски, барем засега, е помал од оној на Заев. Настаните што следуваат ќе ја одредат и нивната политичка иднина.

Непартиски кандидат за претседател

Ниту во ВМРО-ДПМНЕ ниту во СДСМ не започнала процедурата за избор на кандидат за претседател на Македонија. Четири месеци пред пролетното соочување, фокусот е свртен кон уставните измени, а внатре кон сондажа на рејтинзите. Кога е во прашање ВМРО-ДПМНЕ, се споменуваат имињата на Трајко Славевски, Ганка Самоилова, Тања Каракамишева, Зоран Ставрески…

Сепак, според нашите извори од партијата, најсериозно се размислува да се изненади јавноста со име кое нема да биде од јадрото на партијата, па дури и да не биде член.

Целта е да се одбере кандидат кој ќе привлече гласови и од неутралните, што заедно со нашето лојално членство ќе донесе сигурна победа“, коментираат извори од ВМРО-ДПМНЕ.

Горан Адамовски