Големите бељаџии од Мала Речица


Александра М. Митевска

Ваљон Беља, некогашен претседател на невладината „Реалитети“, основач на Албанскиот сојуз, едно време потпретседател на ДПА, а сега функционер на ДУИ…, ја предизвика најновата беља во таборот на вечно владејачките интегративци. Станува збор за човек кој не е толку познат во јавноста поради своите политички ангажмани колку поради учеството во неколку инциденти во мафијашки стил, како кога му испрати куршум во салфета на поранешниот градоначалник на Чаир.

Беља во никој случај не е еден од најекспонираните политички ликови во ДУИ, освен што предизвика реакции во јавноста неговото именување пред извесно време за економски директор на Клиниката за гинекологија. Сепак, покрај двосмисленото презиме, неговото име сега стана и своевидна парадигма за манирите на дејствување и владеење на ДУИ и за кадровските политики на партијата – уште од самото формирање во 2002 година, со исклучок на двегодишната пауза во опозиција по изборите во 2006 година.

Особено во последните неколку години, ДУИ номинира, со чесни исклучоци, главно, безгласни букви за највисоките државни функции, кои не се кадарни да ги придвижат реформските процеси или, пак, со месеци не одат на работа додека добиваат плата од граѓаните. Во заднина, галамџии и насилници ги вршат валканите работи што треба да ѝ обезбедат на партијата бескрајно опстојување на власт, иако, за волја на вистината, гласачкото тело на Албанците во последните неколку изборни циклуси покажа дека почнува да ги распознава двојните стандарди на ДУИ, која се етаблира како недопирлива досега – на ехото на славното парамилитантно минато од кризната 2001 година. Само што во албанскиот политички камп не се искристализира за сето ова време алтернативен субјект кој во реалност би ги канализирал декларативните заложби на ДУИ за граѓанско општество насочено кон исполнување на европските стандарди и би му ги собрал гласовите на Али Ахмети.

Големата акција за разоружување што беше преземена по разрешувањето на безбедносниот конфликт пред 17 години, односно по потпишувањето на Рамковниот договор, очигледно не придонесе многу за разоружување на милитантниот дух на ДУИ. Многумина нејзини, главно, локални функционери, под закрилата на моќта што ја носи учеството во централната власт, и до ден-денес посегнуваат по револвери за санирање на внатрепартиските конфликти и на персоналните несогласувања.

Инцидентите што, со години наназад, избувнуваат во јатото на интегративците, поретко се на ниво на политички гафови и преседани, а многу почесто значат оружени или физички пресметки, што завршувале и со жртви, меѓу оние што се сметаат за „идеолошки“ истомисленици. Она што во еден нормален политички субјект се нарекува фракционерство или разногласие и се решава со дистанцирања, преговори или исклучувања од партијата, во ДУИ се решава со посегање по оружје, па и со „исклучување“ од овој свет.

За разлика од последниот инцидент во Чаир, во кој Беља се здоби со повреди, а во кој учествувал наводно и градоначалникот Висар Ганиу, престрелката што се случи пред неколку месеци во околината на партиското седиште во Мала Речица меѓу две ривалски групи од кумановското ДУИ заврши со смртни последици… И никому ништо! И овој случај падна во заборав, како и неколку други претходно – на пример, убиството на кандидатот за претседател на кумановскиот разгранок на ДУИ, жестоката тепачка во партиското седиште во Струга, тензиите и заканите при изборот на лидер на тетовската општинска организација…

И никој досега не презема одговорност за нецивилизираните методи на политичко дејствување на партијата кој со години наназад е клучен фактор на политичката сцена во земјава. Но делата на одредени партиски функционери, сепак, кажуваат многу повеќе од проевропската реторика на партискиот лидер Ахмети. Тој, наместо да ги брише од регистарот на членови, а особено на функционери, кадрите што водат политика со насилни методи, ги штити и ги негува, додека на отворена сцена партијата гласно се залага за владеење на правото и за правна држава. Само што овие принципи не важат во Мала Речица, како што своевремено не важеа и во Шипковица. Поради неприкосновениот статус на ДУИ во албанскиот политички камп, и нејзините „револвераши“ и „престапници“ се недопирливи за правдата.

Дури и во „бомбите“ што своевремено гласно одекнуваа од „Бихаќска“, гласовите на челници на ДУИ, во најголем дел, останаа настрана од снимките што се пуштаа во јавноста и од процесите што се поведоа потоа. Всушност, во тоа е и еден од најголемите  парадокси во политичкиот живот во Македонија. Партијата што сите овие години не успеа да излезе од матрицата на милитаризмот, а во меѓувреме навлезе и во корупциски шеми што неретко предизвикуваа потреси во владите и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, сето ова време е одлучувачки фактор за клучните политички процеси во државата. Од неа зависи дали ќе падне владата, дали ќе бидат донесени клучни закони, дали ќе успеат изборите… И затоа може да се претпостави дека бељата што ја направи Беља ќе биде само уште една во низата.