ДИК на столбот на срамот


 

Лавина од критики се урна деновиве по објавувањето на информацијата дека членовите на Државната изборна комисија си исплатиле 30 плати за 18 месеци „макотрпната работа“, за која патем редовно добиваат негативни оценки од меѓународните организации. Колку и да се правдаат, колку и да се самосожалуваат, колку клетви и да упатуваат, нема да сменат ништо во фактот дека ќе го платат цехот за пораката што по промените во декември минатата година сака да ја прати јавноста до тие што сега ги спроведуваат законите во Македонија. Пораката е – доста е!

Тоа што илјадници маршираа со месеци по улиците за да се спротивстават на злоупотребите, на корупцијата, на неправедното богатење и на финансиско исцрпување на граѓаните на сметка на полнењето на џебовите на функционерите, очигледно не е научена лекција во Македонија. Покрај за делењето бонуси во три часот по полноќ, за да не дознае јавноста, ДИК ќе го плати цехот и за сите оние што во овој краток период играа по нервите и пречуствителноста на нацијата. Оние што без мера се рашетаа низ светот, оние што летаа со бизнис-класа, што се удомија на позиции каде што не им е местото, што удомија свои и што брзо заборавија со какви ветувања и очекувања дојдоа на која било позиција во државата. Според некои оценки, тајното заседавање на ДИК за бонусите е рамно на злосторничко здружување против народните пари, а за други тоа е одраз на состојбите во општеството во кое моралот и етиката се на дното, а личните интереси на пиедесталот.

Обидот, пак, на некои од членовите на ДИК да се пресметаат со гневот на јавноста покажа дека изгубиле контакт и со реалноста и со моментот. Да се вадат на стрес и на прекувремена работа во земја кога текстилните работнички буквално се експлоатираат, а многу други категории граѓани можат да сонуваат за редовна плата или платена прекувремена работа, е нонсенс. Да се зборува за заслужен надоместок, и тоа не за еден туку за триесет, во ситуација кога парите што си ги делат доаѓаат од кредитите со кои барем еднаш месечно се задолжува Владата, е исто така нонсенс. А да се споменуваат клетви, свеќи и пченица, само затоа што нивната одлука наиде на силна критика во јавноста, зборува колку ДИК се одлепила од нацијата, колку станала жртва на сопственото чувство за големината и важноста и колку ги измешала лончињата, во смисла која е неговата мисија и зошто е ексклузивна неговата улога во вакви тешки и пресвртни времиња.

Факт е сепак дека очекувањата на јавноста од ДИК не кореспондираат исто така со реалноста. Во континуитет некои членови на ова тело покажуваат однос кон Државната изборна комисија како кон приватно дуќанче, користејќи го својот глас како акција на берза. Она што изненади овој пат е дека по долгите ноќи на кавги и спротивставувања поради партиската наклонетост на повеќето од нив, сите се обединиле околу бонусот и околу намерата таа одлука да се сокрие од јавноста.

Тоа што одлуката, пак, била законска никого не го ослободува од одговорноста за немањето слух за потребата од промена и за потребата од нова политичка култура. Дотолку повеќе што целиот систем на претходната влада, кој беше оценуван како авторитарен, почиваше на закони донесени во нејзино време, па и со демократски предзнак. Најпоразително во овој скандал е, сепак, што дваесет години се бара модел како ДИК да стане непартиска, кредибилна и транспарентна институција, а единствено што покажа таа досега, и покрај многуте измени на нејзиниот состав и форма, е дека во неа само личниот интерес функционира без проблем.

Слободанка Јовановска