Интервју со полскиот амбасадор Јацек Мултановски: Видов како се буди едно инертно општество


Љупчо Поповски

Македонија нѐ фасцинира како мултинационално, мултикултурно и  мултирелигиозно општество. Полска беше ваква држава некаде до Втората светска војна. Во Македонија го откриваме она што го загубивме. Често ми велат, егзотиката ве фасцинира во Македонија. Тоа не е егзотика, во Македонија има нешто магично, вели амбасадорот на Полска, Јацек Мултановски, кој викендов си заминува од Скопје по четири години службување.

Овој викенд си заминувате од Македонија, завршува Вашиот мандат. Во каква Македонија дојдовте, а од каква заминувате по четири години?

Зависи од која гледна точка гледаме. Македонија за четири години не се смени многу како интересна атрактивна земја. Што подолго сум тука, толку повеќе откривам работи што ме интересираат. Не случајно доаѓаат сè повеќе полски туристи, кои веројатно исто како мене гледаат многу интересни нешта.

Но, разбирам дека Вашето прашање се однесува на тоа какви промени се случија во Македонија од општествено-политичка гледна точка. Убеден сум дека има многу големи промени, кои траат и ќе траат долго, а се поврзани со новата власт. Тоа што ме интересира е политичкиот пат на Македонија кон ЕУ и НАТО и што  дојде до промена во пристапот на македонското општество. Кога дојдов видов инертно општество, со отсуство на енергија и динамика во многу сфери, не само политички. За мене најдобар пример беше Ноќта на музеите во 2014 година, веднаш по моето доаѓање. Очекував дека ќе видам нешто како во мојата земја,  луѓе што доаѓаат во музеи, се радуваат дека ќе можат заеднички да престојуваат во нив и да поминат заеднички активности, но тоа го немаше тука. Тоа за мене беше знак дека нешто не е како што треба. И потоа имав прилика да забележам пораст на тоа граѓанско чувство и поголема активност. Граѓанското општество доби нова сила и тоа за мене е многу важна промена. Граѓанското општество и сега, во моментов, е одговорно за иднината на државата.

Втора промена, за мене исто така многу важна, е рушење на етничките бариери. Има обиди тие бариери да се урнат, да се создаде заедничко општество. Мислам дека тоа е долг и тежок процес и веројатно во голема мера зависи од одлуките што ќе бидат преземени во Брисел. Но, за мене е битно таа енергија што се создаде да се одржува.

Бевте сведок на многу драматични настани во Македонија –  скандалот со прислушувањето, аболицијата, Шарената револуција до промената на власта и потпишувањето на договорот со Грција. Како Ви изгледаа тие настани?

Уште два настана се битни во тие што ги набројавте – Куманово и 27 април кога се случи упаѓањето во Собранието. Јас сум жител на Централна Европа и мојот  регион имал прилика да види многу драматични и  критични настани. И тој дел на Европа, Централна како и Јужна Европа, има зад себе тешка историја. Настаните што ги набројавте ги следев, но ги сфаќав како нешто што ми е познато и за мене разбирливо. Поаѓајќи од тој аспект, тие процеси за мене беа разбирливи. Се надевам дека процесите што следуваа, едни по други, ќе доведат до некои подобри времиња. Многу од тие процеси беа интересни, интригантни како што беше следење на Шарената револуција. Јас тие настани нема да ги коментирам, но беше интересно под какви пароли настапуваа во нив. Разбирам дека многу од тие пароли, кои беа гласни за време на Шарената револуција, сѐ уште се важни за луѓето  и не се одговорени.

Економскиот подем на Полска по членството во ЕУ е пример што значи да бидеш дел од најважниот клуб во Европа. Дали македонските граѓани се свесни што носи членството во ЕУ и колку тоа помага во развојот на економијата и демократијата?

На ова прашање не знам да одговорам, бидејќи би требало да влезам во кожата на македонскиот граѓанин. Мислам дека од моја гледна точка не е важно дали македонските државјани во моментов се свесни за тоа пристапување. Најважно е да има волја и одлучност да се влезе во Европската Унија. Се сеќавам пред 2004 година, пред влегување на Полска во ЕУ, имаше многу прашања и стравувања. Многу често неоправдани, сосема неоправдани. Но, тоа немаше никакво влијание врз процесот кој доведе до нашето членство во Европската Унија. И тој процес за заедничко приспособување кон европските стандарди трае подолго. Идната година ќе одбележиме 15 години членство во ЕУ и според различни анкети, над 80 отсто од нашите граѓани изразуваат поддршка и задоволство од членството во Унијата.

За мене е важно дека и покрај тешкиот период, период на одредена стагнација во Македонија, поддршката за пристапување во ЕУ драматично не падна. Можеби се намали, но драматично не падна. А за другото времето ќе покаже. Тоа е истрајност, детерминираност, потреба. Мислам дека таа ситуација ќе доведе до создавање на некоја нова енергија, која имавме прилика да ја видиме и во Полска. Свесен сум дека тоа е голем предизвик.

Дали источноевропските земји со своите политики и потклекнување во владеењето на правото на некој начин им го отежнаа патот на државите од Западен Балкан кон ЕУ?

Не случајно спомнав дека сум од Централна Европа, бидејќи тоа е регион што има комплицирана и тешка историја. Но, секако различно може да се сфатат овие забелешки што ги споменувате. Во однос на мојата држава можам да кажам дека Полска е поборник за силна и моќна Европска Унија, за кохезија во Европската Унија. Но, јас овој проблем што го споменавте би го лоцирал малку на друга страна. Мислам дека земјите кои сега се на пат кон ЕУ, Македонија и другите во регионот, треба да засукаат ракави и да почнат да ги реализираат реформите, а не да бараат оправдувања во случувања или некои работи во Европа. Барем јас така мислам. Мислам дека сега треба да се спроведуваат реформи, да се зајакнат владините структури, да се елиминираат корупцијата и непотизмот во целиот регион на Балканот. Тоа е тешка работа. Ние со задоволство ќе го споделиме нашето искуство.

Македонија и Полска со децении имаат извонредни односи и меѓусебно разбирање. Каква е таа нишка што ги поврзува двете земји и двата народа – дали само словенското потекло или врските се многу подлабоки?

Цело време размислувам што нè поврзува и морам искрено да признам дека немам едноставен и јасен одговор на тоа прашање. Да, секако, јазикот, словенското потекло сигурно има значење, но не знам дали тоа е одлучувачко. Се обидувам да одговорам малку на друг начин. Може има три работи кои ги прават појаки тие врски.

Сигурно е прилично тазе историјата на 20 век и улогата на Полјаците во обновувањето на Скопје. Тоа нѐ врзува и морам да признам дека во Полска предизвикува многу силни емоции кога се зборува за тоа. Да потсетиме дека Варшава беше разурната 80 проценти по Втората светска војна, како Скопје по земјотресот. Скопје стана град на солидарноста. Значи, пошироко има некој вид солидарност што нè поврзува. И нашето мечтаење да бидеме тој подобар, понапреден дел на Европа. Мислам дека тоа е нешто што многу силно нè поврзува. Бидејќи Македонија и нејзините жители мечтаат да најдат достоинствено место во Европската Унија, ние тоа мечтаење го разбираме. И кога доаѓа Полјак во Македонија, од таа гледна точка не треба некој да му објаснува што сака да постигне Македонецот.

Мислам, исто така, дека Македонија нѐ фасцинира како мултинационално, мултикултурно, мултирелигиозно општество. Полска беше ваква држава некаде до Втората светска војна. Во Македонија го откриваме она што го загубивме. За мене тоа е многу важно. Често ми велат дека егзотиката ме фасцинира во Македонија. Тоа не е егзотика, во Македонија има нешто магично.

Каде ја откривавте таа магија во Македонија? Каде сè отидовте, а каде не отидовте, а сакавте да одите?

Имам уште многу места за откривање. Не успеав да видам сè. Бев секаде каде што секој странец, турист и дипломат би требало да оди, тие места ги посетив. Ги видов најважните градови, манастири, Шарена џамија во Тетово и така натаму. Немав време, не можев да планинарам, да посетам мали селца, да разговарам со мештаните, не бев на Солунска Глава, за што ми е многу криво. И тоа е нешто за кое ми е жал, што не можев да ја доловам внатрешната страна.

За време на Вашиот мандат, имаше многу културни настани на релација Полска и Македонија. На што сте особено горди околу зближувањето на двете нации?

Пред сè, задоволен сум од настаните организирани од наша страна кои доведуваа до зближување. И тоа, практично од почеток, беше нашата цел. Имав цел да се прикаже полската култура во Македонија, врз основа на што ќе се изгради мрежа на заеднички контакти. Ми беше битно да се направи прв чекор и од тој чекор да се преземат други чекори иницирани од други. Тие да доведат до директни контакти без посредство на амбасадата. Самостојно да опстојуваат. Најмногу имавме повратни информации, дејствувања поврзани со полската архитектура и соработка меѓу архитектите. Почнавме со изложбата во Музејот на современа уметност посветена на „тигрите“ (архитекти), од тоа настана филм, почнаа потоа  контакти со Архитектонски факултет, почнаа да доаѓаат луѓе од Полска, потоа ја замисливме и ја реализиравме наградата за најдобар магистерски труд од архитектурата, наградата „Тигри“ и сега овие млади луѓе како награда ќе одат во Полска и ќе имаат контакти. Исто беше и со изложбата на полскиот плакат. Смисливме и конкурс за најдобар студентски плакат што ја промовира Македонија како туристичка дестинација. Добитниците на тој конкурс, исто така, отидоа во Полска. Ова се само два примера, но успеавме да ги поврземе двете средини и тоа за нас е успех.

Уште еден пример беше изложбата посветена на Јозеф Обребски, неговите фотографии кои беа презентирани во декември во Музејот на Македонија. Зошто зборувам за Јозеф Обребски? Оваа година одбележуваме 100 години од повторното стекнување независност на Полска. Тоа се случи во 1918 година и периодот што следуваше по стекнувањето на независноста беше период на ерупција на многу таленти. Враќањето на независноста доведе до развој на полската култура и наука. Претставник на таа генерација беше Јозеф Обребски, кој  во 1932 година дојде во Порече во Македонија. Таму поминал осум месеци и ги опишал и фотографирал обичаите од секојдневниот живот. Направил серија фантастични слики, а дел од тие слики ги прикажавме на нашата изложба. Такви слики има неколку стотици и се сопственост на Универзитетот во Масачусетс. На таа изложба сме особено горди бидејќи покажуваме од една страна фасцинација на полски млад научник од Македонија, кого жителите на селото Волче многу го засакаа. Ние сме особено горди и на некој начин оддадовме почит на таа генерација, која повторно ја градеше Полска. И се радувам што заедно со нашата 100-годишнина одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи и можеме да раскажуваме за Јозеф Обребски.