Гласачите на Трамп


Петар Арсовски

Доналд Трамп, како политички феномен, веќе подолго време е предмет на анализи од повеќе аспекти на политичката комуникација. Како претседател, кој беше избран со најнизок рејтинг во историјата на претседателските избори, тој веќе беше своевидно изненадување за класичната теорија на политички маркетинг. Но уште повеќе, тој во текот на својот мандат ужива исклучително ниска поддршка од електоратот, па сепак, на последните избори неговото гласачко тело се покажа како особено силно и отпорно на напади. Оттаму, се појавија повеќе психо-политички анализи, кои ги карактеризираат гласачите на Трамп во САД. Овие сами по себе не се преведливи директно со македонското политичко милје, но според мене овозможуваат сериозна индикација во начинот на кој се дели нашето општество во моментов.
Одамна сметам дека новата оска околу која ќе се реорганизира политичкиот спектар ќе биде оската на напредок наспроти митологија, на ЕУ и НАТО наспроти националниот романтизам; на, ако сакате, компромис или не за името. Старите идеолошки поделби на леви и десни, на партии, на етникуми, ќе имаат сè помала улога во идентификацијата на македонските гласачи. Затоа, мислам дека е интересно да се направи паралела помеѓу некои психолошки и политички карактеристики на оние што, условно речено, во моментов се опозиција на сегашниот курс на државата. Нивните основни карактерни особини дозволуваат сериозен увид во мапата на овие гласачи, како и во тоа како ќе еволуира поларизацијата на македонскиот политички модел.
Затоа, еве неколку карактеристики кои во моментов можеби ја оцртуваат таа поделба.
Прво, синдром на авторитарна политичка личност. Авторитарните личности претпочитаат спроведување строги правила и послушност кон авторитети на сметка на личните слободи и права. Ваквиот синдром најчесто е поврзан со недостигот на политичка емпатија за потребите или ставовите на другите. Авторитарноста како познат феномен најчесто е исклучиво поврзано со вербата во моќта и послушноста во тоталитарна смисла. Луѓето со овој синдром најчесто покажуваат знаци на ксенофобија и агресија кон оние што не се членови на „нивната група“ (која може да биде етничка, религиозна, политичка и слично), а послушност кон авторитети. Овој синдром е често поврзан и се вклучува со страв и прави политичките лидери лесно да го запалат со закани или со измислување надворешни непријатели.
Второ, синдром на социјална доминација. Овој синдром, кој е поврзан но различен од авторитарноста, се однесува на луѓе што сметаат дека во општеството има хиерархија на групите, конкретно каде што повисоките „сталежи“ имаат доминација над „пониските“. Луѓето со оваа карактеристика се најчесто агресивни, непопустливи и се водат од сопствениот интерес. Тие се исто така како и претходната група, исклучително ксенофобични, сметајќи ги малцинствата или мигрантите, или маргиналните групи во општеството, како припадници на понизок статус, па со тоа и со помалку права да влијаат на општествените текови.
Трето, полни со предрасуди. Овој синдром се однесува на создавање стереотипи за различни општествени или етнички групи, кои стануваат линии на поделби и ограничувања. „Комуњари“, „предавници“, „соросоиди“, се користат како архетипски ментални кратенки за да оцрнат и карактеризираат со негативен предзнак, извесни групи, како и за да ги пропагираат предрасудите кои веќе постојат во општеството. Ваквиот синдром се карактеризира со недоверливост кон надворешни групи, со недостаток на капацитет за компромис, за еднакви шанси. Паралелно, тој се врзува со замислен надворешен непријател кој треба да се перципира само низ призмата на предрасудите. Се разбира, најголемиот проблем кај овој синдром е што оневозможува еволуција на политичката мисла бидејќи пропагира статични и негативни предодредени карактеристики.
Четврто, исклучителна ксенофобија и недостаток на контакт помеѓу различни групи. Ова се поврзува со перпетуирањето на предрасудите – луѓето што се склони на предрасуди и поделби, најчесто не се мешаат со други. Избегнуваат контакти надвор од својата група, избегнуваат или отфрлаат погледи кои се различни од нивните, едноставно, успешно се вакцинираат од можноста некој да им го смени мислењето (читај предрасудите).
На крајот, но можеби и најважно, синдромот на релативна депривација. Овој синдром, кој се одликува со уверувањето дека на некој нешто (кое инаку му следува) му е ускратено, се поврзува со незадоволството кое луѓето го чувствуваат сметајќи дека тие би требало да добијат (нешто) исто или повеќе од другите. Овој синдром најчесто се поврзува со искривена перцепција за реалноста, гол популизам и социјално општествена завист. За припадниците на оваа група има повеќе номенклатури, како „антиестаблишмент“, анархисти, но всушност, тој синдром е интимен, а не екстравертен, доаѓа од завист, не од потребата за социјална правда.
Ваквите психолошки и политички карактеристики на гласачите кои припаѓаат на, условно речено, ретроградните или статични политички личности, се интересни за анализа не само како претставници на политички групи, но и како учесници во политичкиот дискурс.
Ако овие синдроми се точни, тогаш политичката комуникација со овие целни групи е целосно погрешна – таму нема простор за дијалог, консензус, компромис. Напротив, таквиот пристап ги прави покомпактни, поисклучиви. Можеби во иднина ќе биде потребен нов политички јазик за нив, зашто сегашниот тие, едноставно, не го разбираат.