Денес истекува рокот за понуди за Брза помош и Домашна посета


Денеска истекува рокот за доставување понуди за распишаната јавна набавка од Министерството за здравство за изработка на физибилити-студија и анализа за можностите и капацитетите на услугите Брза помош и Домашна посета, со цел да се најде најдобар модел за воспоставување јавно-приватно партнерство. Проценета вредност за студијата е 600.000 денари. Отворањето на понудите ќе се одржи во просториите на Министерството за здравство, стои во електронскиот систем за јавни набавки.

За „Независен весник“ министерот за здравство Венко Филипче вели дека сакаат да вклучат критериуми за експертиза што ја нема кај нас, со што би се добило на квалитет. Очекува да се јават лекари од странски здравствени установи. Суштината, според него, е за иста цена на чинење на здравствената услуга да се добијат подобри услови.

„Суштината е за истата цена на чинење на здравствената услуга да се добијат многу подобри услови. Ние даваме дејност што во моментов или ја немаме или ја имаме, како што е Брзата помош, а не сме задоволни од тоа како функционира. Сакаме да бидеме сигурни дека во моментот кога ќе го дуплираме капацитетот на возила, на пример, во Брзата помош во Скопје, тоа како систем ќе биде доволно. Меѓутоа, ако сметаме дека нема смисла ние да инвестираме во возила, тогаш ќе биде подобро да направиме аутсорсинг. Која е другата поента? Ние ги правиме физибилите-студиите за да покренеме јавна дебата од која треба да излезат заклучоци. Да видиме дали може некој за иста сума пари да ни даде возила, експертиза“, вели Филипче.

 

 

     Преку „аутсорсинг“ се планира да се отвори и празното гинеколошко одделение во Неготино

 

Министерот уште минатата недела истакна дека подготвува физибилити-студии со цел да се направи анализа кои специјалности и супспецијалности можат да преминат во јавно-приватно партнерство. Притоа, навести дека освен сервисите на Брзата помош, ќе бидат опфатени и ин витро фертилизација и стерилизација. Укажа дека на државните клиники недостига инфраструктура, а со експертизата и надградување на инфраструктурата здравствените установи ќе станат препознатливи во регионот. За „Независен“ вели дека сакаат да ги анализираат дејностите кои големите европски фондови ги „ауторсираат“, односно преку надворешни компании се дава дополнителна поддршка во дејностите.

„Има дејности што се многу скапи да се одржуваат од аспект на експертизата, условите, опремата и материјалите. Такви се ин витро фертилизација, Брзата помош, стерилизацијата. Проблем е што во државава имаме региони каде што дури и за класична медицина недостига по некоја дејност. Така, целосно е затворена гинекологијата во Неготино, а во Кавадарци има само двајца гинеколози кои доаѓаат од Скопје. Локален гинеколог во Неготино и Кавадарци за цел регион на Повардарие немаме и, сега, зошто да не пробаме да го аутсорсираме тоа? Услугата за жената на породување или на следење ќе биде иста. Имаме цел празен кат во Здравствениот дом во Неготино. Може да направиме физибилити-студија дали некој е заинтересиран да дава гинеколошка дејност во неготинската болница, а ние ќе ги дадеме критериумите, дека сакаме да има двајца гинеколози, еден неонаталог, двајца анестезиолози, бројка на инкубатори и столови за породување. Да видиме, ако склопиме еден таков пакет, дали некој ќе сака да работи со Фондот, да го реновира Одделението за гинекологија во Неготино. Така ќе решиме цел еден регион, а жените нема да одат во Скопје или Велес на прегледи“, објасни Филипче.

Студијата треба да покаже дали воопшто е можен модел на јавно-приватно партнерство за овие услуги, кој инаку функционира во земјите како Италија, Велика Британија, па и во Македонија. Министерството прави анализа во која насока ќе се реализира ваквото партнерство за Детската кардиохирургија за таа да биде префрлена во приватна здравствена установа. Притоа, во јавноста се спомнува болницата „Филип Втори“. Целта е пациентите да ја добијат потребната здравствена услуга, а операциите за децата да бидат целосно обезбедени од Фондот за здравствено осигурување.

Вероника Мароска-Леова 

Борис Грданоски-фоторепортер