Бегството на Груевски и митот за ЕУ


Здравко Савески

Бегството на Никола Груевски донесе делегитимација на власта и по последната (и најсилна) основа. Многумина беа подготвени да им го простат владеењето на ист, па и на полош начин во однос на претходната власт, но очекуваа Груевски да си го добие заслуженото, да заврши в затвор заради корумпираното владеење. Постоеја стравови дека корумпираните врхушки ќе направат дил и дека Груевски ќе ја избегне правдата. Па кога се случи тоа, власта го изгуби и оној климав легитимитет што го имаше во очите на голем дел од своите неклиентелистички поддржувачи. За оние другите, за клиентелистичките поддржувачи, се разбира дека не мора да се грижи. Сè додека тие извлекуваат лична корист од власта, до крај ќе ја поддржуваат. Но дали СДСМ (или кој било друг) може да владее на долг рок само со поддршката од клиентелистите?

Со бегството Груевски престана да биде само македонски проблем. Тој стана и унгарски и европски проблем. Во Унгарија, под автократската палка на Виктор Орбан, давањето азил на Груевски за секој нормален унгарски граѓанин претставува уште еден показател за забеганоста на нивната власт и го наметнува прашањето: дали нивната земја ќе се претвори во прибежиште за десничарските автократи ширум Европа и пошироко?

Аферата „Груевски“, исто така, е сериозен европски проблем, зашто се надоврза на поширокиот проблем што ЕУ го има со Унгарија (и Полска), а кој во голема мера ја разоткрива немоќта на ЕУ да дејствува согласно своите прокламирани цели. Ако ЕУ не може да ѝ наложи на својата членка Унгарија да не го попречува владеењето на правото во земјата кандидат за членство Македонија и ако ЕУ не може да обезбеди демократија и владеење на правото во своите земји членки, како тоа ќе се одрази врз довербата во ЕУ? И помеѓу нејзините граѓани и помеѓу граѓаните на земјите кандидати за членство? Ако на тоа се придодаде скорешното заминување на една од побогатите членки, Велика Британија, а што ќе се одрази врз моќта на ЕУ да ги помага своите посиромашни членки, што во таков контекст ќе остане од европскиот сон?

Од НАТО испраа раце околу аферата „Груевски“. Јенс Столтенберг го сведе проблемот на билатерално прашање помеѓу Македонија и Унгарија. Без разлика што Унгарија е членка на НАТО и без разлика што од НАТО милуваат да шират пропаганда дека биле посветени на демократијата и владеењето на правото. Ниту празна осуда, без каква била реперкусија, не упати Столтенберг до Орбан. Впрочем, НАТО не упатува критики кон Унгарија и за многуте други кршења на демократијата и човековите права што се случуваат таму. Наивно е да се очекува да биде поинаку. Демократијата за НАТО е празен збор со кој само пригодно мавтаат кога тоа им служи на нивните цели.

Малку поразлично е со ЕУ. За ЕУ не може така категорично да се тврди дека гајле им е за демократијата. Знаат да ја лишат од суштината, многупати тоа се има покажано, но сепак незаинтересираноста на НАТО за демократијата барем не е во толкава мера изразена во институциите на ЕУ. И од ЕУ реагираа, за волја на вистината. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан твитна дека азилот на Груевски заслужува дополнителни објаснувања од унгарските власти. Поексплицитно настапи Европскиот парламент. Тој баш и не гласаше за екстрадиција на Груевски од Унгарија, како што пренесоа многу македонски медиуми. Нема такви надлежности. Тој, во својот извештај за Македонија изгласа став според кој „очекува од Унгарија да дејствува стриктно во линија со соодветните национални и меѓународни закони преку позитивен одговор на ова барање“ за екстрадиција.

И сè ќе се заврши на ова. Можеби ќе има уште некоја повеќе или помалку остра осуда на Унгарија. Но, дека ЕУ има механизам да обезбеди екстрадиција на Груевски од една своја членка – тоа се празни желби. Дури и кога има политичка волја, како во случајот со Европскиот парламент, да им се застане на патот на недемократските практики во земјите членки, ЕУ не поседува ефективен механизам тоа да го спроведе. Спротивно е тоа на она што ве убедува пропагандата? Да, спротивно е, но не помалку точно. Европскиот парламент пред три месеци му објави војна на режимот на Орбан, барајќи од ЕУ активирање на членот 7 од Договорот за ЕУ, кој предвидува воведување санкции против Унгарија, кои можат да вклучат и одземање на правото на глас на Унгарија.

До каде е таа работа, три месеци подоцна? До никаде. Како и што се очекуваше. За да биде казнета некоја земја членка заради непочитување на демократските и европските вредности, за тоа треба позитивно да се изјаснат сите земји членки со исклучок на засегнатата држава. Ако само една земја членка се спротивстави – толку од санкциите. Во реалноста ова значи дека е доволно само две земји членки (од дури 28) да бидат преземени од автократски влади и целата моќ на ЕУ да ги спроведува демократските стандарди паѓа во вода. И тоа се случува сега во ЕУ. Авторитарната власт во Полска застана во одбрана на авторитарната власт во Унгарија, како што претходно Унгарија ја заштити Полска. А, на демократските сили во ЕУ не им преостанува ништо друго освен да мавтаат со резолуции кои во реалноста ништо не значат.

Поради сето ова, заборавете на екстрадицијата на Груевски. ЕУ е немоќна да ги заштити демократските стандарди во своите земји членки. Потребно е само две од 28 земји членки да бидат освоени од авторитарните сили за ЕУ да се парализира. И најстрогите зборови на осуда ништо не вредат кога не се проследени со акција. Она што е единствена променлива во случајот е дали некој во Македонија ќе понесе одговорност поради бегството на Груевски или никого мува нема да го полази? И во врска со ова, власта сака неодговорно да владее, но прашањето е дали ние ќе им дозволиме така да се однесуваат?

Немоќта на ЕУ да ги заштити демократските стандарди во своите земји членки е исклучително важно прашање за нас. Го памтите камшикарот на Зоран Заев? Таа негова очајно лоша изјава (една од многуте) сепак го даде посакуваниот ефект. Колку само граѓани решија да го поддржат референдумот, надевајќи се дека по зачленувањето во ЕУ, навистина ќе дојде некој од таму и со камшик ќе ја натера власта во Македонија да работи како што треба. Каде е тој камшикар сега во Унгарија? Станува збор за земја која 20 години е членка на НАТО и 15 години е членка на ЕУ. Како тоа не изврши позитивно влијание врз Унгарија? Па, не е Унгарија од вчера во НАТО и ЕУ! Зошто во оваа долгогодишна членка на НАТО и ЕУ демократските стандарди не само што не се почитуваат, туку вртоглаво паѓаат? И зошто демократските стандарди таму се далеку пониски сега отколку кога таа земја не беше членка на НАТО и ЕУ?

Аферата „Груевски“ ги разголи работите до нивната сурова реалност. Ја разголи власта, која или направи политички дил со ВМРО-ДПМНЕ, кој предвидуваше бегство на Груевски, или се покажа апсолутно неспособна да го предвиди и спречи неговото бегство. Трето нема. И во двата случаи, од власта требаа да следуваат оставки, но таа, разголувајќи се дополнително, одби да постапи согласно демократските стандарди. Но, разголувањето не завршува тука. Аферата „Груевски“ ја разголи и немоќта на ЕУ да обезбеди почитување на демократските стандарди во своите земји членки. Тоа, пак, покажа дека камшикарот на Заев не е ништо друго освен празна надеж на мазохистичкиот апатичен ум. Во оние земји членки на ЕУ каде што има високи демократски и социјални стандарди, тоа е така не поради ЕУ, туку зашто нивните граѓани се изборија за тие стандарди. Ако и ние ги сакаме тие стандарди во Македонија, треба да престанеме да имаме празни надежи за некакви камшикари и спасители. Онолку добро ќе живееме колку што ќе се избориме и, следствено, колку што ќе заслужиме.