Аждерски третман на општата дезориентираност


Марија Павлеска

Битолскиот театар е единствениот театар кој оваа година излезе со мото за својата нова сезона. Следејќи го мотото „Ако ви е добро, тогаш ништо“, овој театар направи и избор на режисери во чија бескомпромисност и посветеност на театарот ретко кој се сомнева. Имињата што беа поканети да режираат важат за едни од најзначајните во регионот и пошироко. Па така, денес, на еден месец пред крајот на годината, Битолскиот театар е можеби единствениот кој ќе ја исполни во целост програмата зацртана за оваа година, со три премиери зад себе и една детска претстава чии подготовки се во тек.

Битолскиот е најверојатно и единствен во споредба со останатите театри и во тоа што не замени одобрен проект од програмата со друг проект; освен една мала промена во насловот на претставата во режија на Владимир Милчин, по текст на Евгениј Шварц која од „Змеј“, своето име го промени во „Аждер“.
И овогодинешното шесто издание на „Битола Шекспир фестивал“ понуди богата театарска програма. За истакнување е и што оваа година фестивалот имаше три претстави чии режисери се жени, додека вкупно за шесте фестивалски години гостувале само осум претстави во женска режија.
Иако Битолскиот театар со ентузијазам и посветеност инвестираше во себеси во работа со режисерите Златко Паковиќ, Кокан Младеновиќ и Владимир Милчин, производите од таа соработка можеби му донеле времена среќа на ансамблот, но не и слобода.
Слобода ќе беше доколку театарот се заложеше во правење претстави во кои молкот меѓу репликите, публиката ќе го наградуваше со аплауз. Бадју потенцира дека театарот ќе тргне на вистинскиот пат кога работата на актерот, дијалектиката на телото и на гласот, ќе почнат да заземаат поголема важност од претходно – и ќе се покаже како тие се усогласуваат со обичното трпение, со жилавоста, со способноста за дистанца и за одбивање на спектакуларната корупција, што во денешно време ги бара уметничкото третирања на општата дезориентираност.
Паковиќ за свои соработници во процесот ги зеде оние кои го канеа изминатите години како говорник на протести и културни настани во Македонија. Тие, пак, на претставата ѝ го понудија она што го најдоа по своите подруми, а толку се брзаа во посветеноста што грешка направија и кај презимето на Шекспир во промотивните материјали за претставата.
Младеновиќ во свој стил, избра тема за уметничко „спрдање“, како што се изразува, а успешно го продава низ Балканот и Унгарија каков ангажиран театар. Вицовите се смешни затоа што траат неколку секунди. Колку е подолга должината на вицот, толку и крајот е поизвесен. Така е и со претставата „Но(е)вата Македонија“. Деновиве оваа претстава и претставата „Д-р Фауст“ во режија на Андраш Урбан гостуваа на фестивалот „Дизајр“ во Суботица.
Режисерот Урбан е и директор на овој меѓународен фестивал, а претставите на Младеновиќ, поради тесната соработка изминативе години секогаш биле помпезно најавувани како дел од програмата на фестивалот.
Со што се навраќаме на пишаното погоре, можеби е среќа да се работи со познати режисери, но каде е тука слободата, кога претставите може да гостуваат само на фестивали што истите тие режисерите ги директоруваат?
Третата премиера за оваа сезона е претставата „Аждер“ работена по драмскиот текст „Змеј“ на Евгениј Шварц, а во режија на Владимир Милчин.
Шварц е руски писател, близок со авангардната дружина ОБЕРИУ (Обединетост на реалното искуство) која во 1929 година е основана од Данил Хармс и Александар Веденски. Неговите први дела не побудуваат интерес кај публиката и критиката, но делото „Сенка“ (по мотиви од Х.К. Андерсен, 1940), напишано како политичка сатира, набрзо после премиерата на претставата е симнато од репертоарот. Сепак, најлоша судбина од сите негови дела, доживува токму делото „Змеј“ (Drakon, 1943).
Додека сталинизмот и хрушчовизмот се цензори на делото на Шварц и на делата на неговите колеги „обериути“, кој е денес нашиот цензор и дали и кој тука пишува за нешто воопшто да треба да се цензурира?
„И така, пишувањето на мајчиниот јазик е постојана битка со некаков глобалистички аждер, некаква мултикултурна пеколна машина“, запиша Горан Стефановски.
Денес драми на македонски јазик се пишуваат сè помалку. Всушност, на литературен македонски јазик, освен неколку исклучоци, не се твори воопшто.
И додека Драмската комисија при Министерството за култура за 2018 година на Здружението на драматурзи и сценаристи за организација на конкурс за современ драмски текст и јавно читање од побараните 305.000 денари им одобрило третина од побараните средства (100.000 денари), истата комисија за 2018 година одобри две поставувања на претставата „Змеј“. Едно во МНТ, кое допрва треба да го режира режисерката Н. Витошевиќ и едно на режисерот В. Милчин во Битолскиот театар. И двете претстави се поддржани со идентична сума од 1.800.000 денари (30.000 евра), иако за поставувањето во МНТ од Министерството биле побарани речиси 4 милиони денари, а за поставувањето на „Змеј“ во Битола биле побарани нешто повеќе од два милиони (2.200.000 денари).

Ако театарот беше навистина слободен, уште со Годишната програма за 2018 година требаше да се поддржат нови текстови, на млади автори и современи релевантни теми. Една држава која решава сериозно да се занимава со театар и култура секоја година треба да организира јавен конкурс за пишување театарски текстови. Изборот да го направи меѓународно жири, составено од значајни режисери. Дали ќе се постават на репертоар, водилка треба да биде разјаснетото чувство на публиката и изнесениот став на критиката. Под разјаснето во македонскиот јазик подразбираме нешто да стане јасно, поимливо, разбирливо.
„Аждер“ е претстава чија фабула доаѓа од древните легенди и во која имаме змеј, јунак и девојка која треба да биде спасена. Јунакот ќе го убие змејот, но ќе помине цела година пред повторно да се соедини со девојката што ја спасува од змејот, а воедно и во која се вљубува. Режисерот на прес-конференција, а и во програмата за претставата, потенцира дека главниот дел и мотивот да се работи ова дело е „аждеризмот“ – послушноста која граѓаните ја имаа кон змејот, после неговото убиство и исчезнувањето на јунакот, станува покорност кон градоначалникот, кој сега ја презема централната – змејова – власт;

Ако ги земеме последните четири драми што режисерот Милчин ги режирал изминативе четири-пет години, ќе забележиме дека драматург не се споменува никаде. Режисерот сам, или со активна улога на членовите од семејството, ги преведува драмските текстови кои ги поставува.
Сметавме дека време е театарот кај нас да почне да отвора други теми освен историски и да почне да работи на поставување актуелни прашања. Сè додека културата и театарот не се разберат сериозно како нужност за градење на вредности – ние ќе продолжиме како држава да спонзорираме дружини што ги окупираат театрите, домовите на култура, музеите и галериите. И на тоа уште станати ќе ракоплескаме.