Доказите ќе ги одредат организаторите на крвавиот четврток


Доказите што ќе ги собере Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе бидат клучни дали ќе биде поднесено обвинение против функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, поранешната заменик-министерка за правда, Билјана Бришкоска-Бошковски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и Кирил Божиновски, кои обвинетиот Александар Василевски-Нинџа со име и презиме ги посочи дека го командувале упадот во Собранието. Сè уште се собираат докази и за евентуална кривична одговорност за поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски чие учество во организирањето на упадот се утврдува во предистражната постапка што ја води Обвинителството против организаторите и нарачателите на крвавиот четврток. Она што засега е извесно е дека, ако бидат собрани докази, против „командантите“ за 27 април, ќе има нова постапка, евентуално ново обвинение.

Се прибираат докази затоа што само врз база на изјава на еден обвинет или сведок не може да се води постапка, ако нема дополнителни докази. Во брзо време верувам дека ќе дознаете“, вели обвинителката Вилма Русковска која го води случајот.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“ велат дека сведочењата на самите обвинети во судот, Обвинителството може да ги третира како „допрен глас“ до институцијата, врз чија основа би се отворила истрага за проверка на ваквите искази и собирање на докази за поткрепа на тврдењата.

Исказите на обвинетите или барем дел од нив се веќе дадени во Обвинителството во текот на претходната постапка, па оттука доколку Обвинителството смета дека има докази поврзани со исказите на обвинетите тогаш е очекувано да се поднесе обвинение“, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“.

И додека се подготвува амнестија за дел од обвинетите, јавноста очекува да ги слушне имињата на организаторите и нарачателите, за кои, според сегашните најави, нема да важи законот за амнестија.

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, во своето сведочење во Кривичниот суд на рочиштето за 27 април, рече дека телефонот што го користел на крвавиот четврток го предал во Обвинителството и дека овој телефон бил вештачен. Тој пред судот беше прилично сигурен дека оние пораки и докази што ги има Обвинителството против него не го докажуваат неговото учество во организацијата на упадот во Собранието. Неколкупати повтори дека бил повикан да даде исказ во Обвинителството и дека таму има материјални докази за него.

Сепак, од Обвинителството не откриваат дали имаат докази против него и дали има индиции дека дел од доказите, односно телефоните што ги користел Вељаноски се уништени. Велат дека предистражната постапка е тајна и не може да соопштуваат детали. Она што ѝ е познато на јавноста е дека телохранителот на поранешниот премиер Никола Груевски, Благоја Василевски, братот на Нинџа, кој бил со него во Виена, еден од телефоните што го користел го вратил уништен во Службата за општи и заеднички работи, а додека поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност во Обвинителство рекол дека еден од телефоните му е изгубен. СМС-пораките од одземениот телефон на Вељаноски, кои беа презентирани во судот, покажуваат дека Вељаноски пред крвавиот упад го предупредил својот личен телохранител Горан Ѓошевски-Леви да биде на штрек. Една минута потоа Горан Ѓошевски му испраќа порака на Трајко Вељаноски со содржина: „Сите знаат, и од МВР“, по што следува уште една порака со содржина: „Пред салата се сите од внатрешното обезбедување“, на што Вељаноски му одговара на Ѓошевски двајца или тројца луѓе од обезбедувањето да влезат во салата и да не дозволуваат никој да му седне на столчето.

Кажи му на внатрешното да влезат два-тројца внатре и да не дозволуваат да седнат на моето место“, напишал Вељаноски до Ѓошевски.

Од снимките што ги презентираше Јавното обвинителство на судењето се гледа дека обезбедувањето на Вељаноски ги насочува насилниците кон прес-салата во Собранието. Сепак, од сведочењето пред судот се потврди дека Вељаноски, иако бил претседавач во Собранието, ги гледал снимките од тепањето на неговите колеги пратеници од својот кабинет и не реагирал.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“ велат дека сведокот во суд е должен да ја зборува вистината и дека во случај на давање на лажен исказ тој бил гонет. Сепак, велат дека ова негово сведочење би можело да биде основ за отворање истрага против Вељаноски, но не и кривично гонење.

Во поглед пак на себеинкриминирањето, не постои основ за кривично гонење (покренување на обвинение), но постои основ за отворање истрага со цел да се приберат повеќе докази со кои евентуално би се поткрепил кривичниот прогон“, велат тие.

Истрагата на Обвинителството треба да даде одговор кој го смислил и организирал упадот во Собрание, и да ги потврди или да ги негира сведочењата во судот дека упадот го организирало раководството на УБК, а главните команди биле давани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во својата одбрана Нинџа не го спомена поранешниот премиер и тогашен партиски лидер Никола Груевски, а името на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, го спомена само еднаш.

Фросина Факова-Серафиновиќ