Додека Брисел чека владеење на правото: Ќе го кастрираат ли пратениците СЈО?


Одговорноста за масовното прислушување во Македонија и пресудите за висока корупција влегоа во препораките на европските министри. Ова се дел од условите на Брисел за започнување на преговорите со Македонија во јуни 2019 година.

Но институцијата што беше формирана токму за да го истражи масовното прислушување, Специјалното јавно обвинителство, се соочува со опасност да остане без „бомбите“, односно да не може да ги користи прислушуваните разговори како докази во судска постапка, туку само како индиции врз основа на кои обвинителите би собирале дополнителни докази. Ова сега е најголема пречка за да се обезбеди двотретинско мнозинство за носење закон со кој ќе се реши статусот на СЈО.

Моментално се разгледуваат три законски опции – едната е изработена од владината работна група, другата врз основа на предлози на СЈО, а третата доаѓа од политичките партии и групи. „Бомбите“ не им одговараат на дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за кои Специјалното јавно обвинителство има отворено случаи, но и на дел од пратениците на ДУИ, со оглед на тоа што СЈО води истраги против лидерот на оваа партија, Али Ахмети и вицепремиерот и поранешен министер за здравство Бујар Османи. Овие случаи се во фаза на истрага и ако се донесе закон со кој СЈО нема да може да ги користи „бомбите“ како докази, овие истраги може да пропаднат.

Ставот на министерката за правда Рената Дескоска, која на брифинг со новинарите ги соопшти опциите што се разгледуваат, е дека „бомбите“ треба да обезбедат индиции за криминал, и со нивна помош да се обезбедат соодветни докази за да не се уништи досегашниот труд на СЈО.

„Во делот што се однесува на истрагите, таму е вложен труд од СЈО и тука не треба да се дозволи да има практично амнестирање на кривични дела со измени на закон. Во тој дел ќе мора да водиме сметка да се направи прецизна одредба што ќе даде можност делата што биле направени и што биле во фаза на истрага да можат да се продолжат. Кој ќе продолжи, дали Обвинителство за организиран криминал или СЈО ќе биде дефинирано според надлежностите што ќе бидат распределени меѓу овие две обвинителства“, рече министерката Дескоска.

Од Коалицијата на здруженија на граѓани Сите за правично судење велат дека таквите измени би ја скратиле можноста на СЈО да продложи со текот на отворените истраги, а со тоа би се влијаело на самата дефиниција за која беше формирано оваа обвинителство.

„Главните препораки на ЕУ се во насока да се најде трајно решение за опстојување на СЈО во однос на гонење на кривичните дела кои произлегуваат од прислушкуваните разговори и секако да се дојде до нивна разрешница со цел владеење на правото и враќање на довербата на граѓаните во правосудството.
Поради тоа, одземањето на надлежноста на СЈО да постапува по овие предмети, нема да биде пречка гонењето и истрагите за овие предмети да биде преземено од страна на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција“, велат од Коалицијата.
Од Здружението предупредуваат дека законодавецот треба да постапува крајно внимателно за да не се наруши независноста на судствот во поглед на оценката на доказите.

„Битно да се има предвид дека стандардите за докажување, односно оцената на доказите, вклучувајќи ја и оцената на нивната законитост е во исклучителна надлежност на судот, а не и во надлежност на законодавецот. Во прилог на тоа говори и начелото на слободна оценка на доказите согласно член 16 од ЗКП, како и дадените овластувања на судот да одлучува за законитоста на доказите и нивното користење во постапката, наспроти отсуството на закон или било каков пропис кој ја регулира оваа материја. Поради тоа е битно законодавецот да постапува со крајно внимание како не би се нарушила независноста на судството во поглед на оцената на доказите. Останува да се види предлогот на законското решение и дали со него ќе се овозможат услови за СЈО и понатаму да постапува по делата од неговата надлежност“, велат од Коалицијата Сите за правично судење.

Од Специјалното јавно обвинителство засега нема никаква официјална реакција на овие најави и што би значело тоа за нивните истраги и предистраги. Доколку биде донесен ваков закон за Специјалното јавно обвинителство, се поставува прашањето како ќе реагира Брисел, особено земјите членки како Франција и Холандија, кои инсистираа на конкретни резултати и поголем напредок околу владеење на правото. Љупчо Петковски, извршен директор на Центарот за европски стратегии, вели дека доколку му се одземат „бомбите“ на СЈО, тоа би значело своевидно кастрирање на оваа институција, со што власта би им дала материјал на Франција и Холандија дека владеење на правото не се остварува во мерка потребна за земја што сака да почне преговори со Унијата. Но, сепак, вели дека не може да ја предвиди реакцијата на Брисел и овие европски членки бидејќи сè е тоа политика.

„Да се потсетиме дека Европската Унија ја поздрави амнестијата. Мислам дека сето ова ќе го проголтаат за да се имплементира Преспанскиот договор и затоа мислам дека и брзаат сите непопуларни работи сега да ги протуркаат. По битката, може сите да испаднат генерали. Ќе зборуваат, ќе видиме веројатно некои реакции, но сето тоа е политика, не се знае како ќе реагираат“, вели Петковски.

Поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска, сепак вели дека треба да се почека и да видиме со кој закон ќе биде решен статусот на Специјалното јавно обвинителство бидејќи политичката сцена се менува од ден на ден.

„Деновиве се појавија информации дека се размислува дали да има избори или не. Ако има избори за многу кратко време, прашање е кога ќе може да работи Собранието. Многу работи се во игра, сето ова се претпоставки“, вели Николовска.

Таа потенцира дека сега треба да се направи споредба меѓу законите, да се види што е во согласност со уставните одредби, а што е во согласност со општиот Закон за јавно обвинителство.

Во петокот власта обезбеди мнозинство и пратениците ги изгласаа уставните измени за имплементација на Преспанскиот договор со кој се менува уставното име на земјава. Сите реформи досега беа во сенка на овој процес и власта направи многу отстапки за да го обезбеди потребното мнозинство за имплементација на овој процес, кој е еден од главните услови за влез во Европската Унија.

„Преспаниот договор не е само историски договор. Овој договор е опстојувачки договор за државата, а во таа насока има многу елементи кои треба да се елаборираат и да се види што е попотребно и понепотребно. Тоа се принципи кои се елемент на владеење на право“, смета Цаца Николовска.
Сега, кога нема пречки, таа очекува државата да ги спрегне сите сили кон правосудните реформи.

„Одредени закони се носат со двотретинско мнозинство и неодговорно е ВМРО-ДПМНЕ да продолжи вака да се однесува и да не сака да земе учество во работата на законодавниот дом. Тие се пратеници за да ги изнесат сите работи во законодавниот дом, а не да излегуваат на протест и таму да ги кажуваат работите“, вели судијката.

Пред да ја блокираат одлуката за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, Франција и Холандија во нон пејпер, односно неофицијален документ, напишаа дека Македонија и Албанија не успеале да ги исполнат ветените реформи. (Ф.Ф.С.)