Вторник денот „Д“ за одмрзнување на преговорите


По тригодишна пауза, посредникот на ОН во разговорите за прашањето за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, во вторник претпладне во Брисел ќе има формална средба со преговарачите на двете земји, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис. Наумовски, кој првпат ќе биде придружуван од Александра Миовска, дипломатка од МНР, утре патува за Брисел каде што истиот ден ќе се одржува состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ. На него ќе биде и грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас, но Македонија нема да биде на дневен ред.

Тоа што средбата е во европската престолнина, а не во Њујорк, сепак не е само симболика, туку и знак дека преговорите се префрлаат на европски терен. Причина за тоа е фактот дека претседателствувањето на Доналд Трамп остава трага на фокусираноста и капацитетите на дипломатијата на САД, а статусот на Македонија станува ургентно прашање.Иако најавите за оваа средба се дека нема да заврши со нов предлог, таа сепак значи одмрзнување на преговорите по три години пауза во процесот. Интензивните средби на премиерот Зоран Заев со странски политичари, како и засилениот ангажман на бугарскиот претседател Бојко Борисов на оваа тема, сугерираат дека прашањето ќе се решава на повисоко ниво, а средбите со Нимиц се само најава за тоа.
Во грчките медиуми вчера се појави оцена дека првпат по 16 години има вистинска клима да се реши спорот со нашата држава бидејќи последен пат двете земји биле блиску до решение во 2000 година, кога на чело на грчката влада беше премиерот Костас Симитис. Изјавите, пак, на грчките функционери изминатите недели, вклучувајќи ја и последната на премиерот Алексис Ципрас, го „заобиколуваат“ прашањето на името онака како што се форсираше изминатата деценија, т.е. како идентитетско и главно фокусирано на името на државата, на јазикот и на нацијата, оставајќи впечаток дека се бара некаква супституција за решението во името на аеродромот, автопатот, спомениците и антиквизацијата.
Патот за оваа средба во Брисел ја отвори поинаквата реторика од Македонија, на која засега ѝ парира и таа од страна на Атина, а дали е само реторика на грчка страна или реална намера за решавање на спорот, прв тест ќе биде не тоа што ќе се случи на преговорите во Брисел, туку дали ќе се оствари најавата на Заев за средба со Ципрас во Атина на почетокот на идната година. Откако грчкиот премиер ја „преживеа“ политички посетата на турскиот лидер Таип Реџеп Ердоган и неговите непријатни коментари среде Атина, посетата на нашиот премиер со позитивниот и помирлив вокабулар е далеку помал предизвик, иако никогаш досега македонски премиер не бил официјално во Атина.

Јасно е дека под притисок на Европа и на САД се креира моментум за решавање на спорот за името бидејќи Брисел не сака уште еднаш да се соочи со можноста да ја види Македонија во сферата на руското влијание и на пат кон авторитарноста. Дел од тој позитивен момент е и слабеењето на ВМРО-ДПМНЕ и преокупираноста со својата внатрешна состојба, така што оваа партија не може во оваа ситуација да троши енергија на блокирање на решавањето на спорот за името. На браникот на неменување на името остана сега главно дијаспората, која ги повикува со месеци преку билборди Македонците да не дозволат да бидат излажани со некакви термини „за билатерална, меѓународна или уставна употреба“ бидејќи промената на името ќе важи за секаде и засекогаш.

Аналитичарите во Македонија во обновувањето на преговорите и конечното решавање на спорот со Грција гледаат нова но и последна шанса за Македонија.

„Македонија е во фаза на омекнување на односите и инсталирање нов амбиент, што треба да придонесе за поширок мир на Балканот. Самиот факт дека политичките случувања во соседните држави покажуваат чекор назад во агресивноста кон Македонија покажува дека на долг рок во овој регион треба да се избегнат војните. Тоа подразбира дека имаме пред нас период што мораме да го искористиме за да го фатиме последниот воз. Ова е навистина последен воз бидејќи ако не успееме да го решиме ова прашање, кој знае кога повторно ќе имаме шанса. Ако шансата за прием во НАТО и за започнување преговори со ЕУ не ја искористиме сега, во добрососедски еволутивен пат за Македонија, сметам дека тоа ќе биде и погубно и трагично и дека разврската потоа на Балканот ќе оди еден негативен правец“, оцени аналитичарот Агим Јонуз.

Андреа Стојковски од Центарот за европски стратегии исто така оценува дека поради конструктивноста и доброто расположение во двете земји, Македонија сега има идеална шанса конечно да го затвори прашањето за името и да ја отвори вратата кон НАТО и ЕУ.
„Оваа Влада има сериозна шанса да направи од Македонија успешна приказна. Мала, современа држава, каде што лидерот размислува за иднината и притоа е подготвен да жртвува дел од својата популарност за да ги постигне државничките цели. Оттаму, постои подготвеност за надминување на постојните проблеми, или спорови со соседните држави. Ова се покажа со потпишувањето на договорот со Бугарија, но и со најавите кои во последно време ги слушаме од страна на владите во двете држави. Обете држави се расположени за тоа, се наоѓаат во т.н. мирен период, помеѓу два изборни циклуса, а дополнителен притисок создаваат геополитичките односи. Јас лично очекувам решавање на спорот за името во периодот до крајот на првото полугодие во 2018 година. Поради ова што го наведов погоре, а меѓу другото и поради тоа што решението нема да дојде самостојно, туку тоа ќе биде понудено на двете држави, внатрешните односи во нив наведуваат дека тоа ќе се случи токму сега. Секако, ако не дојде до решение, тоа нема да биде последната шанса, иако како што одминува времето ќе биде многу потешко. Особено бидејќи разочарувањето ќе изроди сериозен национализам што ќе биде многу штетен за идните односи“, смета Стојковски.

Премиерот Зоран Заев, според изјавите, исто така верува во компромис и смета дека потребено е да се направи исчекор. Според неговите проценки, сега постојат поголеми шанси од претходно за изнаоѓање решение со Грција.
„Или двете страни ќе бидат подеднакво задоволни или подеднакво незадоволни. Таков е компромисот. Но верувам дека како политичари можеме да добиеме повеќе, ако имаме храброст да најдеме решение и да донесеме одлука, отколку да го одложуваме, како што беше случај во минатото“, изјави Заев.

Дека во Брисел и во Вашингтон веруваат во конечно решение за овој спор покажува и последната изјава на американскиот заменик-помошник државен секретар Хојт Ји. Според него, расположението за решавање е досега на највисоко ниво, додека еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека очекува во првата половина на 2018 година да се најде политичко решение.

Посредникот на ОН, пак, Метју Нимиц, дури отиде чекор понапред од другите. Во изјава за Независната балканска новинска агенција – ИБНА, изрази и надеж дека ќе бидат надминати и таканаречените црвени линии поставени од Атина и Скопје. Според грчките медиуми, взаемно политичко решение околу долгогодишниот спор се очекува да се постигне пред 11-12 јули, денови планирани за одржување на Самитот на НАТО во Брисел.

Блерим Исмаили