Борба за кислород во Македонија


Итна примена на краткорочни и среднорочни мерки насочени кон намалување на загадувањето на воздухот и здравјето на граѓаните да биде ставено највисоко на листата на приоритети кога се носат стратешки документи, бара граѓанската организација „Еко-свест“ од Министерството за животна средина и Градот Скопје.

Нивното којзнае кое по ред барање доаѓа по последните драматични податоци на Светската здравствена организација дека граѓаните во Македонија  дишат најзагаден воздух во цела Европа. Поради тоа земјава е во врвот на листата со воздух кој има највисоки дневни и годишни концентрации на ПМ10 и ПМ2.5 честички. Според извештај на ЕУ, за квалитетот на воздухот во Европа од 2018 година, ПМ2.5 честичките се виновни и за 3.000  смртни случаи годишно. Меѓу најзагадените земји во Европа, покрај Македонија се и Бугарија, Полска и Словачка. Од „Еко-свест“ укажуваат дека започнале и онлајн петиција, а собраните потписи со барања ќе ги достават до надлежните.

„Бараме донесување закон на ниво на Град Скопје со кој се забранува употребата на јаглен за загревање во домаќинствата. Ограничување на движењето на возила во централното градско подрачје (комплетно или делумно) и нов зимски сообраќаен режим за градот. Намалување на данокот на додадена вредност за топлинска енергија, со што цената за централно греење значително би паднала и корисниците би се стимулирале да се вратат на мрежата. Стимулирање на приклучување на зградите (нови и стари) кон централното градско греење преку делумно ослободување од трошоците за приклучокот. Подобрување и зголемување на јавниот транспорт во градот, воведување нови ефикасни линии. Строго санкционирање на палењето диви депонии и жетвени остатоци“, велат од „Еко свест“.

Од Државниот инспекторат за животна средина нагласуваат дека инспекторите се секојдневно на терен, а ако нешто утврделе, ќе се воделе постапки. „Согласно со кварталните планови за работа, инспекторите излегуваат на терен. Може да е закон за воздух, закон за отпад или бучава. Не можеме да кажеме дали нешто утврдиле. На крајот на кварталот се прави квартален извештај и за секој предмет има генеза што се води за постапката. Дали има записник, дали има решение? После се прават квартални извештаи кои се доставуваат на одобрување. На крај во годишниот извештај се става сè и се испраќа до јавноста. Доколку Министерството во рок од два последователни дена утврди дека има надминување на одредени параметри, стапуваат во сила мерките и ние од тие мерки имаме само зајакнати инспекциски надзори, е тогаш можеме да направиме вонредни надзори во тие инсталации“, велат од инспекторатот.

Градскиот инспекторат имал засилени контроли на целата територија на Скопје на дивите депонии. Контролите се спроведуваат со комбинирани тимови на инспектори за животна средина, комунални инспектори и комунални редари. Оттаму нагласуваат дека засилените активности и контроли на Инспекторатот на Град Скопје резултирале со драстично зголемување на бројот на мандатни казни, како и со превентивно дејствување, им укажувале на граѓаните како се депонира комуналниот отпад и каде отпадот како градежен шут, кабаст отпад треба да биде однесен и депониран. Во септември и октомври има зголемување на изречени казни дури за 100 отсто во однос на овие месеци лани. Досега до Град Скопје граѓаните пријавиле над 300 диви депонии.

„Зајакната контрола има и на градилиштата во сите општини во Скопје. Во овој период, извршени се контроли на повеќе од 50 локации каде што се вршат градежни активности, при што на изведувачите им се укажува да не се излегува од градилиштата на улица со камиони со валкани тркала и непокриени со церади“, велат од Градот.

Додека граѓанските организации упатуваат пораки на загриженост од аерозагадувањето, а од Инспекторатот за животна средина и Градот посочуваат дека инспекторите секојдневно се на терен, лекарите се децидни дека загадениот воздух негативно влијае врз здравјето на граѓаните, од кое мака имаат децата и оние што се здрави, ама поголеми тешкотии имаат и   пациентите со хронични заболувања.

Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија Дејан Докиќ вели дека најчести симптоми што ги имаат пациентите од загадениот воздух се печење на очите и кашлица.

„Допрва ни следува загадување, оксидативните радикали дејствуваат со придружно воспаление на слузокожата. Оние што се здрави може да имаат благи симптоми, а кај хронично болните загадувањето ја влошува нивната здравствена состојба, особено негативно влијае кај пациентите со белодробни и срцеви заболувања. Симптомите се преплетуваат со една вирусна инфекција и не може секогаш да се разграничат, бидејќи во овој период има и вирусни инфекции. Некогаш се проследени со стегање во градите, тешкотии во дишењето, солзење на очите, затнат носот. Допрва очекуваме да се зголемува бројот на пациенти кои ќе имаат проблеми од загадувањето, во деновите кога ќе има магла и позачестеното греење“, вели Докиќ.

Во анализата на Европската агенција за заштита на животната средина е наведено дека европските држави треба да направат поголеми напори за подобрување на квалитетот на воздухот поради исклучително лошите резултати од влијанието на загаден воздух врз човековото здравје и околината. Токму аерозагадувањето е главна причина за предвремена смрт во 41 европска држава. Речиси 420.000 случаи на предвремена смрт во 2015 година се поврзани со загадувањето на воздухот во тие држави.

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер