Џон Мекејн, модел што треба да се следи

Роберт Несими

На 81-годишна возраст минатата недела почина американскиот сенатор Џон Мекејн. Неговиот живот и кариера беа карактеризирани со чесност, храброст, подготвеност да ја зборува вистината и да се справи со властите за што го доби прекарот Одметник. Како и подготвеноста да работи заедно и да прави компромиси со политичари од другата партија. Затоа, не е ни чудно што неговата смрт беше проследена со излив на тага од целиот политички спектрум во САД, со исклучок на екстремистите од двете партии, вклучително и неговата.

Токму затоа видот на политичар каков што беше Мекејн е потребен во денешното време на политичка поларизација, и причина тој да биде модел да се следи од сите политичари, за демократијата да успее. Над сè за него зборува неговиот живот, кој беше обележан од неколку моменти кои го направија политичар каков што беше, бидејќи во зборовите на претседателот Обама „малкумина од нас се предизвикани како што беше Џон, или се барало да покажат храброст каква што покажа тој“.

Џон Мекејн беше роден во семејство на офицери на американската морнарица, па затоа не е чудно што и тој избра таква кариера. Во служба во Виетнам неговиот авион беше погоден, а тој заробен. Како син на адмирал, Виетнамците му нудеа слобода во знак на добра волја, но Мекејн одби ако со него не се ослободат и другите заробеници. Во затвор помина пет години, и притоа беше тепан и малтретиран до тој степен што оттогаш не можеше веќе да ги крене рацете. Но по 20 години, пак, кога беше сенатор, тој беше еден од главните носители на нормализацијата на односите со Виетнам, заедно со друг ветеран од таа војна, демократот Џон Кери. И токму ова виетнамска сага најдобро го отсликува ликот на Мекејн: кој се жртвува за другите, кој може да го остави минатото зад себе и да работи заедно со политичари од другата партија.

Во 1982 година првпат е избран во Конгресот како претставник од Аризона, а таму веќе покажува дека ќе мисли и ќе дејствува како што знае сам, на неколку пати гласајќи против Реган и републиканците. Во 1986 е избран во Сенатот на местото на друга легендарна републиканска фигура од Аризона, сенаторот Бери Голдватер. Набрзо е вмешан во скандал во врска со финансирање на кампањата, заедно со четворица други сенатори. Но по истрагата Комитетот за етика го ослободува од вина, само со напомена дека направил лоша проценка. Типично за него, Мекејн ги влече исправните заклучоци и се соочи со проблемот директно. Заедно со демократот Фејнголд подготвија и потоа изгласаа закон за реформа на начинот на финансирање на кампањите. Тоа е уште еден пример на неговата способност да се соочи со минатото и да работи со политичари од друга партија за тоа што мислеше дека е исправно.

Подоцна во кариерата Мекејн двапати се кандидираше за претседател. Во 2000 се кандидира во Републиканската партија, но ја изгуби номинацијата од Буш. Осум години подоцна Мекејн ја доби номинацијата, но во лоша година за републиканците изгуби од Обама. Една епизода од кампањата најдобро ја илустрира Мекејновата перцепција за јавната служба и потребата за учтивост во политиката. Соочен со симпатизерка која тврдеше дека се плаши од Обама бидејќи тој е лош човек и воопшто не е Американец, Мекејн одговори: „Не госпоѓо. Тој е добар семеен човек и граѓанин, со кој не се слогласувам за некои фундаментални прашања и изборите се само за тоа“. Дури и во жештината на претседателски избори и кампањи, Мекејн ја задржа учтивоста во јавниот дискурс, нешто што треба да го очекуваме и бараме од секој наш политичар.

Во споредба со неговите односи со Буш и Обама, Мекејн имаше многу полоши и непријателски односи со Трамп, се разбира не по сопствена вина. Во неговата кампања Трамп тврдеше дека Мекејн не е херој бидејќи бил заробен. Мекејн никогаш не му одговори, но се разбира во неговиот стил на соочување со властите секогаш беше трн во окото на Трамп во Сенатот. Мекејн беше клучниот глас во спасување на „Обамакер“ кога гласаше против својата партија. Лани, исто така, одржа незаборавен говор во Сенатот кој ја илустрира неговата филозофија за водење политика, кога меѓу другото едноставно кажа: „Само да го спречиш твојот политички конкурент да го прави тоа што мисли е исправно не е баш нешто инспиративно“.

Мекејн најде начин да испрати порака на помирување, а воедно и пркосење на властите и по неговата смрт. Веќе се знае дека тој не сака Трамп да присуствува на неговиот погреб и дека барал претседателите Буш и Обама да држат говор. Ова е повеќе од нормално и симболично за начинот на живот на Мекејн. Двајца поранешни претседатели, еден републиканец и еден демократ, и токму двајцата што го победија на претседателски избори. Силна порака дека Мекејн никогаш не беше лут од политички причини, гледаше преку партиските линии и ја почитуваше учтивоста во јавната сфера, особено од луѓето што на два пати му го спречија патот до највисоката позиција во државата.

Тажно за денешниот свет е што човек како Мекејн веќе се гледа како политичар од друга епоха. Политиката секаде станала поларизирана и се чини дека никаде не може веќе да се најде заеднички јазик за повисоки идеали. Но токму затоа Мекејн треба да биде модел кој треба да се имитира секаде, сега и во иднина. Неговиот живот е полн со лекции за тоа каков треба да биде и како треба да се однесува секој јавен службеник.