Гнев на планетата Земја, 55 години од скопскиот земјотрес


Кики Мангова-Поњавиќ

Човекот и природата се наоѓаат во една постојана меѓузависност и противречност. Природата што била и е толку дарежлива кон живиот свет, посебно кон луѓето, со својата сила може да го покаже и своето друго лице – да биде безмилосна спрема животот и материјалните добра. Кога земјата ќе се разгоропади и се загрозени животот и здравјето на поголем број луѓе и е причинета штета од поголем обем, тогаш станува збор за елементарна непогода. Според сознанијата од светската карта за природните опасности издадена од познатиот светски реосигурувач, „Минхенер риск“ (во вид на карта на превиткување, а од 1998 година во вид на глобус) до најголема опасност доаѓа од луњите и поплавите, но луѓето најголем страв имаат од земјотресите. И животните стравуваат од нив, посебно рибите, ајкулите, змиите, кучињата, гулабите кои на свој начин го навестуваат злокобниот настан. Се смета дека Ацтеките први почнале да ги регистрираат земјотресите. А, прв уред за бележење на потресите е изработен во Кина што го направил астрономот Чанг Хенг во 130 г. од новата ера.

Петок, на 26-тиот топол јулски ден во 1963 година, византиската убавица, како што го нарекувале Скопје во дамнина, доживеа природна катастрофа –земјотрес. Во миг се изгуби духот на стариот град граден со векови. Како нем сведок засекогаш останаа разурнатата железничка станица и часовникот што ќе нè потсетуваат на стравотниот миг – 5:17 часот. Биланс 1.070 мртви, околу 4.500 повредени од кои 1.200 станаа инвалиди, а околу 140.000 останаа без покрив и многубројни трауматизирани од безмилосната сила на природата.

За прв гласник на злокобната вест што со неверојатна брзина се прошири на просторот на Југославија и во цел свет се смета капетанот на ЈНА, Петар Јовиќ.

На 26.7 во раните утрински часови до редакцијата на „Политика“ од нивниот постојан дописник – македонски новинар Јован Поповски стигнува извештај (што го испраќа од телефонски столб ) објавен во вонредно издание со наслов „Катастрофалан земјотрес у Скопљу“. Новинарот Поповски со месеци крстосувал по градот забележувал, пишувал, тагувал (за трите скопски мајки – за таа која три-четири дена со ред одела држејќи две кифли купени за синот и ќерката ученици кои дома појадувале и требале да одат на пракса. Кифлите ѝ останаа в рака, а децата ги нема), но и се радувал за нешто убаво што се случувало (од урнатините биле извлечени 6.000 затрупани граѓани).

Она што на Скопје му даде посебна сила и надеж за совладување и справување со последиците од стравотната природна катастрофа беше вдахновениот говор на претседателот Ј. Б. Тито (го посети Скопје следниот ден по земјотресот). Со оглед на сè што се случуваше во прилог на спасување и нов живот Скопје беше прогласен за симбол на меѓународна солидарност. А, со Повелба од 11.6.1973 година е одликуван со Орден на јунак на социјалистичкиот труд. Наместо некролог Скопје отпочна да се издигнува како феникс. По 20 дена од природната катастрофа на летната сцена во паркот МНТ ја организира претставата (дел) од операта „Кавалерија рустикана“. Обемот на штетите од скопскиот земјотрес се смета дека изнесуваа 16% од националниот доход на СФРЈ за 1963 г. или 302,4% од националниот доход на СРМ.

На фронтална линија за спасување на затрупаните беа луѓето во сивомаслинестата униформа – припадници на ЈНА, рудари, а припадници на спротивставените светски сили наместо за напад своето „оружје“ го вкрстија за спасување на човечки животи. На прва линија секако се најдоа спасувачите на човечки животи, медицинскиот персонал лекари, студентите по медицина, членовите на Црвениот крст и сите што можеа да помогнат.

За одбележување е неверојатниот брз организиран пристап кон решавање на многубројните проблеми од различен тип – згрижување, сместување посебно на семејства со мали деца во прифатилишта на југословенскиот простор, поставување на шаторски населби, дотур на храна и сè што може во такви моменти на ужас да помогне. На 2.8.1963 на Бриони беше одржан состанок за помош на Скопје на кој помеѓу останатите учествува Трајко Стојков од Заводот за изградба и обнова на Скопје. Уште во авионот се размислува и се изготвува концепт за обнова на Скопје и изградба на приградски населби.

Не смее да се заборави ангажманот на ОН и нивните агенции, целосниот ангажман на југословенската заедница, директно или организирано преку институции од над 80 земји, посебно од соседните држави, како Бугарија, Грција па до Индија, Кувајт, Либија… Многубројни се институциите во Скопје што се донација од одредени земји. За обнова на Скопје, Советот за социјални и економски прашања при ОН на 12.8.1963 година го испрати архитектот Ернест Вајсман да испита на кој начин може да му се помогне на Скопје.

Скопскиот земјотрес беше предизвик за основање на ИЗИИС за чие основање секако има заслуга УНЕСКО.

За отстранување на последиците и обновување, изградба и отстранување на последиците од злокобниот настан со сојузен закон беше формиран Фонд за обнова и изградба на Скопје како сојузен кредитен фонд. Тоа беше прв фонд како облик за отстранување на штетни последици од елементарни непогоди. Со учество на цела југословенска заедница функционираше до 1982 година. Меѓу средствата мобилизирани по разни основи посебно треба да се истакнат средствата прибрани по основ на јавен заем распишан со сојузен закон врз принцип на доброволност, со издавање на обврзници чии режим во платниот промет беше посебно регулиран во однос на домашните и странски лица, така и во однос на валутата во динарски средства или во која било конвертибилна валута. За одбележување е дека разликата помеѓу планираните 30.000 милиони динари и уплатените 41.496 милиони динари говори не само за успешноста, туку уште повеќе за високиот степен на човечката солидарност што речиси не се повтори другпат. Исто така беа преземени и многубројни мерки на монетарен план.

Скопскиот земјотрес беше предизвик за збогатување на правната регулатива во повеќе области, посебно во областа на техничките стандарди на градењето воопшто и на сеизмички подрачја, како и за санирање и ублажување на тешки последици од природни непогоди на југословенскиот простор. За одбележување е изработката на проектот „Урбанистички план на Скопје“, проект финансиран од ОН и Владата на СФРЈ со директор Адолф Циборовски и паралелен директор Коле Јордановски. Веќе во август Скопје беше поделено на 18 реони, а за 2 до 3 недели е изработен план за 18 монтажни населби со 14.086 монтажни бараки.

Фактот дека живееме во сеизмичко активен регион не значи дека треба да се помириме со судбината и да тагуваме, туку секојдневно треба од мали нозе да се образуваме за справување со разни предизвици и ризици што ни ги носи секојдневието.

По земјотресот од 1963 година, во однос на градби од јавен карактер градинки, училишта, голем број трговски центри главно се проектирани и градени по построги критериуми, но при тоа е потребна контрола и континуиран надзор за почитување на утврдените стандарди. При тоа потребен е посебен надзор на контрола на изведувањето на излезите од големите молови – битен услов за брза евакуација.

Потребно е на техничките факултети во почетокот на школската година да се одржуваат информативни мотивирачки предавања за животно определување да се изучуваат дисциплините од областа н земјотресно инженерство и сеизмологија. Доколку системот на превентивни мерки е подобро организиран и штетните последици ќе бидат далеку полесно совладани.

На денот на земјотресот секој од нас во мислите секако ќе се потсети за роднини блиски познати и непознати кои загинаа, но и со почит ќе се потсети на сите хуманисти за спасување на градот Скопје.

(Авторката е универзитетски професор)