Војската на Косово како повод


Ѓорѓи Спасов

 Одлуката за формирање војска на Косово се доживува деновиве еуфорично и со радост од страна на Албанците во Косово, Македонија и во Албанија. Али Ахмети таа одлука ја поздрави со фотографија во воена униформа на ОВК и со честитки за „монументалното достигнување“. Премиерот на Албанија, Еди Рама, преку Фејсбук го честита формирањето на војската на Косово и рече: „Благословена да е штотуку родената војска на Република Косово“, а честитки упатија и сите провладини и проопозициски лидери на Албанците од регионот, кои вообичаено за сите други теми се раскарани меѓу себе.

Одлуката за формирање на војската на Косово е секако уште еден чекор во насока на зацврстувањето на независноста на Косово и за сега е само уште еден потег со кој владата во Косово сака да ја принуди Србија на разговори за нормализирање на односите меѓу двете земји.

Откако Косово не успеа да стане членка на Интерпол, и покрај поддршката не само од САД, туку и од Македонија, Хрватска, Словенија и Црна Гора, и откако претседателот на Србија, Александар Вучиќ, тој „пораз“ на Косово го прогласи за голема победа на Србија врз „спонзорите на независноста на Косово“, Приштина пристапи кон преземање еден вид мерки за „одмазда“ кон Србија.

Речиси веднаш по тој настан итно ги зголеми за 100 отсто царините на увоз на сите стоки од Србија и од Босна и Херцеговина, а премиерот Рамуш Харадинај, и покрај барањата од ЕУ да ја поништи одлуката за зголемените царини, најави и нови „казнени мерки“ кон Србија. Така, според приштинскиот весник „Газета експрес“, првата мерка ќе се однесува на автомобилите со српски регистарски таблички, чии сопственици кога ќе бидат на косовска територија ќе треба да стават времени таблички. Втората мерка, според весникот, би била забрана за увоз на стоки од странски компании, произведени во Србија, кои досега не плаќале такса од 100 отсто. И третата мерка би била одлука на косовската влада да не ги признава српскиот динар и српските документи, кои се однесуваат, на пример, на квалитетот на производите. Во тој пакет беше најавена и одлуката за формирање на војската на Косово, иако процесот на трансформирањето на Косовските безбедносни сили во Војска на Косово беше планиран сосема поинаку и во други околности.

Пред да се донесе таа одлука, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и комесарот на ЕУ за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, се обидуваа да ја убедат косовската влада да ги укине царините кон Србија и да не брза со донесувањето на одлуката за формирање војска со цел да продолжи процесот на нормализирање на односите меѓу двете земји под покровителство на ЕУ.

Но по средбата со Јоханес Хан во Приштина, премиерот Рамуш Харадинај изјави: „Поминаа дваесет години од војната, 10 години од независноста и се гледа дека Србија не разбира поинаку, освен кога мора (односно не е принудена) да се договори со тебе“. И додаде: „Верувам дека и ЕУ и Америка знаат дека Србија не разбира поинаков пристап“.

Јенс Столтенберг на 5 декември на самитот на НАТО со земјите од Западен Балкан ја даде следнава изјава: „Намерата да се продолжи со трансформација на косовските безбедносни служби во војска не е потег во вистинско време и е спротивен на советите на НАТО сојузниците и може да има последици врз евроатлантската интеграција на Косово“.

Но и по оваа изјава Рамуш Харадинај одговори: „НАТО има голема тежина и може да изрази мислење, но Косово е убедено дека никогаш нема да ги доведе во прашање односите со таа воена Алијанса“.

Косовската влада при донесувањето на оваа одлука веројатно беше охрабрена од изјавата на амбасадорот на САД во Приштина, Филип Коснет, кој оцени дека формирањето косовска војска е позитивен чекор. И амбасадорот на Велика Британија во Приштина, Рури О’Конел, изјави дека официјален Лондон смета дека е право на привремените институции во Приштина да имаат своја војска. Но додаде и дека Косово во врска со тоа треба да ги продолжи консултациите со сојузниците во НАТО“.

Портпаролот на ЕУ по донесувањето на одлуката за формирање војска на Косово изјави: „Собранието на Косово денес усвои закон за промена на статусот на Косовските безбедносни сили. ЕУ, како и НАТО, и натаму смета дека мандатот на Косовските безбедносни сили треба да биде променет само преку инклузивен и постепен процес во согласност со Уставот на Косово“.

По сето ова, на прашање од новинарите како ја оценува одлуката на владата на Косово за формирање своја војска премиерот Зоран Заев изјави: „Знам дека и ставот на НАТО е тој – не е време. Не ни се потребни дополнителни нови тензии“. „Апелирам до сите колеги да внимаваат на своите чекори, затоа што наша заедничка цел, на земјите од Западен Балкан, кои имаме аспирации кон членство во ЕУ, да ја унапредиме соработката и да обезбедиме траен мир и одлични односи“, рече тој.

Никој оваа изјава на Заев не ја протолкува како непријателска кон Косово или не дај боже кон Албанците во Македонија или од регионот. Ниту, пак, некој помислил дека за изјава на премиерот, која е идентична со ставот на НАТО, треба им се извинува на Албанците или да ја повлекува.

Но Алијансата за Албанците и движењето Беса на Билал Касами не мислат така. Тие веднаш излегоа со многу остри оценки, осуди и барања кон премиерот Заев

Партијата на Села бара од Заев да ја повлече изјавата и тврди дека Заев само го покажува црното и националистичко лице, најпрвин против Албанците и Косово, но и кон САД како главни поддржувачи на основањето на војската на Косово. И според соопштението од движењето Беса на Билал Касами „избрзаната изјава на премиерот Заев звучи како национализам од минатото време… Албанците на оваа земја му дадоа полн мандат за да владее, а не за да зборува глупости и национал-комунистички варваризми“, изјавија од Беса.

Прашањето сега е дали Алијансата и Беса на Касами во овој случај се обидуваат да ги искористат разликите во изјавите на некои функционери на САД и на НАТО за Заев веднаш да го обвинат за противник на САД и за поддржувач на Србија и на Русија во регионот. По таа логика, многу бргу ќе дојдат до констатацијата дека Германија, НАТО и ЕУ „зборуваат глупости и национал-комунистички варваризам“ и дека за разлика од САД кои се на страната на Косово, НАТО и ЕУ се на страната на Србија и Русија.

Иако сме навикнале на тешки и неодмерени зборови во политиката, сепак во овој случај се чини дека Села и Касами изјавата на Заев, која е идентична со онаа на Столтенберг, ја искористија целосно неосновано за да го обвинат Заев за некакво антиалбанство и за македонски национализам. Тие веројатно само на таква платформа можат етнички да го мобилизираат своето гласачко тело откако Заев привлече голем број гласови на Албанците со платформата за Македонија како едно општество на рамноправни граѓани, но и откако почна да се говори за можноста од заедничка листи и кандидати на СДСМ и на ДУИ на следните избори. А неоснованите обвинувања за некаков национализам на Заев можат само да им наштетат во нивните намери и тие да привлечат гласови не само од Албанците во Македонија, туку и од Македонците, ако воопшто имаат таква намера.