Главниот архитект остави други да го доѕидаат договорот


Изненадувачката оставка на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас нема да влијае врз преспанскиот договор, уверува политичкиот врв од двете земји. Неговата улога до завршувањето на процесот ќе ја презеде премиерот Алексис Ципрас. Од друга страна, самата смена во грчкиот политички врв предизвика лавини реакции во тамошната јавност, која не го крие изненадувањето што архитектот на надворешната политика во Атина преку ноќ го изгуби трпението и реши да си замине. Медиумите шпекулираат дека во заднината има многу повеќе од наивната кавга со министерот за одбрана Панос Каменос, додека владата го опиша потегот на Коѕијас како неразбирлив.

Оставката на шефот на грчката дипломатија ја фати на препад македонската влада, која во него гледаше искрен пријател и партнер. Како што е познато, токму Коѕијас заедно со Никола Димитров го потпишаа историскиот договор од Преспа, со кој треба да се стави крај на 27-годишниот спор меѓу двете држави. Премиерот Зоран Заев вчера телефонски разговарал со Ципрас, при што било договорено дека остануваат посветени на перспективите на новиот Балкан на 21 век.

Балкан во кој ќе се гради пријателство, во кој ќе се унапредува соработката, каде што ќе придонесуваме за подобар економски раст и раст на нашите земји, на посреќни граѓани и секако на зголемена трговија, нови инвестиции и подобар економски стандард на граѓаните и на Македонија и на Грција“, вели Заев.

Претседателот на владата рече дека Ципрас го информирал што точно се случува во Атина и му дал ветување оти лично ќе се погрижи Грција да го сработи својот дел од задачата за ратификација на спогодбата.

Јас сум среќен заради целосната посветеност на Република Грција кон овој договор. Можам да ја потврдам и нашата целосна посветеност. Негувам надеж дека парламентот ќе собере сили, пратениците ќе се одважат и охрабрат, затоа што пред сè се претставници на граѓаните, а потоа на политичките партии и ќе се исправат пред историската одговорност“, изјави Заев.

 

Заев и Ципрас често контактираат

Портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, вели дека двајцата премиери имаат чести контакти. Дополни дека Заев не ги коментирал случувањата во Грција, туку само го информирал Ципрас како стојат работите во Македонија. Министерот Димитров, пак, му посака среќа на Коѕијас потсетувајќи дека изминатиов период имале интензивна комуникација, па станале и вистински пријатели.

Предводени од премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, во период од една година успеавме да направиме нешто кое во претходните 27 години се сметаше за невозможно – ги приближивме нашите две земји и го склучивме историскиот договор од Преспа градејќи мост на пријателство и докажувајќи дека и нашиот регион може да решава спорови и да создава иднина. Никос, од срце ти посакувам добро здравје и успех во сите идни предизвици. Од наша страна, ние ќе продолжиме со силна посветеност кон заокружување на ова историско решение, заедно со останатите прогресивни и демократски сили во Скопје и Атина“, додаде Димитров.

Грчките медиуми пишуваат дека обвинувањата од Каменос до Коѕијас за лошо водење на тајните фондови, се чини, било тоа што ја прелеала чашата. „Жртвување на Коѕијас од Ципрас“; „Плати погрешен министер“; „Потчинетост на Каменос“; „Порака на Ципрас до повеќе страни: Нема да толерирам“; се дел од насловите во вчерашните изданија на грчките весници. Според ТВ „Антена“, Коѕијас сметал дека Ципрас не му дал доволна поддршка на владината седница, не застанал на негова страна во кавгата со Каменос и покрај политичката цена како потписник на договорот од Преспа, но и личните напади врз него, со испратените куршуми, земја со крв и слично. Весникот „Катимерини“, повикувајќи се на соработници на Коѕијас, пишува дека тој бил погоден од нападите на Каменос „дека е човек на Сорос и дека зема од фондовите“.

Коѕијас и лани дал оставка

За време на владината седница, според истите извори, дополнителни навреди од министерот за одбрана до министерот за надворешни работи, предизвикал одново споменатиот предлог на Коѕијас да важи истиот закон за контрола на тајните фондови за сите министерства (меѓу кои и она на Каменос), како што важи за Министерството за надворешни работи. ТВ „Скај“, но и други медиуми во Грција, коментираат дека односите меѓу Ципрас и Коѕијас се заладиле уште од кризата во грчко-руските односи. Тогаш, според „Скај“, немало суштински разлики, туку различни перцепции за одредени прашања. Не дека Ципрас не се согласувал со протерувањето на руските дипломати, туку не се согласувал со начинот на кој се управувало со ова прашање. Грчкиот премиер, дури размислувал, на закажаната посета на Москва на 7 декември, да замине сам, без Коѕијас. „Скај“, повикувајќи се на свои информации објави дека пред околу една година имало и друга оставка на Коѕијас која тогаш, не била прифатена од Ципрас.

Во коментар на англиската верзија на „Катимерини“, Коѕијас е опишан како уникатен персоналитет, политичар со воинствен стил и некој кој постојано барал решенија.

Тоа не значи дека неговиот пристап секогаш беше коректен“, пишува весникот, потсетувајќи дека темпераментот на Коѕијас му одмогнал да гради консензус со опозицијата дури и кога имал работа со разбрани луѓе од Нова демократија и Движењето за промени.

Во анализата се наведува дека оставката доаѓа во многу чувствително време за регионот, затоа што уставните измени во Македонија се неизвесни и можно е да се оди на избори, договорот со Албанија е далеку од комплетиран и постојат многу отворени прашања, Анкара ја оспорува ексклузивната економска зона на Кипар и најавува дека планира и таа да црпи ресурси во источниот Медитеран, разграничувањето со Египет сè уште се дискутира, а односите со Русија остануваат магловити. Се потенцира дека одлуката на Коѕијас да декласифицира и објави доверливи документи од МНР за да ги изложи на виделина позициите на бучната опозиција во текот на преговорите, била грешка.

Останува нејасно зошто Ципрас, сепак, решил да го пушти низ вода архитектот на преспанскиот договор и практично да застане зад Каменос, иако пред некое време го критикуваше порачувајќи дека нема да дозволи дволични однесувања во својата влада алудирајќи на посетата на Каменос во Вашингтон во текот на која тој промовираше партиски ставови. Се поставува и прашањето за следните чекори на Коѕијас, кој не е член на владејачката Сириза, туку е лидер на движењето на идеи и активност Прато, од чии редови во грчкиот парламент има тројца пратеници.

Горан Адамовски