Владата повлече потег: Инстант-разврска, па нова неизвесност


На повидок е инстант-разврска на политичкиот јазол што се создаде по референдумот откако премиерот Зоран Заев вчера, наместо на роденденска прослава, ги собра министрите на вонредна владина седница за да утврдат предлог за уставни измени, согласно со преспанскиот договор. Следниот потег треба да го повлечат пратениците, кои треба да изберат дали ќе влезат во процес на уставни измени или ќе се самораспуштат.
Ненадејниот чекор на Владата поттикна од една страна прогнози дека има договор со опозициски пратеници за обезбедување двотретинско мнозинство – нешто што се чинеше малку веројатно во изминатите денови, со оглед сите обиди на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за суспендирање на договорот со Грција по релативно неуспешниот референдум. Од друга страна, одлуката Владата да биде предлагач на уставните промени, а не Собранието (како што се најавуваше првично), се смета и како политички маневар, со цел процесот да се истурка на чистина.
Кога предлогот за пристапување кон уставни измени ќе се најде на маса во парламентот, а се очекува тоа да биде многу брзо – можеби уште денеска или утре, пратениците, практично, ќе се најдат пред свршен чин. Ова особено важи за опозициските пратеници, кои ќе треба да изберат меѓу две опции – поддршка за уставните измени или вонредни избори во период од околу 45 дена.

ЗАЕВ „ПРОТИВ“ ИЗБОРИ
Избор на премиерот Заев, пак, е процесот да продолжи во овој состав на парламентот, со тоа што ќе се обезбеди широк консензус за уставните измени. Само, прашање е дали и колкумина од пратениците од опозициската редица во законодавниот дом ќе ги сфатат сериозно неговите предупредувања дека на Македонија не ѝ се потребни моментно избори, ама дека тие сепак ќе се одржат доколку станат неопходни.
Во интервју за сервисот на грчки јазик на „Еуроњуз“, Заев изјавил дека само ако не успеат сите можни начини за постигнување двотретинско мнозинство, земјата ќе оди на избори.
– На Македонија не ѝ се потребни избори. Македонија сега е на правилен пат. Ќе отвориме едно поглавје во јуни. Ќе имаме наше место на масата на разговори во Брисел и во НАТО со почеток на ратификацијата на протоколот во парламентите на 29 држави членки. Од економски аспект, Македонија се наоѓа во одлична ситуација и нема потреба да одиме на избори, освен ако не е неопходно. Секако, ако распишеме избори, очигледна цел ќе биде постигнување двотретинско мнозинство, вели Заев.


Понатаму, премиерот посочува дека се прават консултации, дека пратениците разговараат меѓу себе, дека со пратениците разговараат и раководствата на сите владејачки партии. Заев верува оти е можно процесот на спроведување на договорот со Грција да продолжи без избори.
– Има доволно време, но сите се согласуваме дека колку побргу се имплементира договорот, толку подобро ќе биде за двете земји, бидејќи самиот договор нуди многу придобивки – вели Заев.
Во случај парламентот да не го усвои владиниот предлог за пристапување кон промена на Уставот, односно ако нема поддршка од најмалку 80 пратеници, следниот чекор, според најавите, ќе биде поднесување предлог-одлука за распуштање на парламентот, за што, пак, се потребни најмалку 61 глас. Потребното апсолутно мнозинство за тоа, како што се проценува, ќе се обезбеди полесно доколку на самото место – во собраниската сала, се покаже дека нема волја кај пратениците од овој состав за понатамошно спроведување на преспанскиот договор.

„СОМНИТЕЛНИ“ ПРАТЕНИЦИ
Каква и да биде разврската на комплицираната ситуација што се создаде по референдумот, проценките во политички кругови се дека неизвесноста околу понатамошното спроведување на договорот за името, а со тоа и околу интеграциските процеси на земјата, ќе продолжи и во наредните месеци. И во случај дел од пратениците од коалицијата „За подобра Македонија“ да помогнат за обезбедување квалификувано мнозинство за пристапување кон уставни измени, прашање е дали таа поддршка ќе се задржи и во наредните два-три месеци додека трае долгата и сложена процедура за донесување уставни амандмани.
Владејачките партии ќе треба во неколку наврати да обезбедат двотретинска поддршка за да може да ги истуркаат до крај уставните измени, прво во почетокот на процедурата, кога ќе се одлучува за предлогот за пристапување кон промена на Уставот и на крајот кога треба да се прогласат уставните амандмани. Со оглед на тоа што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои се сметаат за „сомнителни“ и во изминатиот период се под постојани предупредувања да не гласаат за уставни измени, многу очекувано е дека притисокот врз нив ќе се засили во случај сега да помогнат за почнување на процедурата за промена на Уставот. Во случај на отворање на Уставот, проблем, според проценките, може да бидат и обидите на одредени партии да протуркаат други амандмани освен четирите што беа најавени согласно со преспанскиот договор и кои немаат врска со тековниот процес.
Втората опција – предвремени избори во најкус можен рок, исто така носи голема неизвесност со самото тоа што нема гаранција дека партиите што го поддржуваат преспанскиот договор ќе освојат од старт двотретинско мнозинство во новиот парламент. Во однос на можните избори има и други отежнувачки околности, почнувајќи од тоа дека земјата само што излезе од една кампања – референдумската, сега треба да влезе во нова – изборна кампања. Критични елементи се и ограничениот мандат на ДИК, предвидените рокови за ратификација на договорот во грчкиот парламент и за почнување на процесот за пристапување на земјата во НАТО, фактот дека нема време за формирање пржинска влада 100 дена пред гласањето и дека напролет престојат редовни претседателски избори.
Според шефот на дипломатијата Никола Димитров, предвремени парламентарни избори сè уште се последна опција.
– Следуваат разговори во парламентот. Ни претстои историска одлука. Нашата реалност е дека не може да го заобиколиме спорот за името на патот кон НАТО и ЕУ. Парламентот треба да реши дали ќе ја следи волјата на народот – изјави вчера Димитров.

Александра М. Митевска