Една година подоцна


Павле Богоевски

Деновиве навршува една година од формирањето на Владата, една година од настаните на 27 април. Време е да се заокружат успесите, но и да се признаат грешките и да се адаптира курсот за понатамошното работење.

Во секоја држава, која сака да се нарече демократска, промената на власта е само еден обичен процес, по кој новата власт треба да продолжи таму каде што старата запрела. Но кај нас старата (читај: криминална) власт ја остави државата на колена, со испразнета каса, руинирани институции, несоодветна и неспособна администрација и длабоко поларизирано население.

Но времето за оправдувања одамна заврши. Без разлика на причините и пречките, граѓаните очекуваат и заслужуваат резултати, очекуваат новата власт да има директен ефект врз подобрувањето на нивниот секојдневен живот, ефекти кои ги надминуваат страниците со пофални зборови во извештаите за работењето на Владата. Во оваа пригода ќе се задржам на аспектите поврзани со правдата, надворешната политика и граѓанското учество во одлучувањето. Во некоја од наредните пригоди ќе ги опфатам аспектите од внатрешната политика, меѓуетничките односи и борбата против корупцијата и клиентелизмот во нашето општество.

На полето на правдата и еднаквиот пристап до правдата, напредокот е очигледен. Денес, Никола Груевски и остатоците од неговото злосторничко здружение секојдневно се на судење. Иако можеби многу побавно одошто мнозината очекуваа, судовите чекорат кон вистината за нивните постапки. Денес Груевски, Јанкулоска, Мијалков… се имиња кои најмногу ги среќаваме во судските списи, а не во составот на врвните политички кругови во државата. Дел од законските прописи што му беа потребни на СЈО за да може непречено да си ја врши работата се усвоени, а останатите (посебно оние за чие усвојување е потребно двотретинско мнозинство во парламентот) се предмет на интензивни преговори кои се во завршната фаза.

Од друга страна, институциите интензивно работат и на разјаснување и гонење на сторителите за активностите поврзани со 27 април. Овој случај, иако неповрзан со оние на СЈО, е од клучно значење за нашата држава и за поставување практитка каде што сторителите одговараат за своите постапки, дури и во најтешките случаи, а политичкото преговарање за кривичната одговорност на сторителите е минато. Со овој случај треба да биде пресечен кругот каде што правдата не е ништо повеќе од преговарачки инструмент во рацете на носителот на власта.

Сосема поинакви напори се оние што се однесуваат на спречувањето на идни злоупотреби на власта од толку големи размери. Монополот на УБК во следењето на комуникациите е минато и сега постои друга агенција, независна од УБК, која ќе биде одговорна за примената на оваа мерка. Во тек се и разговори за целосно трансформирање на безбедносно-разузнавачките служби на начин кој ќе спречи сегашните и идните носители на власта да можат оваа институција да ја сметаат за своја лична, тајна полиција.

Напредокот е повеќе од очигледен на полето на надворешната политика и односите со соседите. За една година, од држава која од страна на меѓународната заедница беше окарактеризирана како „заробена“, од држава која имаше конфликти со сите свои соседи, ние повторно се претворивме во светлата точка на Балканот, во државата која е предводник во регионалните евроатлантски интеграции. Нашите соседи ја прифатија новата насока во нашата надворешна политика и храбро чекорат со нас кон иднината и кон меѓусоседски односи без поделби, омраза и сокриени политички агенди.

Не би сакал да бидам сфатен дека треба да бидат упатени само пофални зборови кон оваа влада и кон нашите политики. На полето на правдата треба да се забележи поголема одлучност и поголема бескомпромисност кон барањата на криминалците сѐ уште да бидат третирани како политички опоненти. На полето на надворешната политика треба да се укаже дека преголемиот фокус на тоа поле може да значи задоцнети резултати во внатрешната политика. Критиката на граѓаните е погласна и померодавна од кога било досега, а власта успеа да се профилира дека одговара на забелешките од своите избирачи, а не како некое апстрактно тело кое треба да биде лишено од секаква критика.

Полето што можеби заслужува најголема критика е граѓанското учество, односно проактивното вклучување на граѓанскиот сектор во креирањето политики и во одлучувањето (за разлика од реактивното постапување во случај на критика). Брзото темпо на реформските приоритети креира атмосфера со рокови кои се премногу ограничувачки за експертите и за невладините организации, а во одредени аспекти од реформите, може да се забележи селективност кај Владата за тоа во која фаза од реформите ќе го вклучи, а во која ќе го исклучи граѓанскиот сектор.

Тоа што можеме да го извлечеме како најголема лекција е дека одржливите политики бараат време и многу напор. Бараат време за да бидат креирани, за да бидат вклучени сите релевантни чинители во тие процеси и најважно од сѐ, бараат време за да ги покажат своите резултати. Ова време е уште подолго ако се има предвид дека нашето општество сѐ уште е екстремно поларизирано и дека сега и самото помирување помеѓу поларизираните страни е засебна политичка цел, која треба да биде вклопена во агендата на останатите. Секое брзање, секое површно водење на процесите, ќе нѐ доведе во стапица каде што нашите крајни резултати ќе ги мериме по тоа колку од полињата во нашата агенда се штиклирани, а не по тоа колку нашите постапки влијаат врз реалното подобрување на животот на граѓаните. Иако првиот пристап може да донесе поголеми дневно-политички поени и поголем број триумфалистички конференции за печат, вистинскиот успех лежи во одржливиот развој. Во поставувањето на стабилни темели на нашата држава, каде што не само оваа, туку и ниту една друга, идна власт нема да може да ги повтори постапките на минатиот режим, каде што носителот на политичката моќ беше и апсолутниот господар на нашата држава.

Никогаш повторно!

(Авторот е пратеник)