Востанието на Дервиш Цара


Роберт Несими

Во светот на книгата, „Востанието на Дервиш Цара“ сигурно зема посебно место. Тоа e книга која никогаш не го виде белиот свет во оригиналниот јазик на кој е пишувана, но затоа пак е издадена двапати на друг јазик, преведена од два различни преведувачи. Книгата ја пишувал познатиот историчар Александар Матковски во 1980-тите години на македонски јазик, но ракописот останува необјавен, веројатно бидејќи содржината била неприфатлива за официјалната државна историска наратива од тоа време.

Сепак, во тоа време, со голема доза на автоцензура и низа изоставувања со цел да се заобиколи државната цензура, книгата ја преведува Лутфи Руси, а ја издава тогашниот весник на албански јазик „Флака е велазеримит“. Дваесет години подоцна професорот Фатмир Сулејмани се нафаќа повторно да ја преведе книгата во целина, веќе без товарот од минатиот систем, и книгата се издава вторпат на албански јазик. Во меѓувреме, книгата сè уште не е издадена на оригиналниот македонски јазик, иако зборува за важни настани во историјата на овие простори во времето на Отоманската Империја.

Настаните што ги опишува книгата се случуваат во 19 век, поточно во 1844 година. Тоа било време на големи реформи во империјата, таканаречени Танзиматски реформи, со кои се обидувала да се модернизира и да фати приклучок кон западниот свет. Главното начело на реформите била силната централизација на власта, која меѓу другото предвидувала создавање на една единствена империјална армија со регрути од локалното население, кои би биле испратени да го отслужат воениот рок во далечни краишта каде што се простирала империјата. Се разбира, ваквите мерки биле погубни за локалното население, но и за локалните паши, на кои им била скратена големата моќ која ја имала под претходниот систем. Меѓу другите на тапет се тројца браќа, паши на Тетово, Скопје и Ќустендил. Под смешни изговори тие биле отстранети од своите позиции, однесени во Истанбул и затворени.

Дервиш Цара, роден во село Палчиште, Тетовско, во тоа време бил намесник на тетовскиот паша во Гостивар. Незадоволен од третманот на тетовскиот паша, а во исто време знаејќи за незадоволството меѓу населението, тој во почетокот на 1844 година крева отворено востание. Набргу го ослободува Гостивар, а по неколку битки му успева да го ослободи и Тетово. Натаму востанието зема голем замав. Во соработка со неколку локални лидери и со поддршка на населението, Дервиш Цара по неколкудневни битки триумфално влегува во Скопје. Оттаму востаниците го ослободуваат Куманово, потоа Врање, Лесковац, Митровица, Приштина итн. По неколку недели, востаниците веќе целосно го контролираат северниот дел од Македонија, Јужна Србија и половина од Косово. Во нивните редови веќе има илјадници вооружени востаници.

Одговорот на империјата е жесток, но калкулиран. Поразен неколку пати од востаниците, отоманскиот аскер знае дека за справување со востаниците ќе треба да донесе голема војска однадвор, која на крајот ќе достигне неколку десетици илјади војници донесени од сите страни на империјата во Солун и Битола. Отоманските власти истовремено се плашат од проширување на востанието во другите предели, пред сè во Албанија и Босна. Под принципот „подели па владеј“ во тие региони ветуваат одлагање и поништување на реформите, со што успеваат да го сочуваат мирот. Во меѓувреме, продолжуваат борбите со востаниците. Без да навлегуваме во детали, на крајот отоманската војска успева да го скрши отпорот на востаниците во голема битка кај Катланово. Дервиш Цара е заробен и пратен во Истанбул каде што е осуден на доживотна робија. Потоа веќе сосема му се губи трагот, а веројатно починал на робија. Отоманската војска го продолжува на крајот на мај 1844 година влегува во Скопје, потоа по ред во Тетово, Гостивар… Востанието на Дервиш Цара е задушено, но сепак одекнува надалеку. Во текот на наредните две-три години преживеаните лидери на востанието, во бегство инспирираат нови востанија во Албанија и Босна, кои се набрзина задушени.

Востанието на Дервиш Цара е најголемото востание на територијата на Македонија во целиот петстогодишен период на отоманското владеење, изборено со домашни сили без никаква странска помош. Во текот на шесте месеци Дервиш Цара успева да ослободи и држи голема територија, во која влегуваат неколку важни градови, вклучувајќи го и Скопје. Сепак, востанието било целосно заборавено и запоставено од официјалната македонска, па и од албанската историографија. Главните извори за него се од британски, руски, австриски, и пред сè француски дипломати и служби, кои ги известувале нивните држави за настаните во Македонија. Овие документи биле главниот поттик и главната потпора на професорот Матковски кога ја пишувал книгата. Тој е секако најзаслужен за откривање на ова востание и овој мошне интересен период во историјата на земјата и за спасување на фигурата на Дервиш Цара од целосен заборав. За жал, книгата е пишувана во време на големо антиалбанско расположение на властите од тоа време, а фактот што Дервиш Цара бил Албанец се чини бил доволен книгата да не се издаде на македонски.

Од друга страна, сосема е неразбирливо зошто ова цензура на ликот на Цара продолжува и во денешно време. До ден-денес неговото име може да се најде само во основното училиште во неговото родно Палчиште и на една улица во Тетово. Дури и при градење на помпезниот проект „Скопје 2014“, кога се поставуваа споменици на важни историски фигури, и каде што место најдоа и странски ликови како Цар Душан, не се слушна ниту збор за Дервиш Цара, единствениот на кој му успеа да го ослободи Скопје во отоманскиот период. Ако сакаме да бидеме искрени кон нашето минато, ова ситуација мора да се коригира. Дервиш Цара го заслужува своето место во историјата, факт што треба да се признае, а не да се крие. Прв чекор би можело да биде издавањето на книгата на професорот Матковски на македонски јазик, речиси 35 години откако е напишана.