Високото образование на четврто место по дискриминација


Високото образование во земјава се наоѓа на високото четврто место во рангирањето на области од општеството во кои има дискриминација.  Дел од студентите се чувствуваат дискриминирани врз повеќе основи и тоа како, жртви на политичка, родова и етничка дискриминација.  Најмалку застапена, испитаниците  ја издвоиле дискриминацијата врз основа на фаворизирање и непотизам, а како најчест предизвикувач на дискриминацијата ги посочиле професорите и асистентите.

Во истажувањето  „Улогата на младите во спречување на дискриминацијата во образованието“ на младиот истражувач и автор Мартин Нацевски наведено е дека негативните влијанија на дискриминацијата се една од причините поради кои младите луѓе се одлучуваат да ја напуштат својата татковина, во потрага по општество кое ги цени нивните вистински квалитети и вредности.

„Согласно очекувањата, наставниот кадар е во најдиректен контакт со самите студенти и од него непосредно зависи квалитетот на предавањата и на оценувањето. Токму поради тоа, оваа категорија најчесто ја злоупотребува својата позиција, применувајќи различен третман кон студенти од различни позадини. Според испитаниците, оваа дискриминација најчесто се манифестира како поинаков пристап при оценувањето, поинаков однос со различните студенти, но и неправедни критериуми при вработувањето или ангажирањето студенти во наставниот процес“, стои во наодите на Нацевски.
Високото образование не изостанува од областите кои се погодени од политичката дискриминација. Мартина Илиевска од Младинскиот образовен форум  вели дека постојат повеќе примери кога политичката определба била предуслов за положување испит,  добивање повисока оценка или пак,  добивање одредена стипендија или награда.

„Подеднакво важна појава е родовата дискриминација, која се јавува во сите современи држави. Ваквиот облик на дискриминација може да се појави во повеќе форми: при уписот, при правилата за облекување („дрес-код“), при бременоста кај студентките, како и во ситуациите на сексуално вознемирување. Како посебна форма на родова дискриминација се јавува сексуалното вознемирување насочено кон студентките. Ваквата појава е многу честа  на македонските универзитети, што го потврдуваати големиот број сведочења на жртвите на сексуално вознемирување во рамките на граѓанската акција „Сега кажувам“. Во рамките на оваа иницијатива, жени и девојки од различна возраст и позадина споделуваа свои искуства со сексуално вознемирување во повеќе ситуации, меѓу кои и во рамките на високото образование. Многу често студентките се наоѓаат во незавидна ситуација кога професорот или асистентот ќе ја злоупотреби својата работна позиција. Секако, сексуалното вознемирување не секогаш е насочено само кон студентките, но тие се јавуваат како жртви во најголемиот број случаи“, рече Илиевска од МОФ.

Доста застапена појава  во високо образование    е фаворизирањето на одредени студенти или групи студенти наспроти останатите, што ги става остатокот од студентите во неповолна положба. Токму поради честата појава на ваквото фаворизирање на  дел од универзитетите, таа може да се толкува како еден вид дискриминација врз основа на фаворизирање и непотизам.

Во мултиетничко општество како што е земјава една од најчестите појави е и етничката дискриминација која често води  кон сегрегација во училиштата и во високото образование.

„На опасноста од сегрегацијата во училиштата и нејзините негативни последици неколкупати предупреди  комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс, во чии извештаи за состојбата со човековите права во  Македонија редовно се напоменува честата појава на поделба во јавните училишта. Комесарот забележува и дека, додека основното и средното образование се достапни  на турски и на српски јазик, високото образование е достапно само на македонски и на албански јазик, што создава своевидна дискриминација“, објасни Илиевска.

Студентите можат да влијаат на спречувањето на дискриминацијата  при што им се достапни повеќе облици на заштита. Во прв ред, тоа е информирањето на деканската односно ректорската управа, или пак  Државниот просветен инспекторат, како и дејствување преку Студентскиот парламент. Меѓутоа  младите често не преземат ништо, или пак, не се истрајни во својата акција, поради што  дискриминацијата честопати поминува неказнета, а нееднаквиот третман на студентите останува.Студентскиот правобранител на Универзитетот на Југоисточна Европа,  Енкелеј Ајази, вели  во нивната канцеларијата не е стигната ниту една жалба по основ на дискриминација.

„На нашиот универзитет нема лоши дискриминаторски однесувања. Студентите понекогаш грешат мислејќи дека се дискриминирани од некој аспект, ама тоа никогаш не докажано и затоа не можеме да кажеме дека има. Обвинувања  за  дискриминација има, но не е докажано такво нешто“,  рече Ајази.

Во истражувањето се препорачува олеснување на постапката за пријавување дискриминација пред надлежните државни органи, како и гарантирање на анонимноста на пријавувачот. Како позначаен метод, кој ќе влијае врз намалување на дискриминацијата, се бара формирање на посебно тело, чија основна дејност ќе биде директна заштита на студентите од различните облици на дискриминација во високото образование.

Вероника Мароска-Леова