Деинституционализација: „Тимјаник“ или „Титаник“


Ило Трајковски

Темата на оваа колумна ми се чини актуелна. Но не поради акутноста на прашањата кои ги покренува, туку токму заради нивниот хроничен карактер. Таа зборува за проблемите со една болест на општеството од која тоа нема да умре, како што велат специјалистите за болните од реума, но ќе умре со неа. А живот со злокобна хронична болест, каква што е неинституционализираноста или аномичноста, е поблиску до варварство отколку до цивилизиран живот достоен било за единка било за општество.

Во нејзината акутна форма темата се отвори некаде во јуни минатата година. Таа се манифестираше во форма на протести на жителите на неготинското село Тимјаник. Тие се побунија против намерата на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во објект во нивното село да всели неколку деца со интелектуална попреченост дотогаш сместени во Специјалниот завод од Демир Капија. Оваа мерка наиде на реакција од жителите, кои од различни причини одбиваа децата да бидат преселени во мал групен дом во нивното село. Тогаш амбициозната министерка за труд и социјална политика на самото место се соочи со отпор од страна на дел од локалната заедница. Благодарение на нејзината професионална подготвеност и демонстрираната добронамерност епизодата со отпорот од илустрација на, според некои тогашни оценки, нецивилизираност и нетолерантност се заврши така што „Тимјаник“ стана практичен и симболички пример за предизвиците и шансите на „Националната стратегија за деинституционализација“.

Стратегијата е втора по ред. Првата беше донесена во 2008 година и траеше до 2018, а новата го покрива периодот од 2018 до 2027 година. Значи државата, Република Македонија, во периодот од дваесет години ќе дејствува во насока на она што со Стратегијата се нарекува „деинституционализација“ на некои од јавните дејности во областа на социјалните грижи. Деинституционализацијата, значи, ќе стане хронична состојба на нашето општество. Оттука, може да се очекуваат и нови акутни случаи на одбивање и отпор. Дали тие ќе продуцираат некој нов „Тимјаник“ или ќе прераснат во наши „титаници“ ќе зависи од тоа како јавноста и општеството во целина ја разбираат идејата за деинституционализација и, особено, нејзината идеолошка матрица, но и од практичните ефекти од нејзината имплементација.

Овде поттикнувам деконструкција на едно многу проблематично разбирање на деинституционализацијата содржано во самата владина Стратегија. Согласно прифатената дефиниција, деинституционализацијата се разбира како „затворање на институциите и истовремен развој на социјалните услуги во заедницата“. Топографски речено, станува збор за затворање на институциите од областа на социјалните грижи и преселба на нивните сегашни корисниците во заедницата, потоа развој на соодветни услуги во самата заедница и спречување на институционализација. Особено индикативна е последната од четирите стратегиски цели – спречувањето на институционализацијата! Токму таа цел открива дека станува збор за проект кој, иако се одвива во областа на социјалната работа и социјалната политика, тој, има специфични идеолошки димензии и амбиции. Тие, без соодветна ограда, може да се разберат како повик за затворање или растурање на сè што е институционално, а тоа значи на сè што е општествено!

Институциите и инситуционализацијата се суштината на општественоста. Од социолошка перспектива, институциите се утврден, установен и прифатен начин на постигнување на општествено легитимни вредности и цели. Нема општествен ред и поредок без општествени институции. Нема цивилизација без институционализација на односите меѓу луѓето. Нема ни закон ни право без тоа, туку само волја на посилниот, а тоа значи варварство.

Токму од таа свест за значајноста на институциите и институционалноста документот на Заедничките европски насоки за премин од институционална кон грижа во заедницата, а на кој како на свој извор се повикува нашата Стратегија, експлицитно препорачува одбегнување на терминот „деинституционализација“ и наместо него користење на терминот „премин“ од институционална кон грижа во заедницата. Институциите се од суштинска важност за општествениот ред. Тие може да се менуваат но никако не треба да се „затворат“, да се укинат или да се заменат со некакви други вонинституционални алтернативи, а при тоа сè уште да се одржи цивилизираноста.

Отсуството на соодветна иституционализираност на односот помеѓу луѓето во општеството воопшто и во која било конкретна сфера се препознава низ феноменот „слаби институции“, а силни поединци (личности) или групи. Токму тоа е главниот социолошки проблем на нашето општествено уредување. Во такви услови луѓето се водат според мотото „снајди се ако можеш“. Значи, ако си моќен наметни се и оствари ја својата волја. Таквото однесување дури станува и пожелно, а ненормалното, девијантното станува нормално, т.е. препорачано. Поради тоа, во такви матни, неуредени општествени околности успеваат личности кои се „послободни“, побескрупулозни и посебични од другите, кои како што се вели „ловат во матно“, личности кои не се обѕираат на општествените норми бидејќи нив или ги нема или нема оперативни институции кои да ги штитат. Неинституционализираната состојба е состојба на аномија, состојба на себичен интерес и на крајот на краиштата на војна на секој против секого.

Од тие причини, т.н. нова парадигма за деинституционализација на општествениот третман на лицата со попреченост, но и на други ранливи категории наидува на сериозни идеолошки и практични критики. Идеолошки таа се покажува како дел од поширокиот неолиберален идеолошки проект за приватизација и либерализација на сè што е јавно, односно општествено. Во конкретниот случај, за приватизација на јавните установи од областа на социјалните грижи.

Анализите на практичните искуства од преминот од политика на згрижување на засегнатите лица во институции кон нивно згрижување во локални заедници покрај на очекуваните придобивки укажуваат и на многубројни проблеми. Потврдено е дека, навистина, по нивното пренесување од институции во заедница кај многу од нив се забележува зголемување на нивната независност, подобрување на квалитетот на нивните животи, намалување на употребата на психотропни медикаменти, зголемување на нивната социјализираност и приспособливост кон промените во опкружувањето. Но анализите, исто така, покажуваат дека токму поради недоволната инситуционализираност на грижата за овие лица во заедницата, по нивното пренесување во неа, многумина од нив станале бездомници, изолирани, виктимизирани и стигматизирани, некои биле реинституционализирани, а некои и ги изгубиле своите животи.

Истакнувајќи ги ваквите емпириски сознанија за негативните последици од деинституционализацијата, некои аналитичари неа ја препознаваат како психијатриски Титаник. Затоа, за да не ни се случи нашиот прв Тимјаник да го засени некој нов Титаник, неопходно е критичко промислување на идеолошките основи на самата идеја за деинституционализација и, уште повеќе, следење на конкретните ефекти од нејзиното спроведување во дадените македонски услови во локалните заедници.