Благо разочарување во Македонија по оставката на Матис


Шефот на Пентагон, Џејмс Матис, кој допатува во Скопје пред референдумот  симболично да аплаудира за, како што рече, неуморните напори да се постигне историскиот договор со Грција, е последно на богатата листа имиња кои ја напуштаат администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Но како што коментираат светските медиуми, веројатно тоа е најважното и со најголемо влијание досега.

Матис во мај годинава ѝ беше домаќин во Пентагон на министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Тој даде јасна поддршка за референдумот за прашањето за името, но изрази и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.

„Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ“, рече Матис пред доаѓањето во Скопје.

Матис несомнено беше еден од неколкуте симболи, неколку места на сила и безбедност во администрацијата на Трамп. Или како што напишаа дел од американските медиуми, еден од последните „возрасни личности во собата“.

Во македонските дипломатски кругови веста за заминувањето е пречекана со одредена доза на разочарување.

„Матис (68) е дел од т.н. стара гарда – генерал маринец со четири ѕвездички и четириесет години кариера. Трамп во една прилика рече дека Матис, кој е познат и под прекарот ‘бесен пес’, е многу мек и дека е наклонет кон демократите. Тоа обвинување дека тој е продемократ практично беше ‘смртна пресуда’ во редовите на републиканците. Огромен е контрастот меѓу Трамп и Матис. Тие се судрија околу трансатлантската алијанса. Заложбите на Матис се темелеа врз трансатлантско партнерство преку НАТО во кое секако е вклучено европското сојузништво. Трамп не верува во тоа. НАТО и Европа не се неговите приоритети. Неговата политика е ‘трансакциска политика’ – што добива и што губи. Фокусот целосно му е завртен кон Кина“, вели во разговор за „Независен“ искусен дипломат.

Пораките на Трамп до европските сојузници, според него, имале заканувачка интонација: учествувајте со повеќе финансиски средства, во спротивно водете си самите сметка за безбедноста.

За време на претседателската кампања, Трамп еднаш го нарече НАТО „застарено“. „Токму на овој план контрастот со Матис не може да биде поголем. Кариерата на Матис вклучуваше и раководење со командата на НАТО-алијансата, која за него беше круцијална и тој редовно ја искажуваше својата поддршка за европските сојузници“, вели нашиот соговорник.

Иако не може стопроцентно да тврди, сепак, како што вели, проценките се дека Македонија нема да трпи посериозни последици во однос на политиката на проширувањето, од причини што САД имаат цврста стратегија да ја притиснат Русија кон истокот.

„Важно е, сепак, да се види кој ќе биде наследникот на Матис. Досега Трамп беше опкружен со неколку соработници кои ги омекнуваа неговите ставови убедувајќи го дека алијансата е децениска стратегија која не смее да доживува силни деконструкции во својот основен концепт“, вели дипломатот.

Ексамбасадорот во НАТО, професорот Нано Ружин, е посамоуверен и става „рака во оган“ дека одредените промени во политиките на САД нема да имаат никакви негативни импликации врз нашите евроатлантски интеграции.

„Политиката на Трамп е: Америка прва, за разлика од онаа на Барак Обама чие мото беше: Ако светот е мирен, и САД се мирни. Како и да е, политиките на САД не се дневни политики. Станува збор за долгорочна стратегија во насока на етаблирање на надворешната безбедносна политика. Политиката на ширење на НАТО егзистира без пречки и тоа САД го прават со големи амбиции и голема поддршка. Во таа насока, според мене, воопшто не е важно кој ќе биде наследникот на Матис“, вели Ружин.

Приговорите на Пентагон за намерите во Сирија, кои Матис и други безбедносни службеници ги изнеле зад затворени врати и во приватни телефонски разговори, се однесуваат на стравувањата дека толку наглото повлекување ќе ги остави во небрано американските сојузници, особено Курдите.

„Во Сирија е извојувана победа. Тоа е една од ретките точки каде што се согласуваат САД и Русија. Присуството на американската војска во Сирија чини огромни финансиски средства. Во однос на проблемот со Курдите, тоа е геостратешкиот влог со Турција. Помалку важните секогаш губат, таква е реал-политиката“, вели Ружин.

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, оценува дека освен договорот со името нема ниту еден друг засебен проблем или група проблеми што може да нè попречи кон членството во НАТО, што значи дека тоа зависи само од спроведувањето на договорот од Преспа. Ако кон средината на јануари се финализираат уставните промени, во февруари најверојатно ќе потпишеме пристапен протокол со алијансата по што нашето членство оди во ратификација во парламентите на сите 29 земји членки на НАТО.

„Македонија ги исполни условите за влез во НАТО уште во 2008 година бидејќи во коминикето од НАТО од Самитот на алијансата во Букурешт таа година се вели дека кандидатот ги исполни сите услови освен договорот околу името со Грција. Ние сме најдолговечниот кандидат, бидејќи 19 години имаме статус кандидат за НАТО, како што е Турција за влез во ЕУ. Ние сме најдобро подготвениот кандидат во историјата на алијансата, бидејќи сме поминале 19 циклуси на годишна национална програма“, изјави Пендаровски.

Наум Котевски