ВМРО-ДПМНЕ ги пушти низ вода и тепачите и организаторите


Двете најголеми партии се најдоа во заедничка „прегратка“ околу Законот за амнестија со кој ќе се спасат од одговорност голем број од обвинетите за упадот во Собранието на 27 април, но не сите, како што драматично до неодамна бараа од ВМРО-ДПМНЕ. Само 17 пратеници не го искористија своето право на глас околу законот кој беше изгласан со 95 гласа „за“ и ниту еден „против“. Најголемата опозициска партија нагло отстапи од стратегијата „или ич или брич“ на сите казни, па како што кажа лидерот Христијан Мицкоски, застана зад решението што, сепак, ќе било од корист за лицата што се под политички прогон на оваа влада, иако жалат што амнестијата не важи за сите. Сега ВМРО-ДПМНЕ самоуверено застана зад законот што го креираа доскорешните вмровски пратеници (првенствено за своја слобода) со кои беше постигнато двотретинското мнозинство за уставните измени во контекст на договорот со Грција – поради што ги ставија на столбот на срамот, ги прогласија за предавници и ги исклучија од партијата. Меѓу 17 пратеници што не гласаа на пленарната седница само четворица се од ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, Лилјана Затуроска, Дафина Стојаноска и Благица Ласовска. Лилјана Затуроска вчера ни изјави дека не станува за непочитување на партискиот став.

„Заминав порано, не гласав затоа што не присуствував на самото гласање бидејќи имав слава Свети Никола“, кратко ни искоментира Затуроска, која половина час претходно гласаше предлог-законот да оди по скратена постапка.

Ги пушти ли низ вода ВМРО-ДПМНЕ со овој гест повеќето учесници во таа собраниска драма со долгорочни последици? И извршителите на злосторствата, но и креаторите и организаторите од државните служби со кои тогаш управуваа нивни високи партиски функционери? Конечно, се потврдуваат ли со ова информациите дека единствената цел на најголемата опозициска партија во преговорите со политичките опоненти била да издејствуваат амнестија за криминалот и за злоупотребите. „Очигледно е дека постои одредена поделеност внатре во ВМРО-ДПМНЕ во однос на амнестијата и за уставните измени. Според она што се случи при гласањето во Собранието, може да се заклучи дека партијата ги жртвуваше извршителите, па и нарачателите на крвавиот четврток. Сепак, мислам дека во политичкиот наратив на ВМРО-ДПМНЕ и во иднина нема да отсуствува барањето за целосна амнестија“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Дел од обвинетите деновиве во судница прашаа „дали може да заклучиме дека секој си ги извади своите, а во притвор останавме само ние жртвените јагниња“, претходно нагласувајќи, „не се плашиме од судот на власта, туку од предавството на ВМРО“. Така обвинетиот Игор Југ го праша експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, „дали ќе се согласите дека на 27 април политичарите беа господарите, а ние што скапуваме по затвори сме куклите?”

Но она што е извесно е дека амнестијата нема да се однесува и на припадниците на полицијата, на собраниското обезбедување и на другите безбедносни служби. Во таа група обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, кои тогаш имале службени овластувања се наоѓаат и дел од бившите партиски ведети, а не „лепачи на плакати“: Митко Чавков, тогашен директор на Бирото за јавна безбедност и раководител на оперативниот штаб со златна команда; Митко Пешов, началник на Оддел за специјални полициски операции со сребрена команда и Душко Лазаров, началник во Оддел за униформирана полиција, кој бил дежурен во оперативниот штаб. Меѓу обвинетите службеници се и Оливер Поповски – ексначалник во МВР и полицискиот службеник Мунир Пепиќ. Од собраниските службеници се товарат шефот на обезбедувањето на Трајко Вељаноски – Горан Ѓошевски-Леви и Абдулфета Алими од собраниското обезбедување. Амнестијата, веројатно, нема да важи за ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски.

Меѓу оние, пак, што не гласаа се Амди Бајрам (се оправда дека не бил во Собранието по паузата оти морал да оди во болница да прими инфузија, поради оперативниот зафат што го имал на ногата, како и Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците. Од ДУИ освен претседателот Али Ахмети, за амнестијата не гласаше ниту пратеникот Џеват Адеми. Не гласаа ниту пратениците на Беса, Африм Гаши, Теута Биљали, Фадил Зендели, Реџеп Мемеди, Неџбедин Карамани, а своето право на глас не го искористи ниту пратеничката на ДПА, Мерал Ферати Узеири.

Децидно против Законот за амнестија се изјаснија лидерот на ЛДП, Горан Милевски, како и лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села. Тие заедно со пратеникот од Алијансата, Сурија Рашиди, не гласаа законот да влезе во собраниска процедура по скратена постапка.

„На 27 април речиси ме убија, сега ме убиваат по вторпат“, изјави Села. Тој порача дека не може да има мир со злосторници. Смета дека оние што ги отвориле вратите на Собранието на 27 април треба да одговараат, а не да се шетаат слободно. „Ова ли е правната држава што ја градиме“, вели Села.

Законот за амнестија, освен што создаде немир во структурите на ВМРО-ДПМНЕ, е само една од причините за заладување на односите меѓу ЛДП (во која има жестоки внатрепартиски несогласувања) и СДСМ. Милевски е против Законот за амнестија, но двете негови сопартијки, пратеничките Никица Корубин (која од пред некој ден функционира како независна пратеничка) и Јулијана Николова гласаа „за“.

Милевски, кој е незадоволен од прераспределбата на функции (ЛДП има само еден министер без ресор – Зоран Шапуриќ), смета дека не треба законодавната и извршната власт да се мешаат во судството. Пред сè, според него, треба да заврши процесот на интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ, за да не се прават тука проблеми, а потоа ќе следуваат коалициски преговарања. Според Корубин, пак, неприфатливи се изјавите на Милевски во кои тој оди контра политиките на Владата бидејќи, како што вели, ЛДП е коалициски партнер и има механизми внатре во коалицијата како да изразат различни гледишта.

Наум Котевски

Амнестијата чека потпис од Иванов

Законот за амнестија веќе е испратен кај шефот на државата Ѓорѓе Иванов, но од неговиот кабинет вчера не одговараа дали и кога ќе стави потпис, иако собранискиот спикер Талат Џафери убедуваше дека тоа ќе се случи во најбрз можен рок.

Законот ќе стапи во сила откако ќе биде објавен во „Службен весник“.