Европската авантура на Стив Банон


Јан Бурума

Откако беше истеран од Белата куќа и од „Брејтбарт њуз“, Стив Банон, честопати нарекуван главен организатор на претседателската кампања на Доналд Трамп, вети дека ќе ја преуреди Европа. Неговата организација наречена „Движење“ со седиште во Брисел има за цел да ги обедини десничарските популисти во Европа и да ја смени сегашната форма на Европската Унија. Банон ги гледа овие напори како дел од „војната“ меѓу популизмот и „партијата на Давос“, односно меѓу белите, христијански, патриотски „вистински луѓе“ (според зборовите на неговиот британски поддржувач, Најџел Фараџ) и космополитските глобалистички елити. Во медиумите, барем, Банон се сфаќа сериозно.
Се чини дека ова е преголема задача за оваа трајно преплашена американски медиумски магнат и промотор на чудни идеи за циклични катаклизми за да се смени историјата на Европа. И покрај средбите со десничарски ѕвезди како унгарскиот моќник Виктор Орбан, италијанскиот заменик-премиер Матео Салвини и поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон, Банон речиси нема искуство во европската политика. Тој ја шокираше наклонетата публика во Прага изјаснувајќи се против „нелојалната конкуренција“ од странски земји што ја користат евтината работна сила. Голем дел од БДП на Чешка доаѓа од извозот, токму на тој начин.
Но главниот проблем со кој се соочува Банон е тоа што десничарските популистички лидери се разновидна група. Самиот Банон е католички реакционер со фантазии, поттикнати од неговата љубов кон холивудските херои, да биде воин против силите на злото. Орбан е автократ кој ја експлоатира разочараноста во посткомунизмот обвинувајќи ги имигрантите и ЕУ, иако унгарската економија зависи од единствениот европски пазар и субвенциите од Брисел.
Северноевропските демагози, како Герт Вилдерс, го сметаат исламот како главна закана за западната цивилизација, но ги бранат правата на хомосексуалците (затоа што муслиманите наводно ги мразат). Во Британија, Џонсон се залага за истото тоа, но неговите колеги околу Брегзит се помалку заинтересирани за исламската закана отколку за грандиозната верзија на англискиот национализам. Францускиот Национален фронт е семејно претпријатие на Ле Пен, кое многу се труди да се дистанцира од своите антисемитски корени.
Како што беше случај со европскиот фашизам во 20-тите и 30-тите години, не е лесно да се најде многу идеолошка кохерентност во овие различни политички насоки, а камоли во „Движењето“ на Банон. Меѓутоа, она што на сите им е заедничко е потпирање на анимозитет, некогаш насочен кон муслиманите, понекогаш кон кој било вид имигранти, многу често против ЕУ и секогаш против либералните елити – кои британскиот премиер Тереза Мај ги опиша како „граѓани што не припаѓаат никаде.“
Постои нешто заговорничко во тие анимозитети, идеја дека обичниот човек е на милост и немилост на тајна мрежа на моќници што влечат конци и која владее со светот. Во деновите кога Сталин ги идентификуваше непријателите на народот како „бесконечни космополити“ (што значи Евреи), се сметаше дека седиштето на оваа семоќна глобална мрежа е Њујорк, со експозитури во Лондон и Париз. Сега се наоѓа во Брисел.
Имигрантите, особено од муслиманските земји, се главната мета на популистичката пропаганда. Банон го напиша првиот нацрт на т.н. муслиманска забрана на Трамп спречувајќи ги имигранти од неколку доминантно муслимански земји да влезат во земјата. Орбан ги зацврсти своите граници за да ја заштити „христијанската цивилизација“, Салвини сака да ги депортира сите нелегални имигранти од Италија, а кампањата Брегзит, која е предводена од Џонсон, ги предупредуваше британските гласачи дека нивната земја ќе биде „преплавена“ од турските имигранти, иако Турција не е блиску до пристапувањето во ЕУ.
Но колку и да е непријатна антиимигрантската реторика и политика, главната цел на расизмот на популистите останува злобната глобалистичка елита, претставена од Џорџ Сорос и други либерали кои се обвинуваат за промовирањето на човековите права, за сочувството кон бегалците и за религиозна толеранција заради нивни сопствени интереси. Тие се оние што наводно ги преплавуваат христијанските земји со странци. Тие ѝ зариваат нож на западната цивилизација во грб. Банон, всушност, изрази восхит кон Сорос, иако го смета за еден вид Сатана. Тој би сакал Сорос да биде на страната на десницата.
Може се чини иронично што радикалните националисти како Банон се обидуваат да се обединат во едно глобално движење, имитирајќи ги на тој начин нивните интернационалистички непријатели. Но целта на популистите не е да се уништи елитизмот, туку да се заменат старите елити. Оттука и заедничкиот јазик на самосожалување, дека Орбан, Салвини, Вилдерс и останатите се угнетувани од „Партијата од Давос“.
Често дојдени од маргинални средини, тие се чувствуваат исклучени, недоволно признаени, па дури и како да ги гледаат од висина. Сега е нивно време да владеат, веруваат тие, и да се одмаздат за сите лоши работи што мислат дека ги истрпеле по пат. Поради тоа, Доналд Трамп се чувствува поудобно да разговара со диктаторите отколку со демократски избраните лидери. Тој ја сака идејата за еден моќник кој се занимава со друг. Но, ова не го прави интернационалист, ништо повеќе од претставниците на европските десничарски популисти кои создаваат кохерентно меѓународно движење. Ова се само шанси за меѓусебно ласкање и појавување пред камерите.
Дали е можно популизмите да направат повеќе од тоа – колективно да ја срушат ЕУ и да го преуредуваат западниот свет – тешко е да се каже. Со оглед на нивните различни интереси, ривалството може да ги доведе нив до растурање. На пример, додека Трамп и Банон ја гледаат Кина како голем глобален непријател, Орбан лакомо прифаќа какви било кинески пари. И англиските националисти ја водат својата земја во не толку прекрасна изолација.
Вистинска „националистичка интернационала“ може да се појави само кога ќе се решат таквите противречности. Но каде и да заврши глобалната десница, малку е веројатно дека Движењето на Банон ќе биде возилото што ќе ја донесе таму.

Copyright: Project Syndicate, 2018.