ВМРО-ДПМНЕ ќе „командува“ на 30 септември


ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во спроведување на референдумот за името преку претседател и уште еден член во новиот состав на Државната изборна комисија, што се избираше синоќа во парламентот, по неколкунеделна блокада, а откако партиите ги усогласија конечно ставовите околу законите што ги бараше опозицијата. Но, и натаму е неизвесно како најголемата опозициска партија ќе се постави во однос на гласањето на референдумот со оглед на разногласијата во врска со референдумското прашање. Од тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги повика своите поддржувачи да излезат на гласање во голем дел зависи постигнувањето на прагот од над 50 проценти одѕив за плебисцитот да биде успешен.
Откако на дневен ред на вчерашната „вонредна“ седница се најдоа измените во Изборниот законик и во законите за финансирање на партиите и за влада, стана речиси извесно дека ќе се стигнат роковите за референдумот да се одржи на 30 септември. Премиерот Зоран Заев изјави вчера дека очекува одлуката за распишување на референдумот да биде донесена до крајот на месецот, а, според, најавите од парламентот тоа би требало да се случи во сабота, односно на 29 јули. Со тоа ќе биде постигнат условот од минимум 60 дена од закажувањето до одржувањето на референдумот.
Заев рече дека за датумот за одржување на референдумот разговарале и со опозицијата на лидерската средба, и иако не е постигнат договор тој очекува ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни дали ќе бојкотира.
„И да нема договор со ВМРО-ДПМНЕ, ние ќе тргнеме во организација на референдумот. Јас верувам дека и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ соодветно ќе се позиционират за одлуките за распишување референдум. Пред јавноста мора да го кажат својот став – дали се за бојкот, дали ќе одат на тивок бојкот, дали ќе повикаат да се гласа ‘против’ или ќе остават граѓаните слободно да одлучуваат. Тоа е нивно легитимно право. Но, должност е на сите процесот за референдум да биде успешен“, рече Заев.


Тој го соопшти и предлогот што Мицкоски го дал како референдумско прашање за време на последната лидерска средба. Прашањето што го предложил Мицкоски, според Заев, е всушност контрапрашање и е несериозно и неточно. Мицкоски, како што рече Заев, предложил прашањето да гласи: „Дали сте за поддршка на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција, потпишан од министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас во Псарадес (Нивици), кој што целосно ги уништува македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската култура и македонската национална посебност?“
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, изјавија вчера дека остануваат на ставот референдумот да биде согласно Уставот, законите и европските норми и начела што ги налага Европската Унија. Тоа го соопшти партискиот портпарол Димче Арсовски, коментирајќи ја изјавата на Заев дека ќе бара консензус со партиите за референдумот и дека останува на ставот дека референдумското прашање да биде тоа што го соопшти на лидерската: „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“?

Арсовски не сакаше да ги коментира предлозите за рефередумското прашање што, наводно, ги дал Мицкоски.
„Средбата беше зад затворени врати, не би можел да коментирам што се разговарало внатре, единствено ќе ви повторам дека нашиот став во однос на прашањето е јасен и прецизен, а тоа е дека прашањето треба да биде согласно законот, Уставот и европските норми и начела“, рече Арсовски.
Тој не можеше да каже дали опозициската партија ќе бара нова лидерска средба за да се усогласат референдумските детали. На прашање дали преговорите се искомплицирале затоа што ВМРО-ДПМНЕ бара амнестија, Арсовски рече дека „тоа е една смислена и оркестрирана хајка која што можеше да се види изминатите денови од страна на СДСМ се со цел да се дефокусираат две огромни работи“ – договорот со Грција и, како што рече, криминалот од над 45 милиони евра.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги достави вчера претпладне до претседателот на Собранието, Талат Џафери, предлозите за претседател и за еден член на ДИК, што одби да го направи во понеделникот вечерта кога се очекуваше парламентот да го реализира првиот дел од договорот од последната лидерска средба. Според информациите, во вторникот вечерта работните групи на партиите постигнале поместување во разговорите што во понеделникот заглавија на Законот за финансирање на политичките партии.
СДСМ ги предлага за членови на ДИК Борис Кондарко, Јанаке Витановски и Радица Ристевска, а ВМРО-ДПМНЕ го предлага Оливер Дерковски за претседател, а за член Елизабета Постоловска. ДУИ ја предложи Дитмире Шеху, додека БЕСА излезе со предлогот Енвер Салиу.
Според собраниски извори, опозицијата отстапила од барањето да се интервенира во казнените одредби во законот за финансирање на партиите, односно во делот кој ги третира казните за незаконско финансирање на изборните камањи. Со измените во Законот за влада, пак, се враќа како системско решението што беше договорено како преодно во текот на преговорите во Пржино, а со кое се востанувува принцип на техничка влада пред парламентарни избори. Тоа значи дека 100 дена пред парламентарни избори, опозицијата ќе номинира свои кадри за министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и за заменици со право на вето во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација. Останува и решението кое и пред изборите во 2016 година беше предвидено како системско, а според кое актуелниот премиер Зоран Заев ќе треба да замине од функцијата сто дена пред следните парламентарни избори (независно од тоа дали ќе бидат вонредни или редовни) и да му го отстапи својот кабинет на „Илинденска“ на технички премиер од редовите на СДСМ. (А.М.М.)