Две нијанси на демократијата


Звонко Давидовиќ

Сина капа со петокрака и црвена марама околу вратот, симболи на најмладите во некогашната држава што веќе не постои. Младите се делеа според возраста и постигнувањата во таа некогашна држава и растеа здраво и чекор по чекор, под будното око на родителите, комшиите, учителите, општеството. Од пионери стануваа младинци и се осамостојуваа сега под будното око на родителите, професорите и општеството. Се натпреваруваа во знаење, хуманост, човечност и доблестите кои беа морален кодекс на однесување во тоа време. Чест беше да си избран за најдобар ученик, уште поголема чест да отидеш на работна акција на која ќе работиш без пари, но ќе другаруваш со своите врсници и ќе ја градиш својата татковина. Уште поголема чест беше да бидеш дел од слетот на 25 мај на Денот на младоста или да ја носиш штафетата низ градовите на својата држава.

Младите во таа некогашна држава имаа бесплатно образование, бесплатно здравство кое функционираше за сите еднакво и за сите исто. Младите носеа училишни униформи и наликуваа еден на друг во своите морални вредности, знаење, а беа толку различни како и сите млади на светот во своите желби, своите планови и иднината. Ги слушаа „Индекси“, „Атомско склониште“, „Бјело дугме“, Здравко Чолиќ, „Азра“, „Лачни Франц“… Се разликуваа само по своето место на живеење и бојата на очите и имињата, а не по религијата, општествениот статус или националноста. Боледуваа од исти болести, примаа исти вакцини, учеа од исти учебници и растеа и живееја еднакво и на ист начин. Немаа мобилни телефони и компјутери, немаа интернет и сто канали, немаа ни телевизори во боја, ама се имаа еден со друг, имаа другарство и љубов во своите срца. Се запознаваа и се засакуваа и склучуваа бракови, создаваа семејства и ги растеа своите деца со истите морални вредности.

Учеа младите математика и историја еднаква и иста во секое училиште во државата, учеа исти предмети од исти учебници и полагаа исти испити на факултетите. Не беше важно каде студираш, затоа што образованието беше исто, не беше важно каде живееш затоа што истите работи ги имаше секаде, не беше важно што си по националност или религија, затоа што тие деца ги учеа дека се исти без оглед на разликите. Истите миженки, плочка или ластик се играа секаде и головите се правеа од училишните чанти на ливадите од Гевгелија до Триглав. Во иста војска на иста возраст одеа и учеа дека сите се еднакви и моќни ако се заедно и дека треба да се сакаат и почитуваат за да имаат иднина.

Навиваше таа младина за Вардар, Партизан, Црвена звезда, Динамо, Хајдук, но не се мразеа поради боите на клубовите.

Растеше таа младина и освојуваше светски првенства во кошарка, ватерполо, ракомет. Стануваа почитувани луѓе во едно почитувано и морално општество. Криминал имаше, но во многу мал процент, затоа што моралните вредности беа вистински а не искривени, општеството веднаш реагираше во сите свои сегменти и функции, а на улиците дежураа позорникари милиционери кои ги познаваа сите од својот реон. Убиствата беа ретки, толку ретки што се изучуваа на правните факултети, а безбедноста беше на толку високо ниво што вратите на домовите не се заклучуваа.

Некои тоа време го нарекуваа време на едноумие и време на партиска тортура на една партија, време во кое поединецот не бил важен туку колективот, а човечките права биле на ниско ниво и задушувани од власта.

Поминаа години и еднопартискиот систем го замени повеќепартискиот систем, едноумието го замени демократијата, а човековите права се издигнаа над колективот, како што тврдеа и сè уште тврдат некои. Црвените марами и сините пионерски капи останаа само спомен од некогашната историја за никогаш повеќе да не се гради култ на личноста, како што тврдеа некои. Дали е тоа така или не, ниту ќе се впуштам во полемизирање ниту пак на крајот на краиштата е важно, но она што е важно, а што никој не може да го оспори, е дека од едноумие стана и дојде време на безумие.

Повеќепартискиот систем стана, всушност, двопартиски систем, поделен по национална и религиска основа, по две партии за секоја националност и религија. Со здравството се експериментираше, се приватизираше и крадеше, сè додека тоа не прекина да функционира и од хумано не стана сурово и бирократско кое ќе одзема животи а нема да ги спасува и лекува. Наеднаш почнаа да умираат бебиња поради лекарска или системска грешка, поради неспособност и незаинтересираност. Почнаа да умираат деца поради суровост, бирократија и нечувствителност, почнаа здравството и државата да ги затвораат очите и да дозволуваат млади животи да згаснат. Дозволија да се случи Тамара која не стигна да зачекори во животот поради незаинтересираност, алчност, нехуманост и неморалност. И казна и одговорност немаше, освен за нејзиниот дедо.

Образованието како систем престана да постои и се претвори во распуштен систем на маалски бизнисмени кои трчаа по заработка и тендери за печатење на учебниците, а не за содржината и вистинитоста на учебниците. Наеднаш децата не учеа повеќе иста историја или географија, туку историските вистини почнаа да зависат од авторот, местото на живеење и националната и верската припадност. Наместо фактор на спојување, образованието стана фактор на раздвојување и фактор на омраза. Во учебниците не се сакаше туку се мразеше сè што е различно или поинакво. Почнаа да се величаат и возвишуваат убијци и ликвидатори, а по реформаторите и хуманистите се плукаше. Историјата се фалсификуваше и се пишуваше онака како што на оние што се на власт им одговараше за дневно-политички поени и успеси. Знаењето не спојуваше туку раздвојуваше, знаењето и образованието не ги учеа децата на љубов и толеранција, туку на омраза и нетолерантност. Истиот говор на омраза од учебниците излезе на улиците и партиските трибини и говори и сееше омраза во детските души за сè што е поинакво и различно по која било основа. Она што го покажуваа „демократите“ е дека силата и моќта не се во знаењето и љубовта туку во омразата и тупаницата. Така ни се случија Мартин Нешкоски, Ангел Петковски, крвавиот четврток, црниот понеделник и сите други денови од неделата сиви до изобличеност.

Од едноумието квазидемократите создадоа партиско безумие кое се вкоренуваше во секоја област на општественото живеење. Со своите постапки и партизираност на судството и заробената држава, на младите им покажаа дека единствено си сигурен ако си член на партија и тогаш можеш сè, а тебе никој не ти може ништо. Од училниците и учебниците омразата се пренесе и на спортските терени и автобуските постојки, кафулињата и дискотеките. Така згаснаа многу животи на млади луѓе кои само што зачекориле по патеката на животот кој друг им го одзел без повод и причина. Така ни се случи и Саздо. И повторно молк на институциите, молк за виновниците кои придонесле рака на други млади луѓе да одземе живот, молк без осуда за воспитувањето како домашното, така и училишното.

Многу млади луѓе ги изгубија животите поради некадарноста на луѓето кои се на чело на државата или подобро кажано, поради нивната алчност, неморалност и плиткоумност, поради разнебитеноста на државата и нејзините институции и инертноста и скапаноста на општеството. Уште повеќе млади луѓе ги напуштија државата и своите вековни огништа од истите причини и поради безнадежноста и разнебитеноста на општеството.

Колку сме богати за да можеме да си го дозволиме ова, да дозволиме вакво расфрлање со животите на младите кои заминуваат од ова парче земја на еден или друг начин засекогаш? До кога ќе молчиме и ќе се правиме дека тоа му се случува на некој друг таму далеку од нас? Зар болката и тагата по секој живот не се исти, без оглед на името, верата, националноста, бојата, образованието, општествениот статус? Што треба да стане и да се случи за да се разбудите и да го кренете својот глас и да разберете дека поделбите не носат ништо добро.

(Авторот е адвокат)