Да се исклучат градовите од апаратите на среќа


Тенка е линијата меѓу господ и коцката. Тоа го покажува веста што неодамна го обиколи светот дека две калуѓерки, кои работеле во католичко училиште во Калифорнија, признале дека проневериле околу 500.000 долари од донации и школарина и ги искористиле за коцкање во Лас Вегас – американскиот и светски коцкарски центар. Во Македонија, пак, нема такви центри. Сè е епицентар. Градовите се преполни со казина и обложувачници.

Додека во собраниска процедура се наоѓа предлог-законското решение на ДУИ, кое е поддржано и од СДСМ, казината и обложувачниците да се оддалечат од образовните установи најмалку 500 метри, граѓаните од Тетово побараа оддалечување на сите објекти за игри на среќа најмалку три километри од секое населено место, определување пет отсто од нивниот профит за рехабилитација на жртвите од коцкањето и формирање национална образовна стратегија за информирање за последиците од коцкањето. Поддршка добија и од ИВЗ и од МПЦ.

Вчера реагираа и од вонпарламентарната Либерална партија од каде што остро ги осудуваат игрите на среќа и ѝ даваат целосна поддршка на Владата да го следи примерот на Албанија, каде што од први јануари обложувачниците и казината се селат во предградијата, како и да направи измени во Законот на игри на среќа и забавни игри.

„Потребно е да се укинат активностите на електронските игри на среќа (слот-машини) во населените места. Ваквите појави не одат во прилог на градење здрава нација и држава“, вели претседателот на ЛП, Ивон Величковски.

Либералите бараат да се затворат сите казина и спортски обложувачници, кои во огромен број се наоѓаат на главните улици низ градовите и селата во Македонија и блиску до образовните институции.

„Предлагаме спортското обложување да се одвива само на интернет-платформа, а казината да бидат достапни само во хотелите од висока категорија, или во зони на најмала оддалеченост од неколку километри од населените места. Или ќе градиме систем во кој младите ќе спортуваат или, пак, да оставиме спортот да им биде обложувачница. Или ќе бидеме Монако или Владата ќе води политика на отворање фабрики. Нека се одлучи. Обложувачници и локали за електронски игри на среќа за коцкање имате на секој чекор, навистина се претера“, ни изјави Величковски и додаде: „Ниту сме дел од бизнисот ниту сакаме некому да му наштетиме на тоа поле“.

По одлуката на Албанија да ги затвори обложувачниците, тие сега се селат во Македонија и во Косово, каде што овој бизнис се смета за законски, најави Артан Шити, претседател на Друштвото на обложувачници на Албанија. Тоа е уште една причина за дополнителен аларм.

„Колективната терапија предизвикана од нискиот животен стандард прерасна во, де факто, огромен општествен проблем кој, за жал, зема сè поголеми размери“, вели професорот и експратеник Иван Анастасовски. Тој изготви научен труд, меѓународно објавен, во кој се обидува да ја долови разликата меѓу т.н. спортско обложување и коцкањето во кое се вклучени електронските слот-машини, популарно наречени апарати.

„И едното и другото носат штета, но истражувањата покажуваат дека електронските игри на среќа имаат поголема разорна моќ. Обложувачниците во битката за што поголем профит прават сè за да навлечат што поголем број луѓе. Тие се модерно опремени, ви нудат одличен комфор и комодитет. Доколку посетите некоја од нив, ќе увидите дека граници, практично, не постојат. Освен младите, за место покрај слот машините грчевито се борат и пензионерите. Станува збор за општа хистерија. Работите отидоа дотаму што на шалтерите на некои обложувачници може да аплицирате за т.н брзи кредити. Мислам дека проблемот треба да се реши на радикален начин по принципот на Албанија. Но, од друга страна, со оглед на економскиот импакт од тој бизнис во кој се вртат огромни пари, односно вработувањата на голем број претежно млади луѓе, одлевање на дел од средствата кои се слеваат во државната каса во социјални програми, инвалидските организации, здруженијата за борба со семејното насилство, агенција за туризам… разбирливо е што секоја власт е чувствителна и е внимателна во носењето на законската регулатива. Дефинитивно нешто треба да се преземе, но треба да биде јасно дека ништо не може да направиме на тоа поле со носење популистички мерки како, да речеме, нивно дислоцирање на 500 метри од училиште“, вели продеканот за наука и меѓународна соработка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

Податоците велат дека во последните пет години во обложувачниците и казината се завртеле 1,4 милијарда евра. Тоа е приходот, а добивката е 56,5 милиони евра. За шестгодишна лиценца за автомат-клуб се плаќа 78.750 евра, а за казино 600 илјади евра. За тригодишна лиценца за спортска обложувачница, пак, се плаќаат 105 илјади евра.

Дополнително, се плаќа месечен надомест од 375 до 675 евра од секој автомат и меѓу 1.700 и 3.000 евра за секоја маса во казино. Обложувачниците и автомат клубовите имаат обврска на државата да ѝ платат 20 отсто од разликата меѓу уплатените и исплатените пари.

„Давачките не се мали, но профитите се несразмерно повисоки. Големите обложувачници, да речеме, од типот на ‘Спортлајф’ се попрофитабилни од компании како ‘Зегин’, ‘Витаминка’… Тоа доволно ви кажува за каков огромен бизнис станува збор“, вели Анастасовски.

Од Министерството за финансии кратко велат дека ќе направат детална анализа на барањето на граѓаните казината и спортските обложувачници да се дислоцираат на три километри од населените места.

Наум Котески