Џепароши во државната каса

Ерол Ризаов
Знаете ли како крадеа џепарошите во скопските автобуси. Ќе се качеа неколкумина од нив во преполн автобус и ќе почнеа да ја бараат жртвата со потчукнување на задниот џеб, каде што мажите го носеа паричникот. Или ќе ја лоцираа госпожата која цврсто ја стегнала чантата со две раце. Обично операцијата се изведува кога луѓето се враќаат од работа и тоа во деновите кога примаат плата. Откако махерите ќе одредат кој ќе оди курбан, ќе направат туркање во автобусот и готово – работа е завршена. Жртвата е олеснета. Ајдуците се симнуваат на следната станица и влегуваат во друг автобус.
Ако џепарошот случајно се открие на самото место, возачот вози право во полициска станица. Тогаш паричникот заедно со парите ќе го најдеа на подот. Џепарошите го фрлаат, демек ништо не украле и се прават на удрени.
Така некако ми заличува бркнувањето на рацете во државната каса за земање грантови за иновации, па после откако се откриени џепчиите следува фрлање на портмонето на патос. Многу иновативно џепарошење. Треба да се патентира, за никогаш да не се повтори.
Уште поиновативни ми се старите тендери со нови муштерии. Демек сè е транспарентно. Регистрирај уредно фирма. Јави се на тендер и оп – добиваш убава работа да продадеш во државните болници потребштини за пациенти, но и за здрави луѓе, за едно цирка 35 милиони евра. Десет отсто чист ќар, „бедни“ 3,5 милиони евра. Тоа е заработка со чисти раце, ако бидеш скромен. Ако малку покачиш, можеш да лапнеш и двојно. Добро, да не претеруваме, половината од ќарот ќе оди за трошоци за луѓето кои дошле до генијална идеја да ви овозможат ваков прекрасен бизнис, после кој веднаш се чувствувате како ептен паметен и, како што вели нашиот народ, човек што го бива – само што почна да работи направи милиони. Алал вера. Само што врза чалма, стана оџа. Аферим.
Види го оној снаодлив градоначалник. Си го зел семејството, си го натоварил комбето со цигари и право во Бугарија. Полицајци го фатиле пред време, требало да го пуштат да си ја заврши работата како што треба, да не биде тоа банален обид за криумчарење, туку чист шверц-комерц за кој се оди едно пет-шест години на привремена работа на имотот на Идриз-бег, крај Скопје, а не само 18 месеци, што ќе рече, може да си кметува кметот додека дојде поканата да одлежи троа.
Што мислите – дали човекот веќе од поодамна го знае патот, или ова му е првпат, па конкурентите го накодошиле. И така натаму и така натаму, додека не се ритне како крава лончето со млеко и сè она што е постигнато во изминатата година и пол и што означува со полно право историска шанса за напуштање на арамискиот систем и ослободување на државата од тиранијата и криминалците. Се разбира дека ни оддалеку не може да се споредува владеењето на злосторничкото здружение на Никола Груевски, чии наследници и денес ја попречуваат не само правдата и владеењето на правото, туку иднината на државата, само да се спасат од судска правда ограбувачите на Македонија.
Токму и поради тоа е голем револтот и кај граѓаните и кај медиумите и кај авторите кои го имаат квалификативот на објективност, бидејќи упатувале сериозни критики кон претходната криминогена власт и имаат голем придонес за уривање на груевизмот по мирен и демократски пат. Тоа не се новинари и медиуми полтрони и пропагатори на вмровските злодела како големи успеси, туку професионалци кои си ја знаат работата, чија основна обврска е да ја обелоденуваат секоја злоупотреба на власта и моќта, секој и најмал обид да се посегне раката во туѓ џеб, што е исто со посегнување со раката во државната каса.
Улогата на премиерот Зоран Заев во разоткривање на криминалот и нарушување на човековите права и слободи, злоупотреба на судството и медиумите е веројатно најголема со активирањето на бомбите, чии експлозии докажаа дека сè било вистина што пишувале критичарите на режимот на Груевски, дури и многу повеќе од тоа. Не е споредливо ова што денес се случува и она што го правеше врвот на ВМРО-ДПМНЕ, но последиците можат да бидат исти, односно многу полоши. Губењето на довербата во јавноста заради џепароши настрвени на државната каса и за шверц со цигари на еден градоначалник и поради тендер, кој иако е милионски, е како украдено чоколатце во самопослуга во споредба со милијарди евра ограбени и од државната каса и директно од имотот на граѓаните на Македонија, не можат да бидат оправдување. А уште помалку смеат да бидат обид за минимизирање и забошотување. Демек, не ги зеле парите, ги вратиле, го фрлиле паричникот во автобус, сè било законски, за ова не се поднесуваат оставки, кај ќе најдеме луѓе за да влезат во власта и да станат функционери. Тоа се инфантилни и многу опасни јавни оправдувања на премиерот Заев во време кога сè треба да биде беспрекорно чисто, кога на повидок се најкрупните одлуки во поновата историја на Македонија.
Стравотна е помислата сега да се испушти шансата на столетието за остварување на стратегиските државни интереси, како што се сојузот со НАТО и ЕУ поради некакви грантови и тендери и нечија алчност.
Господа од власта – чукнете ја главата малку посилно за да не ја прокоцкате државата за грст евра. Не е проблем што ќе паднете и ќе ве запалат и што ќе изгорите како стрништа покрај патот, туку што по тој силен ветер заедно со вас ќе изгориме сите.
Деновиве многу ми се измешани чувствата од јадосување и тескоба што ова сега ѝ се случува на Македонија, за да бликам од радост што има силен притисок од јавноста за секоја злоупотреба и претставува вистинска иновација не технолошка, туку природна како цунами, пред која власта се повлекува и ја признава грешката, а не арогантно да ги обвинува критичарите дека се предавници и странски платеници како што работеа претходниците. Во Македонија надоаѓа сериозен бран на критична маса која ќе ги вразуми политичарите и властите дека секој обид да се земе еден денар од државната каса е збогум на политиката. А, незаконското одбегнување на давачките кон буџетот е автоматско седнување на обвинителна клупа. Што поголем фатен капиталец што не платил давачки на државата и направил криминал тоа подобро за превентива и добра вест дека правото и правдата почнуваат да функционираат. Посегнување по грант, бакшиш народни пари, од позиција на функционер, па дури и само со еден процент сопственост во било која компанија е силен судир на интереси. Господа, има банки во државата, земете си кредити како илјадници други фирми. Не цицајте ја државата, не сте избрани за тоа.
Иновативни грантови за професионални медиуми е исто така голема и сосема непотребна утка, заемно шетна и за медиумите и за власта. На медиумите и новинарите во Македонија кои останаа без егзистенција, или одвај преживеале под ударите на режимот на Груевски, кој ги корумпираше и газдите и уредниците во подобните медиуми ширејќи куртонско новинарство, им треба не само голема финансиска поддршка, туку пред сè и амбиент за непречена работа. Јавен оглас за субвенции на сите релевантни медиуми е вообичаена работа речиси во сите земји на европската унија без притоа да се врши притисок на уредувачките политики и врз новинарите. Најсилен притисок е професионалниот однос кон работата, новинарските кодекси и граѓаните кои го одредуваат рејтингот на медиумите. Тоа треба да се прави и негува, а не грантови.
Никогаш не сум сакал да креирам политика, но блиску е до умот кога правите вселенски брод кој треба да го евакуира населението од територија нападната од епидемија на корупција, да не можете да заминете само затоа што на бродот има прекумерна тежина. Затоа, ослободете се од баластот и конечно тргнете кон целта која сите во земјата ја прифаќаат како излез. Нема друго чаре.