ВМРО расчисти со иднината


Љупчо Поповски

Запрепастувачки е колку многу теории со стотици варијанти се појавија во толкувањето на она што се случи во ВМРО-ДПМНЕ по нивната Вартоломејска ноќ минатиот петок во Собранието. Де Христијан Мицкоски конечно ги презел уздите на партијата, де неговиот авторитет станал неприкосновен во раководството, де исклучувањата биле фингирани за јавноста да не забележи дека двојството на братучедите е, всушност, тројство со новиот лидер, де исклучувањето на Сашо Мијалков од партијата е само фасада, де Никола Груевски ги насочува сите потези на Мицкоски и луѓето околу него, де целата драма со пратениците е наместена за да се издејствува слобода на сите што се обвинети за 27 април… И што уште не.

Вообичаените флоскули дека наредните години ќе се откриела вистинската суштина за настаните не се соодветни за македонската политичка сцена. Овде никогаш немало луѓе кои имале и храброст и елементарна непристрасност да соопштат што се случувало во драматични моменти во двете најголеми партии. Секогаш тоа се сведува на шепоти, претпоставени постапки, чување на грбот за можната неизвесност во иднината – едноставно, молчењето е лажното злато кое треба внимателно да се чува.

Обичната јавност, онаа што беше закована пред телевизиите или на интернет додека централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ решаваше да ја направи сечата на партиските кнезови, а потоа ги читаше писмените изјави на отстранетите, има поедноставена претстава за она што се случува меѓу „патриотите“. Тој впечаток потоа ќе ја води кон поддршката во анкетите или на изборите што први ќе дојдат.

Тој впечаток во основа е јасен. ВМРО-ДПМНЕ расчистува со иднината, наместо прокламацијата дека е направен драматичен рез со минатото.

Неколку работи го објаснуваат патот кон кој тргнала партијата во овие пет-шест месеци, а чистката е само привремениот врв на настаните. Основата е дека ВМРО-ДПМНЕ се радикализира, тргнува кон крајниот десен спектар на политичкото дејствување. Со тоа се обидува да привлече одреден дел од оние тврдокорни националисти, кои себеси се нарекуваат патриоти. Таа бројка е занемарлива во однос на оние граѓани што партијата може да ги загуби како поддржувачи, а кои се традиционално конзервативни, но се само малку десно од центарот, а не на крајниот десен пол, чија платформа секогаш е исклучивоста. Кога ВМРО-ДПМНЕ повторно дојде на власт во 2006 година, тоа враќање беше идеолошки подготвено. Можеби сте заборавиле, но неколку истакнати идеолози на десницата – од филозофи до социолози, беа вклучени да ја објаснат платформата на новото владеење и на тоа да му дадат европски контекст. И треба да се каже дека објаснувањето на таа нова конзервативна и демохристијанска платформа беше успешно. Партијата мобилизираше широка структура поддржувачи, која гледаше некаков нов концепт на кој е вредно да му се даде шанса.

Потоа, оние што дојдоа на власт поради новата идеологија, и во економијата и во политиката, многу лесно зачекорија кон национализмот, корупцијата, авторитарноста – тие вообичаени алатки за зачувување на власта. Крајот, на овој или на оној начин, со мали или големи ломови, мораше да дојде. Македонското општество се пораѓаше на рати и успеа да ја испорача демократијата.

Сегашново вмровско раководство нема никаква идеолошка платформа, нема политички концепт, нема стратегија за дејствување во иднината – има само исклучив национализам кој се претставува како патриотизам. Неговата идеја-водилка е експресно враќање на власт. Тоа покажува нетрпеливост дека не може да чека ниту две години за освојување на власта. Во таа нетрпеливост тоа раководство гледа општ заговор на Западот и домашните „предавници“ во стожерот кој за вмровската номенклатура беше отскочната штица – договорот од Преспа. Како некаков вид македонски младотурци Мицкоски и луѓето околу него ја конципираа целата политика на партијата во неговото целосно одбивање, при тоа обидувајќи се да го оцрнат и таму каде што не е (а најмалку во траумата со придавката северна) употребувајќи полувистини, а многу често и лажни информации. Поразот на владиното мнозинство во Собранието требаше да биде штембилот што требаше да го завери референдумот и доаѓањето во премиерските одаи на Мицкоски изгледаше само како прашање на неколку месеци.

Затоа шокот од гласањето на пратениците се претвори во природна катастрофа за вмровците. Претседателот на партијата тоа отворено го кажа на некнешната прослава на 23 октомври. Во основа, тој беше искрен, затоа некој ги урна неговите надежи и планови. Но таа искреност го покажа и неискуството во политиката.

„Вечно ќе патам за пропуштениот момент. Ќе ме мачи тоа што вие кои нè изневеривте, не ни дадовте шанса да го поразам Заев, не ми ја дадовте таа шанса! Зошто ни ја одзедовте можноста да го победиме на избори и тоа кога беше готов. Тивко и пеколно болно беше во моето срце таа вечер. Тивко и мачно беше во нашиот штаб. Кога гледав како еден по еден кревавте рака за предлогот на Заев, со секое кревање рака нас срцето ни се кинеше. Пеколна болка е тоа“, го објаснуваше траорниот момент Мицкоски. Како и иконите на популистите – Ердоган, Орбан и Путин, и тој се поистовети со народот обидувајќи се неговиот интерес и на неговата партија да го прикаже и како интерес на народот: „Ме изневеривте! Ја изневеривте ВМРО-ДПМНЕ! А, најважно од сè, ја изневеривте вашата татковина Република Македонија“.

Оние пратеници што сега беа оквалификувани како предавници кои му служеле на ѓаволот, само една недела пред референдумот, во говорот во Охрид, Мицкоски ги нарече војводи, комити и гемиџии. Тоа е вмровската сцена поставена уште во 1918 година – ако не размислуваш како раководството тогаш си предавник на организацијата и на делото и за тоа мора да следува драконска казна.

Објавувајќи ги заклучоците на Централниот комитет, потпретседателот на партијата, Александар Николоски, тоа го спореди со своевиден триумф. „Од денес ништо повеќе нема да е исто. Од денес ВМРО-ДПМНЕ расчистува со хипотеките од минатото“, рече тој. Соопштувајќи кој сè бил разрешен и предложен за исклучување, Николоски рече дека тоа минато било неверојатно блиско – пред само две недели. И дека хипотеките се поврзани со наводните обиди за поткупување, уцени и притисоци на седумтемина членови на партијата. Никогаш досега ова раководство не направи ни милиметарска дистанца од врвот на партијата која ја однесе Македонија во авторитаризам, ужасно повредување на човековите права и кон изолација на земјата. Доколку раководството порано се дистанцираше од Мијалков поради сето она што го правеше минатите години, а со него и Никола Груевски, тоа ќе беше веродостојно расчистување со минатото. Самото објаснување дека за Груевски нема информации дека влијаел врз пратениците го прави ова објаснување на партијата фалично, па дури и лажно. Целата оваа драма едноставно се сведува на гола фрустрација – пропадната можност да се дојде на власт. Без оглед што изборите можеа да покажат дека тој проект не мора по правило добро да заврши за партијата.

Ова „вечно патење“ на Мицкоски и клетвите за пратениците во понеделникот добија заверка и од Москва. Руското министерство за надворешни работи со истиот вокабулар ја соопшти и фрустрацијата на Кремљ: „Гласањето што се случи на 19 октомври во парламентот на Македонија беше организирано по каноните на ‘современата европска демократија’ со отворено кршење на сите норми и од законска, и од морална гледна точка. Покренување на иницијативата за уставни промени е обезбедено по пат на уцени, закани и подмитување на опозициските пратеници“.

Обидете се најдете разлика во оценките на ВМРО-ДПМНЕ и Москва – нема никаква. Реакцијата на исклучениот Никола Тодоров најдобро ја објаснува оваа целосна илиберална трансформација на партијата: „Ме исклучија од трансформираната фракција на ВМРО, трансформирана во антизападна, анти-ЕУ и анти-НАТО фракција, управувана од луѓе кои се водени и заробени од сопствената суета… кои сè уште се поклонуваат на туѓи антимакедонски и антизападни пропаганди и интереси“.