Додека живее ДУИ, правдата ќе умира


Специјалното јавно обвинителство ќе преживее, но правдата ќе умре. Владините коалициски партнери го стокмија новиот предлог-закон со кој ќе се реши статусот на „специјалните“, но што се договориле СДСМ и вечната ДУИ нема да остане сокриено бидејќи епилогот од процесите ќе го покаже тоа. Досега функционерите на ДУИ со сите свои постапки само покажуваа дека законите не важат за нив.

Нивните блиски луѓе можат да градат диви платформи на Матка и никој да не биде надлежен за тоа, а градоначалникот на Општина Сарај да му порача на неговиот колега Петре Шилегов – да си ја брка својата работа. За нив може министерката за труд и социјална политика Мила Царовска да открие дека директор од нивните редови не уплаќал пари на осигуреници во вториот пензиски фонд, а вицепремиерот Бујар Османи да ѝ порача – да внимава што зборува. Цела македонска јавност гледаше како се тепаа пратеници и новинари во Собрание, додека тогашниот собранискиот спикер Трајко Вељаноски седеше во својот кабинет, а кога обвинителството собра докази против него, од притвор го спаси токму оној со кого се бореа за претседателското место, Талат Џафери, под изговор дека мора да ја почитува процедурата. ДУИ „блесна“ и на темата непотизам, откако никој од посочените високи функционери од оваа партија не покажа ни лажна намера да ги повлече роднините вработени во добро платените државни компании. Пораката на Артан Груби дека ДУИ безрезервно се става на располагање на органите на правдата јавноста ја дочека како добар виц.

Иако и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и министерката за правда Рената Дескоска ја убедуваа јавноста дека коалициските партнери се договориле за статусот на СЈО без никакви амнестии, и сега треба да се обезбедат гласови за законот во Собранието, јавноста не верува дека некој воопшто ќе заврши во затвор, освен Ѓоко Поповски. И самата специјална обвинителка вели дека без „бомбите“ како докази е можно некој да се спаси, но и дека може да биде некој плус обвинет. И, секако, тоа не зависи од волјата на СЈО, кое треба да ја испорача правдата под диктат на волјата на политичките партии кои треба да го обезбедат мнозинството во парламентот. А, таму, треба да се моли за гласот на координаторот на ДУИ, Ејуп Алими, кому му се суди во случајот „Титаник 3“, за гласот на независните пратеници меѓу кои е и обвинетата поранешна министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска и на Владанка Авировиќ, чиј син беше осуден во случајот СЈО, „Труст“. И тука пропаѓа поддршката од осумтемина пратеници со кои власта го кроеше двотретинското мнозинство во Собранието, па сега решението ќе се бара на лидерска средба со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чие, пак, финансирање е под истрага на СЈО. Регулирањето на статусот на СЈО е клучен услов за добивање препорака за почеток на преговорите со Европската Унија, но она што е клучно е дали СЈО ќе остане украс во јавнообвинителскиот систем, само за да се запази формата што ја бара Европа или ќе ги истера до крај истрагите што ги почна против поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Сега, со новиот предлог-закон, власта ќе има можност да покаже дали сака искрена борба против криминалот со шансата што му ја даде на СЈО да гони висока корупција на функционери од актуелната власт. Јавноста можеби нема до крај да ги дознае политичките пазари што ќе ги направат партиите, но сето неказнување досега може да биде предзнак дека никој нема да си „лежи“.

Човекот по кого беше наречен еден период од владеењето во Македонија, кој се нарекуваше режим, е слободен во Будимпешта и испраќа политички пораки оттаму. Неговото бегство беше главниот удар на Специјалното јавно обвинителство. Сега, кога довербата во СЈО падна, власта парадира со новата Антикорупциската комисија, како тело за бескомпромисна битка со криминалот. Новата претседателка Билјана Иванова секојдневно е на средби со владини претставници, но сè уште не може да обезбеди документи од институциите за непотизмот на функционерите, што ја покажува вистинската волја и подготвеност на системот за расчистување на криминалот. Политичарите остануваат недопирливи, а правдата останува недостижна за граѓаните, особено за оние што беа жртви во политички монтираните случаи на минатата власт. Беа апсени од домовите и им беше одредуван експресен и долг притвор, а сега не можат да ги повторат судските процеси и во фер постапка да докажат дека биле затворани поради политички причини. И самите велат дека правда не може да се очекува пред сè додека синдромот ДУИ е во сите пори на општеството. Сликата кога поранешниот заменик-министер за внатрешни работи Џеват Бучи му ги извади лисиците на сегашниот висок функционер на ДУИ, Артан Груби, станува огледало за селективната правда во Македонија.

Фросина Факова – Серафиновиќ