Дојде денот што го чекавме 25 години


Македонија го реализираше сонот што го чекаше цели три децении. „Средба со историјата,“ беше совршената најава на македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров за вчерашната церемонија во Брисел, каде што во седиштето на НАТО амбасадорите на 29 земји членки на Алијансата го потпишаа Протоколот за пристапување на Македонија кон воениот сојуз.

Патот не беше лесен

Неподелени се оценките дека 6 февруари 2019 година ќе биде споменуван како еден од најзначајните датуми во поновата македонска историја, затоа што на овој ден станавме де факто членка на НАТО. Седнуваме на масата со најмоќните земји и наскоро ќе може да одлучуваме заедно со нив. Дваесет и шест години по Декларацијата во македонското Собрание и 20 години по добивањето на статусот на формален кандидат за членство, како што потсети националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, практично ја реализираме една од двете најголеми стратегиски цели зад која стоеја буквално сите политички елити и раководства од 8 септември 1991 година до денес.

„Чекавме на вас долго време. Долго дававте поддршка кон мисиите на НАТО, соработуваме заедно и на реформите кои ве подготуваа да станете 30 членка“, порача генералниот секретар Јенс Столтенберг.

„Ова не беше лесен пат. Имаше предизвици и тешки компромиси, но вашата посветеност донесе напредок“, рече Столтенберг, кој со насмевка му го подари пенкалото со кој амбасадорите се потпишуваа на Димитров. Тој им оддаде признание на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

„Ова е историска пригода. Лидерите Заев и Ципрас покажаа визија и храброст преку посветеноста за решавање на спорот, придонесувајќи за безбедноста и стабилноста. Договорот од Преспа го означи првиот чекор на патот што не донесе тука. Ова не беше лесен пат, туку исполнет со предизвици. Долго време чекавме да се придружите на нашето семејство, придонесувавте во операциите на НАТО и работевте на реформи кои ќе овозможат да станете 30. членка на Алијансата“, порача Столтенберг. Тој изрази сигурност сум дека процесот ќе се одвива без тешкотии, а НАТО ќе даде целосна поддршка.

„Од денес вашите претставници ќе се придружат како поканети гости на состаноците на НАТО. Ќе учествувате во носењето заеднички одлуки со нас. Ги делиме истите вредности за слобода, демократија и човекови права. Денешниот настан покажува дека вратата на НАТО останува отворена за демократиите кои ги прифаќаат одговорностите кои ги носи членството“, истакна генералниот секретар на НАТО.

Димитров во обраќањето пред амбасадорите рече дека е многу емотивен и дека е многу среќен што ја има честа да ја претставува земјата на историскиот настан. Тој посочи дека Македонија поминала долг пат до потпишувањето на протоколот за пристап, како и дека е подготвена за обврските што ја очекуваат во НАТО.

„Македонија наскоро ќе биде Северна Македонија во согласност со договорот од Преспа. Со ова го исполнивме ветувањето на пратениците од првиот состав на парламентот дадено на 23 декември 1993 година, кога беше посочено дека НАТО е наша стратегиска цел“, рече Димитров.

Невозможното стана возможно

Ова, според него, е резултат на работата на повеќе генерации и обврска на нашата генерација.

„Остварувањето не изгледаше веројатно туку се должи на лидерството на Зоран Заев и на Алексис Ципрас кои го поплочија патот кон помирувањето и докажаа дека невозможното е возможно. Го поздравувам и бугарскиот премиер Бојко Борисов поради Договорот за добрососедство, што, исто така, придонесе за овој чин. НАТО за нас е семејство на држави кое ќе овозможи стабилност и безбедност, кое тежнее да го направи светот помирно и подобро место. Созреавме на овој пат. Ќе ги преземеме обврските, ќе се соочиме со проблемите. Во текот на наредните денови ќе го решиме и последниот спор со соседите. Ќе имаме смирувачка улога во регионот што се соочува со одредени несигурности. Патувањето не е завршено, но веќе не сме сами туку со 29 сојузници. Ќе работиме на реформите за нашата армија да биде во согласност со стандардите на НАТО. Државата е силна колку и армијата, институциите и пријателите што ги има. Од денес, мојата држава е многу силна“, кажа Димитров.

Стоечките силни аплаузи во салата во Брисел предизвикаа силни емоции и во прес-центарот на македонската Влада, каде што на голем видеобим опкружен со знамињата на Македонија, НАТО и ЕУ со внимание се следеше потпишувањето на секоја земја членка на НАТО на протоколот. Присуствуваа заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, шефот на НАТО Канцеларијата за врски во Скопје, Зоран Јанковиќ, министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми и други претставници на власта. Насмевки предизвика изјавата на Димитров дека Македонија повеќе никогаш нема да чекори сама, реферирајќи на химната на англискиот фудбалски клуб Ливерпул. Со овој чин, според официјалните лица, Македонија добива конечна меѓународна верификација на територијалниот интегритет и границите на македонската држава, со вклучена гаранција за посебноста на нашиот идентитет. Членството во НАТО несомнено ќе ја засили внатрешната кохезија.

„Без дилеми, нашата интеграција во НАТО е потфат со стратегиски пропорции, чие значење ќе можат уште подобро да го вреднуваат генерациите кои доаѓаат по нас. Убеден сум дека во пакет со договорот со Бугарија конечно се отвора простор и за архивирање на т.н. македонско прашање, и тоа на начин кој е позитивен за македонската нација. Затоа, за сите оние што вложија години од својот живот длабоко верувајќи во паролата ‘Македонија на Западот’ – капата долу!“, ќе рече Пендаровски.

Стануваме 30. земја членка

„Огромна радост по шокот во Букурешт“, беше една од реакциите по вчерашниот „НАТО-печат“. Долгоочекуваниот Самит на НАТО во Букурешт во април 2008 година беше големо разочарување за Македонија бидејќи, поради ставот на Грција околу името на земјата, високата македонска државна делегација во романскиот главен град мораше да се помири со условниот прием во Алијансата, „до наоѓање заемно прифатливо решение“ за долгогодишниот спор и решавање на постојниот проблем меѓу двете соседни земји. Во периодот што следеше фрустрирачки и љубоморно го следевме вклучувањето во членство на Алијансата на Хрватска и на Албанија, исто така една од земјите на бившиот Варшавски договор. По самитот во Букурешт и состанокот на Северноатлантскиот сојуз во Лисабон, Португалија, и усвојувањето на Стратегиската концепција на Алијансата, како што забележаа познавачите, настапи своевиден мораториум за приемот на нови земји членки, иако својата кандидатура ја потврдија уште неколку земји од таканаречениот Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Последно проширување на НАТО се случи во 2017 година, кога како 29. членка на Алијансата беше примена Црна Гора. Пред вратите на НАТО остануваат БиХ и Грузија, додека нашата земја со неодамнешното ратификување на преспанската спогодба со Грција во парламентите на двете земји и промената на Уставот за промена на името на земјата, е 30. по ред земја членка.

Откако 29. земји членки на НАТО го потпишаа протоколот за пристапување на Македонија за членство во Алијансата, следува уште една постапка: тој треба да биде ратификуван и од нивните парламенти, процес кој вообичаено трае од 9 месеци до една и пол година. Се очекува Грција да биде првата земја што ќе го ратификува протоколот наредниот петок. Додека не заврши процесот на ратификација во парламентите на сите земји членки на НАТО, Македонија ќе може да учествува во работата на сите тела на Алијансата, но без право на глас.

Наум Котевски