Америка и Русија ја издуваа скопската магла


Ерол Ризаов

Слатко се изнасмеав кога Америка и Русија, двете најголеми планетарни сили, ни понудија идеи по многу поволни цени, речиси бадијала, да се расчистат маглата и смогот во најзагадениот град во светот, во нашето Скопје. Ќе речете работата не е за смеење, туку за плачење. Така е, ама и црниот хумор знае убаво да насмее. Башка, ситуацијата кога двајца светски прваци бркаат густа магла, со нож да ја сечеш, кај третиот светски првак во загаденост душа дало за хумор и сатира. И, гледај чудо невидено, ја издуваа, цели три дена во Скопје нема магла и може слободно да се дише ако имаш маска.

Да бидам искрен, ми дојде како мевлем на рана кога ги видов некни во хотелот „Парк“ амбасадорите на Америка, Џес Бејли, и на Русија, Олег Шчербак, како без маски на лицето дегустираат грчки вина и мезат суфлаки, магла и смог, како убав гест на саможртва за расчистување на повеќедецениската балканска загаденост меѓу Атина и Скопје. Тимот на амбасадорот Бејли, кој ги претставува САД и претседателот Доналд Трамп, прв се огласи со барање добри предлози како да се расчисти маглата и загадувањето на Скопје. Додека затруените жители уште размислуваа за убавите американски понуди, веднаш се огласи со одговор тимот на амбасадорот Шчербак, кој во Македонија ги претставува Русија и претседателот Владимир Путин: Ветерот што ќе дувне од Сибир по гасоводот „Турски тек“ за неколку децении ќе стаса во главниот град на Македонија и сиот смог и отров ќе ги издува. Скопје ќе стане бисер балкански, чист и пречистен како солза. Сите што ќе преживеат дотогаш ќе можат лично да му се заблагодарат на претседателот Путин, кој и тогаш ќе биде претседател на Русија.

Мене ако ме прашате, повеќе ми се допаѓа идејата на Н.Е. Шчербак бидејќи гас како гас, без боја и без мирис, за помалку од дваесет-триесет години ќе стаса до секоја куќа, до секоја фабрика, до секој автомобил, камион и автобус, што ќе означи крај на загадувањето. Дотогаш Македонија ќе се исчисти и од ѓубре, и од диви депонии, и од фабрики и рудници, од железарници, и топилници, од разни пестициди и од отрови и на крајот и од луѓе, и кучиња, и мачиња, и од други живи створови. Ќе нема потреба од изградба на пречистителни станици за водите оти ќе нема ни вода. Тогаш можеме да го закопаме и стариот гасовод кој ако работеше со полн капацитет досега ќе имаа потполна гасификација на сите поголеми и помали градови во државата, се разбира, сосе Скопје.

Имам идеја и за богатите Американци кои можат да ја исфинансираат. Многу е едноставна. Треба да се урне сѐ што им стои на патот на ветровите кон Скопската Котлина што дуваат откај Шар Планина, од Скопска Црна Гора, од Водно и од Китка и откај Егејското Море…. Сите тие монструми од зградетини, гаражи на спратови, кули и бедеми треба да се срамнат со земја, да се отстранат препреките по теченијата на притоките на Вардар, да се отстранат од сообраќај мртовечките сандаци на тркала кои се произведени во минатиот век и се тркалаат по патиштата на Македонија, чурејќи како парни локомотиви, да се затворат најголемите загадувачи и гасни комори во државата, кои сѐ уште се водат како фабрики, да нема топилници и рудници. На вработените да им се плати обесштетување за труењето по едно сто илјади долари по глава на затруен и да им се понуди нова соодветна работа. Гасификацијата со нова поголема цевка, оти старата зарѓавела, останува како можен дополнителен проект.

Велите ова е неверојатно и неостварливо. Се лажете, тоа е исто толку остварливо колку што е можен еден уште пограндиозен проект од американското и руското производство на ветер против магла, а тоа е пловен канал меѓу Средоземното и Црното Море преку Вардар, Јужна и Западна Морава, преку Дунав… и така до Тихиот и Атланскиот Океан, од Солун преку Скопје и Белград до Флорида од таму до ‘Ртот Добра Надеж, па сѐ до Балчак… Сето тоа е остварливо штом негде на Балканот наближат избори.

И, сега, конечно најдобриот, најевтиниот и вистински предлог што ми го даде чистачката што го чисти нашиот влез. Таа вели, абе комши, сѐ е до луѓето, ако не се кашка, лесно се чисти. Кога секој ден се прави цел влез бербат, многу е тешко, ништо не искача, а и да излезе пак смрди… ме разбираш. Нели.