Борба против корупцијата


Александар Кржаловски

Со изгласувањето на уставните измени кај нас и ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент, ако ништо друго, ќе може да констатираме дека патот кон евроатлантските интеграции на Македонија е – отворен. Впрочем, тоа беше и целта на правењето на тој договор и целиот процес што следуваше од неговото потпишување до денес. И сето тоа, со надеж за подобар живот, перспектива и очекуван просперитет за сите наши граѓани.

Но патот до таму нема да е лесен, а може да се покаже дека ќе е и многу далечен. Додека за членството во НАТО очекувањето е тоа да се случи релативно брзо, односно процесот на ратификација на протоколот за прием на Македонија (поточно Северна Македонија) во членство да почне уште во овие еден-два месеци и да биде прво ратификуван од Грција, а да заврши за околу една година (во најдобар случај и до крајот на годинава) со ратификација во парламентите на сите 29 сегашни членки на НАТО, членството во Европска Унија ќе биде сосема друга и сигурно долга приказна.

Почнувајќи од Стратегијата за проширување на ЕУ и најавата на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, дека најрано може да се очекува некои земји од Балканот (пред сè Црна гора и Србија) да станат членки во 2025 година; преку претстојните избори за Европскиот парламент (а поради кои и поради противењето на Франција и Холандија за проширување на ЕУ, минатата година не добивме експлицитен датум за почеток на преговори, туку само надеж дека тоа ќе се случи во јуни годинава); па сè до актуелнава предизборна состојба и суптилните пораки на Европејците – дека сега е време за зафаќање со реформите, а не за предвремени парламентарни избори (со што ни укажуваат дека ако Владата се одлучи да го прифати предлогот на опозицијата и распише и парламентарни избори заедно со претседателските, најверојатно ќе треба да заборавиме на датум за почеток за преговори со ЕУ во јуни). Мала дигресија во однос на последново прашање – мојот облог би бил дека сепак нема да има парламентарни избори!

Ако земеме „здраво за готово“ дека членството во НАТО е веќе извесна работа (меѓу другото и затоа што се завршени сите нашите обврски и понатаму процесот на прием не зависи од нас), останува да се свртиме кон натрупаните задачи од извештајот на Прибе и „мал милион“ други извештаи (како тој на Европската Унија, редовните независни индекси за корупција на „Транспаренси интеренешенел“, „Репортери без граници“ за слободата на говорот и медиумите, на „Фридом хаус“ за демократијата) и планови како блупринт-документот на домашните граѓански организации или на самата наша Влада – план 3-6-9 и план 18!

Во нив се наведени главните приоритети со кои треба да се занимава Владата (а и целата држава), од реформите на безбедносните служби (или со други зборови – на прислушувањето), преку правосудството (и покрај милионите евра и долари потрошени досега во неброените проекти на УСАИД и Европската Унија и скапите странски консултанти кои ги воделе изминатава деценија и подолго), јавната администрација, медиумите… Сè од тоа е важно и не се знае со што попрво да се фатиме, а досега нешто е направено само на полето на безбедносните структури, со носењето на законот за формирање на нова, т.н. ОТА – Оперативно-техничка агенција. Но, веројатно за јавноста, а деновиве и за пратениците во Собранието, приоритет добива борбата против корупцијата, со донесувањето (набрзина) на новиот закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и последователното објавување на огласот за избор на членови на Анти-корупциската комисија (поточно Државната комисија за спречување корупција) кој е во тек.

За жал, како и со повеќето работи кај нас, наместо темелен и систематски пристап, повторно сè некако се прави набрзина, ад-хок и преку ноќ, под притисок/ци и со големи можности за грешки, недоследности, па и сосема погрешни решенија. После цела година „крчкање“ на новиот Закон, тој се донесе неделава со согласност од опозицијата, откако власта прифатила половина (20-тина од нивните 40) барања/амандмани.

И тоа би било во ред и пожелно за постигнување на толку посакуваниот консензус барем за нешто во нашето поларизирано општество. Прашањето е, како и со Законот за амнестија и слични други постапки кои се направија за да се обезбедат доволно гласови за уставните измени, која беше „цената“, односно кои решенија се прифатени а за сметка на ослабување на законот и/или на надлежностите на идната Антикорупциска комисија.

Од она што можеше веднаш да се забележи со изгласувањето на законот, дел од тие работи се комплицирањето на постапката за увид во партиските сметки на избори или исклучувањето од можноста за пријавување на сите поранешни членови на Антикорупциската комисија. Иако има аргументи за ваквите решенија, повеќето аргументи се против (односно во корист на поширок опфат на надлежности на Комисијата и на поголем избор од докажани професионалци во оваа сфера), па прашање е дали и зошто ова воопшто било потребно да се направи.

Друго прашање е зошто се донесоа сега? Прво просто објаснување (кое го дава и Собранието) е дека претстојат (барем) претседателски избори и за нив треба да има Антикорупциска комисија. И тоа е во ред – ама можеше да ја има уште од лани ова време. Второ објаснување е притисокот од ЕУ за реформи, од кои оваа најчесто се спомнува од ЕУ делегацијата тука. Но ЕУ ова го зборува уште од времето на извештајот на Прибе, ама изгледа сега го спомнува и „стапот“ односно стандардната закана, дека ова е еден од трите лански услови од заклучоците на ЕУ за проширувањето, па ако нема закон и комисија за антикорупција – ќе нема ни препорака за почеток на преговорите (без оглед на тоа што го протуркавме Преспанскиот договор). Трето (логично) објаснување е дека оваа работа не смееше да го наруши процесот на уставни измени, па така – како и многу други работи, се остави за после тоа гласање. Арно ама, заради тоа, се изгубија месеци, ем без функционална Антикорупциска комисија, ем на крај со закон кој има пропусти и нелогичности.

А дека е така, доволно е да се погледа на интернет-страницата на „Академик“, каде што прават пречистени верзии на законите (неофицијални, но секако корисни), како и коментари за такви пропусти, па така за овој закон може да се видат не помалку од 35 проблеми, од печатни грешки, преку погрешни зборови, до референцирање на погрешни членови (во еден случај и самиот на себе) – за кои веројатно е заборавено да се коригираат после „ноќните усогласувања“ на партиите пред гласањето.

Сè на сè, недоволно сериозно, да не речам несериозно, па сето тоа ја доведува во прашање политичката волја навистина да се работи на борба против корупцијата и посветеноста на партиите да се справи со овој проблем, кој сите години на транзицијата е меѓу петте најголеми во државата, а во последните години стана и главната причина за граѓанското незадоволство и на повиците „нема правда, нема мир“.

Друг, веројатно и поголем предизвик, ќе биде изборот на членовите на новата Антикорупциска комисија. Секако е добро што се подигнати критериумите и подобрен процесот на избор, меѓу другото и со јавно сослушување на кандидатите (со ТВ-пренос). Но, од друга страна, прашање е дали ќе има доволно кандидати кои би ги исполнувале, односно кој е капацитетот на државата да продуцира доволно соодветни кандидати. Со објавувањето на огласот дел од колегите од граѓанскиот сектор, кои со години се занимаваат со оваа проблематика и би требало да бидат одлични кандидати, сметаат дека не ги исполнуваат сите критериуми и мислат воопшто да не се пријават. Второ, и да има теоретски (или и во пракса – ќе видиме до вторник) доволно кандидати – прашање е дали тие воопшто ќе се пријават? Меѓу другото, и заради малата политичка волја на партиите и очекуваните големи опструкции во работата, па некои од нив сметаат дека тоа би била „борба со ветерници“. Но, огласот е веќе објавен и рокот е краток (уште еден проблем со брзањето), па наскоро (идната недела) ќе видиме дали и со какви капацитети располага Македонија да се бори против корупцијата.

Како одеше процесот со законот во Собранието, не дава многу надеж за оптимизам по ова прашање, но, да видиме кој сè ќе се пријави и кој ќе биде избран во Антикорупциската комисија, а во секој случај потоа ќе им посакаме многу успех во работата – напредок во борбата против корупцијата, качување на скалата на Индексот за корупција (да дојде и повисоко од 62 место до кое стигнавме пред многу години), да почнат да се појавуваат големи цифри на бројчаникот на „Портата Македонија“, а не како што велат во „Фчерашни новости“ – да покажува „минус“) и да се искорени ситната корупција од јавната администрација (како што велат, „стотче“ во евра, за каков било документ што ви треба и ви следува, а не сакате да го чекате последниот можен рок и да го добиете).