Грујевски и Бошкоски да се бараат за кршење на човековите права


Македонија треба да докаже дека делата за кои се обвинети поранешните разузнавачи, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, се резултат на заробена држава или злосторничко здружување што донесе сериозни повреди на човековите права.

Ова, препорачува професорот Гордан Калајџиев, треба да бидат аргументите што Министерството за правда треба да ги упати до грчките органи и да ги убеди дека е погрешен заклучокот дека се работи за изолирано кривично дело, туку дека двајцата поранешни разузнавачи се дел од систем со кој се кршеле човековите права.

„Можеби, земено еден по еден случај, не изгледаат како сериозна повреда на човековите права, но во целина земено се сериозен случај. Треба да се докаже дека амнестијата на претседателот не само што беше незаконска, туку беше насочена кон она што се вика неказнивост, сериозните повреди да поминат неказнето, што се отфрла во меѓународното право. Битно е делата да не се гледаат одделно, туку во целина“, вели Калајџиев.

Поранешната судијка во Врховниот суд, Милка Ристова, смета дека контроверзната одлука на грчкиот суд ќе влијае нашето Министерство за правда да даде посеопфатни докази за потребата од нивна екстрадиција.

„Сметам дека Врховниот суд на Грција требаше да дозволи екстрадиција, а фактот какви се правните последици од аболицијата на овие конкретно обвинети требаше да биде предмет на оценка на нашите национални судови. Изненадена сум од одлуката и сметам дека во меѓувреме Министерството за правда, како надлежно министерство, ќе преземе законски мерки за да бидат екстрадирани во Македонија за да се соочат со лицето на правдата во својата држава“, вели Ристова.

Ако може да се врати времето назад, според Калајџиев, полесно ќе беше ако специјалното јавно обвинителство ги гонеше сите овие дела како едно дело, ако помилувањето на претседателот, за кое меѓународната заедница знае дека беше насочено кон избегнување на правдата и спасување на една цела корумпирана и криминална политичка група, добиеше правна разрешница.

„Притисокот на меѓународната заедница и внатре беше дека помилувањата се незаконити и неуставни, меѓутоа тоа никаде не е констатирано, а ќе беше полесно. Ќе беше добро ако нашите судови претходно собраа храброст и знаење и одговореа експлицитно. Нашите судови решија овој проблем да го надминат ставајќи го под тепих. Тоа сега ја отежнува ситуацијата, а се знаеше дека кога тогаш ќе излезе на виделина“, вели професорот и претседател на Хелсиншкиот комитет.

Министерката за правда Рената Дескоска завчера најави дека ќе испрати ново барање за екстрадиција на Грујевски и Бошкоски до грчките органи. Но одлуката на Врховниот суд во Грција сѐ уште не е стигната во македонското Министерство за правда.
Иако на Бошкоски и Грујевски им беше одреден притвор, во судско-полициските игри двајцата успеаја да избегаат, за подоцна со лажни пасоши да бидат фатени во Солун.

Обвинителката од СЈО, Ленче Ристовска, во вчерашното обраќање на конференцијата за судство побара одговорност за судските органи што го дозволија нивното бегство.

„Имплементацијата на законските норми треба да оди во насока на тоа дека не смее да се дозволи извртување и толкување на законските норми надвор од самото слово и суштина на законот затоа што ваквите дејствија може да доведат до несакани последици, како што имавме случај со двајца обвинети лица кои се во бегство како резултат на претходно толкување на соодветните законски решенија од страна на надлежните законски органи. Во оваа насока реформите што следуваат треба да бидат посебно акцентирани во делот на борбата против неказнивоста и одговорноста на секој поединец, вклучително и претставници од правосудството кои исто така треба да бидат земени како одговорни за своите постапки“, рече Ристовска.

Двајцата клучни сведоци за масовното прислушување во Македонија се товарат за злоупотреба на системите за следење во УБК и за нивно уништување за да нема докази дека се кршеле човековите права.

Фросина Факова – Серафиновиќ