Да си здрав и жив господине Карл Билд


Ерол Ризаов

„Мислам дека треба силна посветеност од моќните држави на ЕУ и институции за да се стигне до компромис за името. Без тоа, стратегијата на ЕУ за Балканот може да пропадне“.
Ова го напиша и обзнани Карл Билд, познат европски политичар, копретседавач на Советот на Европа за надворешна политика и поранешен министер за надворешни работи на Шведска. Господине Билд, да си здрав и жив. Не дека ова не го знаеме и не го пишуваме, предлагаме и бараме откако е наметнат спорот, ама ете, кога некој од Европа ќе го „открие“ истото, макар и со децениско задоцнување, дава надеж дека и во бриселската администрација има луѓе што јавно признаваат дека сепак оваа работа со името на Македонија не може да ја заврши Брисел сам, туку ќе треба посилен ангажман на владите и на првите луѓе на Германија, Франција, Англија и покрај Брегзит, Италија, Шведска, Холандија, Шпанија… што се вели стара Европа. И не само политичките лидери, туку ангажман на силните европски институции, како што допрецизира Билд, кои треба да се вклучат непристрасно за конечно да се симне оваа тешка дамка која стана неодговорно блокирање на европската стратегија за Балканот.
Кога една членка ја нарушува стратегијата и интересите на целата ЕУ, тогаш е неминовно да се земат работите, и лично, и институционално во рацете на луѓето што во вакви ситуации имаат и авторитет и моќ, но и механизми да се најдат компромисни решенија кои нема да им наштетат ниту на постојната членка ниту на идната. Со еден таков посилен ангажман на моќните членки на ЕУ, во кој нема да недостасува и улогата на Америка со оглед на најновите геостратегиски интереси на НАТО за Балканот, а има и доста работа за ОН, блиску до умот е дека е можно да се најде прифатливо решение и за Македонија и за Грција. Во пораката на Карл Билд карактеристични се зборовите „треба силна посветеност на моќните ЕУ држави и институции за да се најде компромис за името, без тоа балканската стратегија на ЕУ може да пропадне“. Ваууу.
Изненадувањето, барем за мене, воопшто не е поради прозивката на Билд на моќните држави, лидери и институции, туку во индиректното признание дека досегашните ангажмани на луѓето и институциите што можат да завршат работа не биле доволно силни и со други зборови доволно посветени на проблемот со кој се соочува Република Македонија со блокадата на нејзините евроатлантски аспирации, односно на нејзината иднина на земја членка на ЕУ. Познато е дека и француските претседатели, Митеран, Ширак и Саркози правеа обиди да се реши овој апсурден проблем. Ангела Меркел и нејзиниот претходник Герхард Шредер неколку пати најавија личен ангажман за наоѓање прифатливо решение. Американскиот претседател Џорџ Буш дури и јавно соопшти прием на Македонија во НАТО во 2008 година. Поради тоа, стана првиот американски претседател кој доби силна шлаканица во Букурешт не само од Грција, туку и од ЕУ и од високите политички ешалони на НАТО кои ја згазија неговата јавно соопштена најава дека Македонија заедно со Хрватска се следните членки на НАТО. До ден-денес јавноста во Македонија не дозна што навистина се случи во Букурешт, како тоа Буш излезе омаловажен. Беше лансирана шпекулацијата дека Буш го одглумил грчкиот и ЕУ шамар, во што е тешко да се поверува дека такво нешто ќе прифати еден американски претседател, таков блам не само за него, туку и за Америка. Чудно, ама ни до ден-денес никој не го праша Џорџ Буш што беше работата со Македонија во Букурешт.
Во својата мисија најдалеку отиде Ангела Меркел која најави, баш како што бара денес и Карл Билд, посилен ангажман на Германија за разрешување на наметнатиот спор. Најавата беше онака германска строга и прецизна. Крајот беше балкански замрсен. Меркел по неколку обиди крена раце од балканските лажговци кои кога лажат мислат дека го надитриле секој што сака да помогне во разрешување на бесмислениот спор. Кога најмоќната жена во светот ги изгоре прстите од жешките костени што ги ставија на жар, но ги покрија со пепел премиерите Груевски и Караманлис, велат Меркел извикнала, никогаш повеќе нема да работам на „мацедонише цуштенде“, позната крилатица во Германија „македонски состојби“ уште од конспиративното дејствување на ВМРО и меѓусебните убиства по улиците на европските градови во минатиот век. Што всушност означува замрсени и нерешливи состојби, тешка балканштина. Очигледно, откако беше излажана на неколку пати, канцеларката Меркел повеќе освен како чиста куртуазија не го спомна ова прашање пропуштајќи им го на Атина и на Скопје, што беше добредојдено повеќе за Грција, но и за власта во Македонија.
Многу бргу ќе дознаеме дали пораката на Твитер на Карл Билд е само лична работа или се подготвува терен за поголемо учество на меѓународната заедница. Ќе дознаеме, дали е тоа некоја веќе изготвена стратегија на моќните држави на ЕУ и на Америка да се заврши конечно работата поради стратегиски интереси кои се поместуваат понагласено кон Балканот. Ако се застане на името Република Македонија, со една од петте предложени и прифатливи географски и временски додавка од Нимиц: нова, горна, северна, вардарска, Република Македонија (Скопје) сето тоа ерга омнес, ама без промена на Уставот и правописот и без други условувања, проблематизирање на чувствителни идентитетски прашања како националната припадност и јазикот, симболите и личните документи, постојат шанси работата да се заврши.
Грција ќе може да каже дека успеала со временска, територијална јасна дистанца да ја обележи разликата меѓу грчка Македонија и соседната држава. А, Република Македонија може да биде задоволна со остварување на своите стратегиски интереси како членка на НАТО и на ЕУ и со зачувување на името, достоинството и идентитетот и надминување на опасноста за опстанокот на државата. Тоа би биле историски исчекори во кои повеќе сакаме да веруваме отколку што реално се можни без посилно учество на моќните земји членки на ЕУ и Америка.