Вмровците бараат дупки во законите


Уставните судии на некоја од наредните седници ќе одлучат за судбината на инцијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој е бранител на дел од поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ обвинети во случаите на Специјалното јавно обвинителство.

Иницијативата оспорува два члена од измените на Кривичниот законик од 2004 и 2009 година. Со првите измени се воведува ставот 5 во членот 353, по кој се обвинети најголем дел од поранешните функционери, а со вторите измени се зголемува затворската казна од најмалку четири, на најмалку пет години затвор.

Според Владата, целта на оваа иницијатива е одговорноста за јавните набавки да се префрлил врз комисиите за јавните набавки, а поранешните функционери да бидат заштитени од одговорност, односно да „платат“ ситните риби, а да се извлечат крупните. Со иницијативата се бара предметите што се водат во овој момент, а се однесуваат на кривични дела поврзани со злоупотреба на службена положба и овластување, да бидат запрени сè додека Уставниот суд не се произнесе.

Иницијативата ја обелодени пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов, а Владата јавно им порача на уставните судии да не ја прифаќаат иницијативата.

„Ова не е во согласност со правна држава. Законите ќе важат за сите и Владата смета дека оваа иницијатива е целосно нелогична. Истовремено, со иницијативата се бара предметите што се водат во овој момент, а се однесуваат на кривични дела поврзани со злоупотреба на службена положба и овластување, да бидат запрени сè додека Уставниот суд не се произнесе. Ова е неприфатливо во ниту една форма. Амнестија во Република Македонија нема да има за кој било што се огрешил пред законот, без разлика на етничка припадност или политичка припадност“, порача владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Тој вели дека со овој повик Владата не се меша во работата на судот, туку дава мислење бидејќи Уставниот суд го побарал тоа од нив.

„Ние не смееме никако да се мешаме во работата на судот и тоа не го правиме. Уставниот суд секогаш бара мислење од различни институции. Нашето мислење за нив не е облигаторно“, вели Бошњаковски.

И Уставниот суд овој повик не го толкува како притисок врз нив бидејќи судот, според стандардното деловничко работење, секогаш бара мислење од Владата и од Собранието, освен кога станува збор за закони

Од Судот велат дека кога предметот ќе биде ставен на дневен ред на некоја од наредните седници, судот ќе се произнесе и за суштината на иницијативата и за времената мерка што се бара, односно за барањето да се запрат постапките се до произнесувањето на судот.

„Доколку Судот смета дека треба да се поведе постапка, тогаш може да се поведе постапка и да се одлучи да има и времена мерка, а може и да се поведе постапка и да нема времена мерка. Тоа се инструменти за работа на Уставниот суд“, велат од Уставен.

Откако СДСМ обелодени дека има поднесено ваква иницијатива, дел од адвокатите на Груевски негираа, а тој самиот соопшти дека тој во ниту еден случај не е обвинет за злоупотреба на службената положба. Но Уставен сепак потврди дека ваква иницијатива е поднесена од адвокат кој брани некои од обвинетите поранешни функционери.

Од досегашните обвиненија на СЈО има педесетина обвинети во 11 предмети, кои се гонат за кривичното дело злоупотреба на службената положба. Меѓу нив се и поранешните функционери и министри Миле Јанакиески во „Топлик“ и „Траекторија“, Гордана Јанкулоска во „Тенк“ и „Таргет“, Сашо Мијалков во „Трезор“, Елизабета Канчевска Милевска во „Тендери“.

Фросина Факова – Серафиновиќ