Ќе стави ли претседателот вето

Ерол Ризаов

Претседателот на државата Ѓорге Иванов нема да стави вето на Законот за употреба на јазиците. Ова тврдење е многу ризично бидејќи тој во своето последно јавно обраќање во парламентот категорично кажа дека предложениот закон претставува опасност за унитарноста на државата, со што јасно стави до знаење дека се работи за првостепено безбедносно прашање. Во таков случај нема шанса да стои негов потпис на озаконето уривање на територијалниот интегритет на државата. Значи, логично би било да очекуваме претседателот да си молчи и да не го одобри законот. Ама од каде тогаш сомнежи дека сепак неговиот потпис ќе стои за оживотворување на овој законски акт кој предизвика толку многу расправи, полемики и јазик на омраза и нетрпеливост.

Се разбира, претседателот не мора сѐ да објаснува во своите јавни обраќања. Веројатно имал голема потреба да не каже ни збор зошто мисли дека проширувањето на употребата на јазиците на етничките заедници ја нарушува унитарноста на државата. Но затоа тој кажа нешто што не му е својствено, а помина прилично незабележано во јавноста. Претседателот Иванов јавно призна дека проширувањето на употребата на другите јазици во земјата не го загрозува македонскиот јазик, што беше главен аргумент на сите, и научни и квазинаучни и популистички жестоки реакции против донесувањето на овој закон, поточно големото застрашување и вознемирување на јавноста, најмногу поради тоа дека македонскиот јазик е во сериозна опасност пред зголемената употреба на албанскиот и на другите јазици на припадниците на народите што живеат во Македонија, со екстра додавка на небулозата дека сите граѓани од денот на донесувањето на законот ќе мора да учат и да зборуваат албански. Оваа контроверза меѓу двата става на претседателот Иванов во еден ист говор остана неразјаснета од една многу проста причина. Не може да се објасни како и на кој начин, ако законот за јазиците не претставува закана за македонскиот јазик, може да ја загрози државата до тој степен што таа може да се направи парампарче по нови јазични граници многу потенки од етничките. Ова е нерешлива задача и за еден научник оти и досега имавме ваков закон, ама не дојде до етничка поделба на земјата. Па, според тоа, ако сега се зголеми употребата на албанскиот јазик и на другите јазици, опасноста за целината на земјата станува ептен голема, според научно-експертската консултација на претседателот, но и неговата лична перцепција за опасноста од јазичната узурпација на македонскиот говорен и територијален простор. И земјата и воздухот, односно етерот, стануваат нападната територија од непријателот. Па така набргу ќе имаме албански кантон, турско маало, влашка дијацеза, српска покраина, ромско-египетско поднебје, бошњачки санџак, сите до една посебни држави и по земска и по воздушна линија.

И сега како тоа, се осудувам да прогнозирам, претседателот Иванов, кој си остана до крај верен претседател само на ВМРО-ДПМНЕ и на симпатизерите на оваа партија, ќе го потпише ова страшило од закон? Па, токму поради тоа што е претседател само на партијата која го кандидира, тој ќе го одобри овој закон, односно ќе го потпише со две раце оти ако не го стори тоа ќе ѝ нанесе голема штета на својата партија. Во ВМРО-ДПМНЕ, по „победата“ на последните избори нарасна сознанието дека не е можно да се формира влада без мнозинство во парламентот, но што е многу позначајно, најтврдокорните патриоти дознаа дека такво мнозинство е неможно без учество на албанските политички партии. Или, уште поконкретно, партискиот врв разбра кои се причините што ниту една албанска партија не сака партнерство со ВМРО-ДПМНЕ. Не оти довчерашните ортаци во поделба на власта не сакаат и натаму да го делат пленот, туку остро одбиваат коалиција поради неможноста тоа да го направат затоа што тоа не го сакаат нивните гласачи. Албанците во Македонија речиси без исклучок во раководството на ВМРО-ДПМНЕ гледаат злосторничко здружение и криминалци, партнер во кој не може да се има доверба и кој со трикови и подметнување сака да ги пренесе жедни преку вода. Тоа би значело дека на подолг период ВМРО-ДПМНЕ тешко може да направи коалиции со која било албанска партија. Дека ова добро го осознале во ВМРО-ДПМНЕ се виде и на гласањето во парламентот кога оваа партија не гласаше против Законот за употреба на јазиците, иако света должност е на една патриотска партија, ако се озаконува уривањето на територијалниот интегритет на државата, да крене востание. ВМРО-ДПМНЕ наместо тоа одбра кукавички да молчи и да ја бојкотира седницата, дури кога се работи и за опстанокот на државата. И од последните јавни настапи на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јасно се виде дека тој ќе вложи големи усилби да поправи „некои грешки“ и да воспостави добри односи со албанските партии.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов како најлојален поклоник и фан на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде јавно повикуван од партиските телали да стави вето на законот, а во четири очи ќе биде замолен да го потпише толку опасниот закон за уривање на Македонија. Ете, затоа мислам дека претседателот Ѓорге Иванов ќе потпише како учениче сѐ што ќе му испорача партијата. Што мислите, ќе има ли толкава храброст да дозволи пратениците на власта и на опозицијата заедно да го изгласаат Законот за употреба на јазиците во втор обид, па неговото вето да биде тоалетна хартија? Чинам дека веќе некој му шепнал на претседателот дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи едногласно законот ако дојде по вторпат на дневен ред во Собранието, иако повеќе сакаат таа работа место нив да ја заврши уште сега претседателот им.