Албанија ѝ врти грб на коцката – ние кокетираме со неа


Кој уплатил ливче – уплатил, кој „завртел“ на лесно достапен начин некое „овошје“ на апарати – „завртел“. Граѓаните на Албанија за да си ја задоволат страста за игри на среќа по новогодишната ноќ ќе мора да се помачат. Казината и спортските обложувачници веќе нема да им бидат пред нос. Од први јануари се селат од градските средини во предградијата. Локалите за електронски игри на среќа, кои се на главните улици во градовите, ќе бидат достапни само во хотелите со пет ѕвездички.

Ваквиот радикален рез албанската влада го носи во период кога во нашата земја (каде што ситуацијата со игрите на среќа е исто така алармантна) е актуелен предлог-законот на ДУИ со кој се предвидува „радикална софт варијанта“ – казината и обложувачниците да се оддалечат од училиштата, факултетите, библиотеките, градинките и домовите за згрижување на деца на најмалку 500 метри.

Тоа, како што вели еден од предлагачите, пратеникот Ејуп Алими, бил еден од методите за одвикнување на младите од билтените и коцката. Сопствениците на обложувачниците се жалат дека и на тој начин драстично ќе им се намалела работата, а за законот во Албанија не им се ни слуша. Се молат да не му текне случајно тука некому да го копира премиерот Еди Рама.

Стручната јавност, пак, смета дека предлог-законот нема да донесе никаков ефект.

„Само со таква радикална мерка како во Албанија може да постигнете некаков успех во насока на сузбивање на големиот проблем со кој се соочува општеството, особено помладиот дел од популацијата“, смета социологот Илија Ацески. Тој нагласува дека зависноста од коцкање е поопасен феномен од зависноста од дрога.

„За колку минути може да изодите 500 метри? Зарем таа оддалеченост е проблем да отидете и да се обложите или да се коцкате на апарати? Во оваа насока не треба да се биде ниту грам сентиментален. Јасно е дека во моментов државата нема никаква стратегија за проблемот со игри на среќа“, вели Ацески.

Коцкањето е релативно општествено прифатлив феномен. Се коцка и младо и старо, а доказ за тоа е што, практично, не постои место во земјава каде што нема обложувачница. Ги има на секој чекор, во секоја населба на педесетина метри по неколку. Дел од нив работат 24 часа и со силна пропаганда успешно се нуди невидена забава. За волја на вистината, таква е состојбата и во соседството, особено во Србија, но не и во развиените западни земји.

Станува збор за огромен бизнис. Податоците велат дека во последните пет години во обложувачниците и казината се завртеле 1,4 милијарда евра. Тоа е приходот, а добивката е 56,5 милиони евра.

Во споредба, да речеме со Албанија, каде што граѓаните во 2017 година потрошиле над 130 милиони евра во казина, спортски обложувачници и лото, според податоците на УЈП, македонските граѓани само во спортските обложувачници лани уплатиле 200 милиони евра. И државата има ќар. УЈП минатата година од персонален данок на добивка, кој го плаќаат самите приредувачи, собрала 38 милиони евра.

Коцката, очигледно, на одреден број луѓе им носи корист, а на други штета. Од аспект на општеството прашањето што се поставува е: дали вкупната корист ја надминува штетата. Заговорниците тврдат дека користа од вработувањата во секторот и приходите од даноците е доволна причина за промоција на оваа активност занемарувајќи ги, според други, размислувањата дека истата вредност може евентуално да се создаде во некоја друга активност. Кога се во прашање даноците, не треба да се загуби од вид дека се регресивни, односно дека повеќе ги погодуваат сиромашните слоеви кои се повеќе склони кон коцката.

„Според проценките, близу 10.000 луѓе во Албанија ќе останат без работа. Но, верувајте, штетата е далеку поголема за општеството отколку користа. Знаете, нехумано е да заработувате врз основа на човечката психологија. Слаб е нашиот одбранбен механизам кон овој феномен. Низа истражувања, пак, покажуваат дека коцкањето е покарактеристично за сиромашните земји. Надежта дека ќе добиете нешто на игрите на среќа и дека така ќе си ги решите проблемите секогаш постои“, вели Ацески.

Но не е само сиромаштијата причината, додава тој, поради која младите посегнуваат по коцката и билтените, туку проблемот опфаќа поголеми размери. Тие, според него, сега растат надвор од некогаш утврдениот систем на вредности, со многу помало внимание во семејствата. И затоа, како што нагласува, неопходна е и многу посилна училишна едукација за штетноста од игрите на среќа.

„Во ново време со појава на интернетот и онлајн игрите, кои се достапни за сите, дојде до нагла либерализација. Таа од аспект на технологијата едноставно е наметната. Но државата, сепак, мора да преземе сè што е во нејзина моќ да го намали проблемот колку што е тоа можно“, нагласува Ацески.

Во недостиг на некоја поригорозна регулатива, што е карактеристично за овој дел од светот, луѓето се одушевуваат од вестите кои зборуваат за „саморегулација“.

Таква беше веста за обичен човек од Бања Лука кој нашол оригинален начин да ги победи обложувачниците, така што си отворил своја домашна обложувачница. Ги заменил улогите. Станал сопственик на обложувачница во која има само еден активен играч – самиот тој. Ќе одигра ливче според коефициент од обложувачниците, ќе го напише на лист хартија, а парите за уплата ги става во каса. Ако не погоди, влогот си стои во каса. Ако погоди, си зема добивка. По еден месец секојдневна игра, погодил само еднаш, со добивка од 120 марки, а имал уплатено 150. Ете начин да си ја задоволите страста ем да ги победите обложувачниците.

Наум Котевски