Борбата против корупцијата не завршува со интервјуата


Наум Котевски

 

Аирлија нека е. По речиси една година добивме подновена Антикорупциска комисија. Подновена а не нова, затоа што во нејзиниот состав влегоа двајца досегашни кадри од Државната комисија за спречување на корупцијата, плус двајца ревизори, двајца претставници од локалната самоуправа и еден новинар.

Ревизорката Билјана Ивановска ќе биде шефицата (иако немаше освоени најмногу бодови) бидејќи таа на листата на селектирани кандидати е прва која аплицирала и за претседател на Комисијата, што ќе рече имала најголема храброст. Другите што се на ранг-листата,  Владимир Георгиев, Софка Пејовска-Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски, поднеле пријави само за членови на Антикорупциска.

„Седумтемина величествени“, ќе се согласите, се познати за помал дел од јавноста, за поголемиот се анонимуси. Но тоа сега можеби не е најважното, иако природата на функцијата што досега дел од нив ја извршувале сама по себе им дала огромен простор да бидат „бог и батина“ токму во делот на борбата со корупцијата.

Со законските измени дефинитивно се настојуваше на некој начин да се деполитизира изборот на членовите и претседателот на Антикорупциска комисија, а се воведоа и посериозни критериуми за избор на членови, кои треба да имаат дебело искуство во областа на спречување на корупцијата. Се воведоа и одредени новитети како јавни интервјуа за зголемување на транспарентноста во изборот на кадарот. Но да не се лажеме, целиот процес доби политички печат со самото тоа што првично предвидената бројка од пет члена (што би ја зголемила ефикасноста, но и би ги намалила можностите за политички притисоци) повторно отиде на седум поради барањето на ДУИ за „правична застапеност“, поточно за членство на двајца Албанци, а не на еден. Згора на тоа, вчера дознавме дека еден од членовите, Нури Бајрами, е баџанак на претседателот на Собранието, Талат Џафери.  Арно ама, сопругот на сестрата на сопругата на Џафери во тоа не гледал проблем. Какво потклекнување, какви притисоци, какви бакрачи. Ќе работел топ, ќе се борел против корупцијата до последната капка пот!

Чесно е во моментов да се нагласи дека драстично се зголемени ингеренциите на новите антикорупционери. Меѓу другото ќе може да отвораат постапки пред судски инстанции, а ќе имаат контрола над секој денар во финансирањето на политичките партии, ќе ја следат и законитоста на финансирањето на изборните кампањи… Но, кај нас не паднала некоја крупна функционерска ѕверка за корупција, а камоли да видиме цела партија на колена, иако беа утврдени милионски нерегуларности. Доколку новите антикорупционери немаат забавен метаболизам и ниска телесна температура и излезат од карактеристичната хибернација, ќе се види дали и правосудството е способно да се фати во костец со обвинувањата за корупција на високи функционери, па и со своите највисоки претставници.

Широкиот дијапазон на надлежности и построгите критериуми за избор на членови секако дека се еден тип гаранција за професионално работење. Но на крајот, изборот е политички и доаѓаме до единствената вистина дека сè зависи од членовите, односно од тоа дали тие ќе потклекнат на евентуалните политички притисоци и ќе станат политички лојални, или, пак, ќе преовладее нивниот професионален и личен интегритет.

Ниту една влада досега не се зафатила сериозно со корупцијата на високо ниво. Тоа важи и за актуелната Влада, чии функционери беа дел од низа коруптивни афери. Полни им се устите на сите дека тргнуваме во одлучна битка против организираниот криминал и системската корупција, дека никој не е посилен од законите, дека битката со корупцијата е битка за секој човек во државата.

Последниот состав, кој се разбега откако беше фатен во незаконско работење, за што отвори случај и Јавното обвинителство, премиерот Зоран Заев во ТВ-интервју на крајот од 2017 година го нарече „тапа џонсон“.

„Оваа Комисија сега е ‘тапа џонсон’, нема врска, не треба да постои. Но јас не сум Груевски за да се мешам во независни тела“, рече Заев. Останува сега да видиме каков ќе биде овој, но истовремено ќе видиме и колку власта ќе ѝ дозволи на комисијата да ги спроведе своите надлежности и да удри во врвот на пирамидата. Тоа ќе биде исклучително важно за земјата, како што рече директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување при Европската комисија, Кристијан Даниелсон, на утврдениот пат кон ЕУ.