Бајпас-решенија за ДИК и за Антикорупциска


Министерот Венко Филипче не се откажува од централизирана набавка на биохемиски реагенси за цела држава, иако првиот тендер пропадна и поради скандалозните тврдења во јавноста и поради преголемата набавка предвидена за само еден набавувач. Фондот за иновации, пак, го тресеа големи скандали со доделување грантови за технолошки развој на фирми чии сопственици се партиски функционери и лица кои се дел од извршната власт. Опозицијата и дел од медиумите, исто така, постојано обвинуваат за тендери во четири очи и за непотизам. Додека министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, најавува департизација, дел од партиските членови на СДСМ, пак, јавно им се заблагодаруваат на високите функционери што ги вдомиле во државните институции.

Иако Основното јавно обвинителство оформува предмет по допрен глас, како во случајот со Фондот за иновации, но сето тоа, барем засега, завршува без епилог. Од друга страна, регулаторните тела како Државниот завод за ревизија и Антикорупциската комисија, кои се должни да спроведуваат политики за спречување на корупцијата, да ги штитат интересите на граѓаните како даночни обврзници и да проверуваат дали јавните средства се трошат наменски и ефикасно, и натаму не може да си ја извршуваат својата функција. Заводот за ревизија, кој спроведува ревизија на работењето на органите на централната и локалната власт, цела година е без главен државен ревизор. Претходниот главен државен ревизор со ова тело раководеше од 2007 година, колку што траеше парламентарното мнозинство кое го стави на функцијата. Сега со Заводот раководи заменик на главниот државен ревизор, Насер Адеми. Новиот главен државен ревизор требаше да се избере пред неколку месеци во пакет со директорот на ОТА, но тоа не се случи. Вчера, иако побаравме, не добивме одговор од партијата која е причината што фотелјата и натаму е празна.

Актуелната власт го укина и Советот за јавни набавки со образложение дека тој ги кочел набавките. Засега никој не знае дали се планира да се воведе некое друго сродно регулаторно или контролно тело.

Годинава практично ја поминавме и без постоење на Антикорупциска комисија што е своевиден преседан. Но, да нема грижи. Наскоро ќе ја добиеме, но не како што беше предвидено според новиот предлог-закон за спречување корупција и конфликт на интереси. Сега најавите се дека ќе се избира нов преоден состав според стариот закон од 2002 година со мандат од само неколку месеци со цел да се задоволи формата (или како што партиите ја викаат законски вакуум) – и пред претседателските избори, сепак, да имаме Антикорупциска комисија. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, како претседател на Комисијата за избори и именување, пред два месеца иницираше комплетирање на Антикорупциската комисија во случај на предвремени парламентарни избори, во периодот кога беше неизвесно двотретинското мнозинство за пристапување кон уставните измени. Тогаш Собранието распиша оглас на кој се пријавени 39 кандидати, меѓу кои поранешниот јавен обвинител, Александар Наков, Маја Малахова, поранешна судијка и претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки, Злате Димовски од Факултетот за безбедност, адвокатот Ангеле Илиевски кој го бранеше Зоран Верушевски, Чедомир Дамјановски од Лустрациската комисија и други.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата не прифаќа новите антикорупционери да бидат предмет на меѓупартиски преговори со што би се продолжила досегашната практика на лојалност кон политиката на власт, наместо нејзина активна контрола и почитување на законите. Бараат изборот да се одложи се додека не се донесе новиот закон.

Дел од нив во изјава за „Независен“ реагираат дека и новиот предлог-закон низ текот на двомесечната јавна расправа, наместо да се профилира во построго законско решение од првичната нацрт-верзија, добил на еластичност во одредени важни сегменти. Па, така, Антикорупциската комисија и натаму ќе биде составена од седум члена, иако според претходната верзија на законот таа бројка беше намалена на пет, за што беа согласни сите вклучени страни. Сепак, уште во јавната дебата се насети дека поради правичната застапеност некои политички партии ќе бараат повторно да се оди на седум, наместо со пет члена. На такво решение, според одредени информации, инсистирале од ДУИ бидејќи во концептот со седум члена загарантирани се две места (а не едно) за членови од албанската етничка заедница.

Како главна причина во одолговлекувањето на одредени реформи се посочуваат политичките турбуленции што се случуваа во последните месеци во земјава, почнувајќи од блокадата на распишувањето на референдумот, неговото одржување, а потоа и пристапувањето кон уставни измени. Со тоа, како што се тврди, се изместил фокусот од реформите.

Според дел од невладините организации, пак, ова што се случува околу Антикорупциската комисија, но и претходно со продолжување на мандатот на партискиот состав на ДИК (на период не подолг од две години), повторно со образложение дека е изнуден потег за да може да се спроведат претседателските избори во април наредната година, е доказ дека владејачката гарнитура со сесрдна помош од опозицијата каска во спроведувањето на реформите и посегнува по некакви бајпас-решенија кои немаат врска со суштинските реформи што ги бараше Рајнхард Прибе. (Н.К.)