Говорите на Глигоров во ОН и на Заев во ЕУ


Ерол Ризаов

Обраќањата на првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров  во ОН 1993 во Њујорк  и на премиерот Зоран Заев во Eвропскиот парламент во Стразбур, 25 години подоцна, имаат, покрај историската димензија, и една типично „мацедонише цуштенде“ нотка. А тоа е фактот што и двајцата дома се пречекани како предавници  од дежурните спасувачи на Македонија. На Балканите не може ништо да помине без предавници и патриоти.

Нејсе,  можеби помалку е значајно  што зборувале на македонски јазик за првпат во историјата еден претседател на држава  и еден премиер од говорниците на ОН и на ЕУ, а уште помалку значајно што биле испратени  со овации од респектабилна  публика, отколку тоа што го кажале, но во колективната меморија на граѓаните остана тоа што на македонски јазик се обратиле и Глигоров и Заев во историски пресудни настани за Македонија. Ако Глигоров го почна и заврши својот говор во седиштето на ОН пред светските државници со пораката дека приемот на Македонија во семејството на народите означи остварување на вековните стремежи на македонскиот народ за сопствена држава, 25 години подоцна премиерот Заев во Европскиот парламент го најави почетокот на остварување на крајната цел Македонија да стане современа демократска  европска држава, член на европското семејство и сојузник на НАТО.
Многу време залудно потрошија македонските политичари во изминатите 25, односно 27  години,  во остварување на стратегиските цели, без да успеат да ги забрзаат историските процеси, демократизацијата и економскиот развој на државата. Покрај ретките проблесоци и успеси, овој период ќе остане запишан како неуспешна приказна и како доказ дека за 27 години Македонија не успеа да направи стабилна, просперитетна  и правна држава која ќе  овозможеше многу подобри позиции и во односите со соседите  и поодамна ќе беше членка на ЕУ и НАТО, а граѓаните ќе имаа подобар и поквалитетен живот.
Од мојот бележник како непосреден сведок ви пренесувам една мала, но многу илустративна сторија од говорот на Глигоров во ОН. Во галеријата за новинари и за други гости  на Генералното собрание на ОН, тоа утро со возбуда  го очекував говорот на претседателот на државата. Кога влезе Глигоров во салата, еден човек неколку реда зад мене почна силно да вика „уа предавник“, „уа предавник“… го погледнав избезумено, што му е на човекот кој уште неколку пати извика „уа предавник“. Се чувствував засрамен од неговата постапка. Но,  откако беше опоменат од обезбедувањето, замолкна. Претседателот Глигоров од говорницата на ОН го одржа историскиот говор од кој денес најмногу се памети дека бил на македонски јазик и дека имаше овации од светските државници. Во тој момент, за мене најголемо изненадување  беше човекот што викаше „уа предавник“, а потоа  аплаудираше и скандираше  „браво претседателе, браво Глигоров“… Веднаш му пријдов  да видам  што се крие зад оваа 15-минутна трансформација.

Добро бе, човек, што направи, му велам, прво уа, па сега браво. Мамето нивно, ме излажаа овие од Скопје, ми јавија дека тоа ќе биде предавство на Македонија и бев убеден дека поранешниот комунист тоа ќе го направи. Кога слушнав што зборува Глигоров за остварување на илинденските стремежи на Македонија, да се има конечно своја држава која се стреми кон Запад, ги осознав партиската игра и лага. Ми ја раскажа набрзина својата сторија како бил адвокат и емигрирал од Македонија поради несогласување со југословенскиот еднопартиски комунистички систем. Му велам, ако сакаш да го запознаеш претседателот, дојди вечер во хотелот „Плаза“, има прием во чест на членството во ОН. Вечерта кога се ракуваше со Глигоров и откако си направи муабет со претседателот, чинам немаше посреќен човек од него.
На тие што дома го прогласија Глигоров за предавник, уште невратен од Њујорк, им требаше 25 години за да ја сфатат големината на историскиот чин што значи членство во ОН, иако и денес сè уште има луѓе што тоа не можат да го разберат.

Имајќи ги предвид горчливите историски искуства, најизгледно е дека ако Глигоров се вратеше од Њујорк со незавршена работа, без прием на Македонија со привремената референца БЈРМ, ќе останевме ничија земја со сите негативни последици кои произлегуваат за државите што не се членки на ОН. Расправите да се прифати предлогот на ОН, резолуциите  и Времената спогодба со Грција, или да се бојкотираат веројатно ќе траеја до ден-денешен под услов да се сочува државата под такви крајно неповолни околности.  Истото тоа се случува и со говорот на премиерот Зоран Заев во Европскиот парламент. Пак истата матрица и идеологија прогласуваат предавство на македонските национални интереси. Тоа ќе потрае како и со приемот во ОН додека не се завршат сите работи со членството на Македонија во НАТО и во ЕУ. Сè додека еден иден претседател или премиер не ги одржи своите говори во ОН, во Брисел и во Стразбур како благодарност за бришење на референцата БЈРМ и за приемот во НАТО и во ЕУ како Република Северна Македонија. Тогаш  ова што деновиве се случува ќе биде дел од историјата. Изненадувањето ќе биде во тоа што ќе се појават многу повеќе партизани и првоборци откако ќе заврши војната, кога сите ќе бидат ЗА. Типично македонски. Конечно, и тоа е поарно отколку да нè нема.