Диктатот на политиката


Борче Давитковски

Македонија, за жал, сè уште е земја во транзиција (27 години), или кажано со нова терминологија, држава со отприлика перманентна или латентна политичка криза. Затоа, слободно може да се каже дека постојано актуелната политика влијаела врз положбата и екипирањето на извршната и управната власт, со што таа и вистински стана доминантна во однос на законодавната и судската власт. Како еклатантни периоди на директно влијание на политичката власт врз екипирањето и структурата на особено високите нивоа на државната администрација, треба да ги истакнеме следниве:

Од 2002 до 2006 година каде што отприлика 3.000 до 3.500 високи државни службеници и раководители на пониските органи на управата беа сменети;

Периодот од 2006 до 2017, кога само во 2006 година околу 4.000 раководни државни функционери беа разрешени и настана целосна партизација на јавниот сектор, како во класичната државна администрација, така и во јавните установи и јавните служби. За истакнување е дека во овој период првпат во Македонија старосната структура на првата група раководни државни службеници, од раководител на одделение до државен советник, имаше просечно помал работен стаж (5-7 години) од втората група стручни државни службеници (од помлад соработник до виш советник) каде што работниот стаж беше отприлика од 20 до 25 години, нешто што секаде во светот вообичаено е обратно.

По нејзиното формирање во мај 2017 година, Владата донесе две стратегии, и тоа: Стратегија за реформа на судскиот систем и Стратегија за реформа во јавната администрација. Имплементацијата на овие стратегии се остваруваше прво преку планот „3-6-9“, за пред некој ден да го слушнеме новиот план 18. Исто така, се пристапи кон измена на Законот за администрација каде што се дозволи од една во друга група да се преминува без посебно полагање на испити, при што конкурсот за избор на в.д. директорите се распиша последниот ден од истекот за времето за кое се назначени (6 месеци), така што тој мораше да биде поништен и повторно да биде распишан и на крајот повторно да бидат избрани истите со одложени услови, познавање англиски јазик за една година.

За овој период треба да го истакнеме и статусот на таканаречените рамковни вработувања каде што новата влада во „мираз“ наследи 1.500 нераспределени административни службеници кои повеќе од 5 години примаат плата, не одат на работа, а е утврдено дека 250 од нив не се ниту на територијата на Македонија. На тие, пак, што се тука им е оставено на нивната диспозиција да одлучат во кој орган ќе сакаат да бидат распределени. Очигледно до исполнување на условите за пензија ќе размислуваат. Наместо ресорниот министер да ја провери оваа бројка, тој јавно истакнува дека бројката е шпекулација?!

Од друга страна, во светот во поглед на развојот, положбата и улогата на јавната администрација во државата постојат два модела, односно две тенденции.

Првата е администрацијата да е во исклучива функција на остварување на правата, слободите и должностите на граѓаните, односно администрација како јавна служба, сервис на граѓаните која исклучиво во согласност со принципите врз кои е основана, а особено без притисок на актуелната политичка власт, ги остварува своите функции како сервис на граѓаните. Оваа тенденција е во сите западноевропски и северноамерикански држави каде што администрацијата е во функција на интересите на граѓаните.

Втората тенденција е администрацијата да биде во функција на остварување на потребите исклучиво на актуелната политичка власт, на политичките елити за да можат тие да доминираат со сите општествени сегменти во државата. Треба да се истакне дека кога се зборува за Република Македонија, за жал, секогаш се применувала оваа втора тенденција, а особено во изминатиот период (2006 – 2017) таа е доведена до совршенство, така што и диктаторските режими од јужноамерикански, африкански и азиски ков можат да учат од нашата практика.

За да се надмине ваквата досегашна практика, би требало носителите и креаторите на јавните политики, а пред сè, министрите, повеќе да бидат посветени на реформските зафати во сферата на надлежноста на својот ресор, а помалку на вработувањето партиски кадри и на тендерските постапки. Исто така, тие би требало да ги имаат истиот ентузијазам и жар за создавање вистинска клима за промени во својот сектор, барем колку што го имаше премиерот во изминатиот период кога се однесуваше за решавањето на прашањето за нашите евроатлантски интеграции. Би требало час поскоро вистински да се посветат на овие реформски зафати за да не чекаме некоја нова влада да донесува некои нови стратегии и секојпат да бидеме во надеж дека нешто ќе се промени. Промените не се ЕУ, НАТО, за чаламење на актуелните носители на политичка власт, туку за да можат граѓаните на брз и ефикасен начин да ги чувствуваат придобивките на демократијата кои, за жал, отсуствуваат речиси трета деценија.

(Колумната е дел од проектот на АГТИС, со наслов „Детски болести на демократијата“, финансиски поддржан од НЕД)